Портрет на Марија Латиновска: Како дете во дневната соба пред моите најблиски глумев водителка на фестивали и читав вести – соништата се исполнуваат

Марија Латиновска (33) e дипломиран преведувач од италијански на македонски јазик и обратно. Стана препознатлива по нејзиниот глас како радиоводителка. Денес е познато ТВ лице – како новинар и водител на емисијата „Неделен микс“ која се емитува на Телевизија 24.

Себеси би се опишала како личност … Најтешко ми е да се опишам себеси. Но, еве ќе пробам. Личност сум со цврст карактер, дисциплинирана и упорна. Исклучително ми е важна енергијата. Кога има пријатна и убава енергија во нас, истата ја пренесуваме и на блиските. Позитивната енергија не движи напред. Можам да кажам дека сум одговорна, оптимистична и личност која сака да ужива во добра претстава, филм, патување заедно со семејството каде запознавам нови култури, обичаи.

Особина која најмногу ја сакам и ја поседувам е … доброто воспитување. Треба да посветуваме време на воспитувањето на нашите деца, на новите генерации. Исто така, мислам дека е многу важно да бидеме добронамерни едни со други.

Смеј се, тоа е лек за душата. А мојата насмевка е одраз на … тоа како се чувствувам одвнатре. Кога сум расположена, тоа веднаш се приметува. За жал, опсипани сме сè почесто со неубави вести, но треба да си направиме свој свет во кој ќе има место за оптимизам и смеа. Уживам гледајќи добар филм, ме релаксира читањето книги, прошетките во природа, а најзадоволна и среќна сум кога поминувам време со семејството. Треба да ги цениме секојдневните моменти.

Човечката особина која најмногу ја ценам е … Лојалноста. Треба да бидеме лојални кон себе и кон блиските. Таа е сè поретка карактеристика во денешно време, но е клучна за квалитетен однос. Исто така, им се восхитувам на оптимистичните луѓе, кои и во тешките моменти се со исправена глава и веруваат дека на крајот ќе биде сè добро. Се трудам и јас да чекорам низ животот со таа девиза. Ете, и една моја порака до читателите-секогаш околу себе ширете љубов и радост.

Спомените од детството се поврзани најчесто со играта пред зграда со другарчињата, џагорот и смеата, безгрижноста … А, бидејќи мајка ми е од Охрид, а татко ми од Цетиње, секое лето комбиниравме малку езеро-малку море. Па најголемиот дел од детските спомени ги врзувам токму со летниот период. Неизоставен дел од детската игра ми беше и кога во дневната соба пред моите најблиски водев емисии, фестивали, си играв спикерка на вести. И ете, соништата се исполнуваат. Денес работам во медиум и уживам во тоа. Во пубертет бев некој кој не беше проблематичен. Не сум имала некои екстреми во однесувањето. Имав отворен однос со родителите. Секогаш можев да им се доверам, да разговарам со нив. И тоа многу ми значеше. Сметам дека посебно во тој чувствителен период од оформувањето на една личност, родителите имаат клучна улога. Детето и родителот треба да разговараат отворено за сè.

Мудроста според која секогаш се раководам е … сè е менливо и минливо. Животот е толку непредвидлив, треба да сме свесни дека околностите се менуваат со или без наша волја и дозвола. Но, сепак, доброто со добро се враќа. И секако, да гледаме само напред.

Кога сум среќна реагирам така што … сакам и другите околу мене да бидат среќни. Среќата е поголема кога се дели. Често размислувам каква дефиниција за среќа би дала, па еве нека биде мирот со себе си.

Мотивот да работам во радио ми беше … дамнешна желба. Имаше конкурс во Метрополис радио, се пријавив, одев на пракса и ме одбраа заедно со уште еден колега да водиме емисија во живо два часа од понеделник до петок. Прекрасно искуство беше за мене. Многу научив, запознав извонредни луѓе. Радиото ми е љубов и денес.

Го сменив медиумот од причина што … во тој момент такви беа околностите, па одлучив да заминам. Но, никогаш не се знае, можеби повторно ќе застанам зад радискиот микрофон.

Моето прво појавување пред камерите од оваа дистанца го доживувам како … Многу бев возбудена, имав направено сценарио по кое се водев, сè ми беше организирано, но имав и голема трема. За среќа, во првата емисија имав прекрасни гости, ме опуштија, така што, на крајот испадна сè одлично.

Интервју на кое посебно сум горда е … Тоа се најчесто интервјуата направени со луѓе кои уште од малечка сум се воодушевувала, сум ги гледала на екраните. Генерално, во емисијата „Неделен микс“ на Телевизија 24, која е емисија за култура, ми гостуваат личности од кои гледачите и јас можеме да се инспирираме, да научиме нешто ново. Не би можела да издвојам само едно интервју. Горда сум на сите разговори.

Мојот имиџ пред камерите се разликува од оној во приватноста … Не се разликува затоа што сметам дека не можеме да се претставуваме пред камерите некој што не сме. Јас сум истата и пред камера и зад неа. Камерата секој потег го регистрира. Публиката препознава кога е некој искрен, а и кога некој глуми.

Бракот е институција која … треба да биде заснована на љубов, почит и доверба. Не треба да се дозволи волшебната и возбудлива искра да згасне. Бракот е како една градина, која постојано треба да се наводнува. Двајцата сопружници треба да работат постојано на бракот.

Мајчинството ме промени … Апсолутно да. Мајчинството во мене разбуди сила за која не знаев дека постои, но и ранливост, станав многу емотивна. Се променија приоритетите, погледите на животот. Многу работи кои до тогаш биле важни престанаа да бидат и тоа е нормално. Мајката треба да биде смирена и задоволна, затоа што среќна мајка е еднакво на среќно дете.

Во однос на професијата желбите ги прилагодувам на реалноста и немам обичај да тагувам по неоствареното. Неостварена професионална желба ми е … Секој од нас има листа на неостварени желби. Возбудена сум за сè што следи. Честопати кога многу планираме, не излегува по планот. Затоа, убаво е да се посакува и да се има желби и цели, но и да се пуштат коцките да се наредат. Посакувам и понатака да имам страст и жар за оваа професија, како и многу инспиративни интервјуа и културни настани во иднина.

С.А.Н