Словачката жена нема време за себе: Интервју со сопругата на словачкиот амбасадор

Првата зима кога дојдовме во Македонија, веднаш се разболев. Потоа организмот полека почна да ми се навикнува. Ова навистина би требало што поскоро да се реши, вели Жанета Маркушова

Елегантна и непосредна, сопругата на словачкиот амбасадор Хенрик Маркуш - Жанета Маркушова има и една необична пасија - да работи со деца со попреченост, особено со деца со аутизам. Со Жанет разговаравме и за словачката жена, за начинот на живот во нејзината земја, божиќните традиции но и за тоа што ѝ се допаѓа и што ѝ пречи во Македонија.

* Веќе некое време сте во Македонија. Каква е Вашата сегашна слика за земјава?

- До февруари веќе правиме две години како сме тука. Бргу се навикнав овде. Нашите две држави по културата и менталитетот на луѓето се многу слични. И Словаците и Македонците се многу пријателски настроени луѓе. Имате и прекрасна природа. Со сопругот обожаваме преку викенд да одиме со децата во природа, тој вози велосипед, а ние со децата пешачиме и тоа е нашето време да бидеме заедно.

* Што е она што Ви оставило убав впечаток овде и она што Ви боде очи?

- Што се однесува до природата и градовите - неколку пати бевме во Охрид. Овој град е навистина посебно место. Не ми се допаѓа тоа што има многу ѓубре наоколу. Добро е што полека почнува да се работи и на ова - некои организации и поединци се трудат тој проблем да се реши. Луѓето се едуцираат, почнувајќи од децата во градинките.

Загадениот воздухот исто така е голем проблем. Првата зима кога дојдовме во Македонија, веднаш се разболев. Потоа организмот полека почна да ми се навикнува. Ова навистина би требало што поскоро да се реши.

* Што е она што е слично меѓу Македонците и Словаците, а по што се разликуваме?

- Слично е тоа што и Македонците и Словаците се многу друштвени луѓе. И едните и другите кога ќе се сретнат со странци, веднаш се обидуваат да се спријателат, да ги земат со нив и да им покажат што е интересно да се види наоколу. Разликата е во темпото на живеење. Во Словачка луѓето имаат многу помалку време за семејството. Нормално, луѓето би требало да работат по осум часа и потоа да бидат со семејството, но во Словачка има голема динамика што се однесува до работата, луѓето речиси немаат воопшто време за децата, семејството, за себе. Тоа многу ме загрижува, затоа што порано не беше така.

* Кажете ни нешто за словачката жена и како изгледа еден нејзин ден?

- Слично како и на македонската жена. Таа мора постојано да балансира меѓу работата и семејството. Во Словачка е голем проблем жената да пронајде време за себе. Таа многу тешко наоѓа време да оди во некој салон или во кафуле со пријателки.

* Колку се води грижа за одржувањето на традициите во Вашата земја?

- Словаците се традиционален народ. Но, со текот на времето традициите се губат. Постарата генерација е таа која се труди да не се загубат традиционалните занаети и да ги пренесат на помладата генерација. Таков е случајот со резбарството или изработката на глина и керамика. Овие традиции кои како да се изгубија едно време, пак заживуваат.

* Што ви се допаѓа од македонската кујна?

- Македонската кујна е многу слична на нашата. Со мојот сопруг најмногу сакаме тавче гравче. Само што јас никогаш не сум пробала сама да го направам. Мислам дека секоја домаќинка го прави на различен начин, додавајќи свој шмек. Инаку и кај нас се прави слична храна: имаме многу храна на скара слична на вашите ќебапи, плескавици...

* Се ближи крајот на годината. Како Словаците ги одбележуваат божиќни празници?

- На 24 декември обично се собира само најтесната фамилија. Тогаш традиционално се приготвува едно многу вкусно предјадење - еден вид пирошки кои ние ги нарекуваме „пирохи“ со посебен вид пресно сирење кое се меша со шеќер. Прво се прави тестото, па во него се става џем од сливи и сирењето, а потоа пирошките се варат.. Кога се готови само се посипуваат со шеќер.

За Бадник се приготвува супа од кисела зелка. Иако се јаде посно, некои во оваа супа ставаат месо и колбаси, но главно се додаваат само сушени печурки. Главното јадење е пржена риба со мајонез салата.

Божиќ секоја година се одбележува кај некој друг во фамилијата и често се повикуваат и пријатели. Тоа се обично големи собири. За Божиќ се служи пржено пилешко или свинско месо со ориз или со мајонез салата.

Обично ден или два пред празникот, на пазарите се продаваат живи елки и кога елката ќе се донесе дома, фамилијата заеднички ја украсува. По вечерата ги делиме подароците. Ова е особена радост за малите деца за кои ја негуваме тајната дека подароците им ги купил Дедо мраз.

* Во неколку наврати овде инициравте работилници за деца со поопреченост. Од каде тој интерес?

- Јас сум економист по професија, но отсекогаш сум сакала да работам со деца или постари луѓе, па затоа завршив еден вид специјализација и имам сертификат за работа со деца со аутизам. Три години работев во приватна градинка и тоа ми беа најубавите години. Таму имаше и деца со попреченост. Кога видов колку тие се радуваат кога се дружат и прават нешто корисно, добив силна желба да работам со нив. Кога дојдов во Македонија, решив дел од времето волонтерски да се вклучам во активности со овие деца.

Мимоза Петревска Георгиева

Фото: Вангел Тануровски