Влатко Стефановски со поддршка за Загреб и за Италија

Влатко Стефановски беше меѓу првите што испратија видео-порака на поддршка и солидарност до сите пријатели во Загреб, градот кој вчера, насред пандемијата со коронавирусот, доживеа и серија силни земјотреси.  По двата најсилни земјотреси вчера наутро, земјата под хрватскиот главен град продолжила да се тресе и во текот на денот и синоќа.

-Снимив една нумера од италијанскиот композитор Енио Мориконе, најдобриот филмски композитор на планетава. Ја одбрав  темата од „Cinema paradiso“. Тоа нека биде поздрав и мисла до нив со желба за побрзо надминување на оваа криза. Од друга страна, ги поздравувам и луѓето од Загреб кои се наоѓаат во „double trouble“, не знаат дали да се чуваат од земјотрес дали од коронавирус, вели Влатко.

На веста за вчерашниот разорен земјотрес во Загреб реагираше целиот регион. Синоќа белграѓани пееја – милиони гласови, секој од својот карантин, се стопија во гласна порака – се уште сме заедно, се уште сме тука. Србија им аплаудираше на лекарите кои се борат со коронавирусот, на пријателите во земјотресен Загреб и на светот кој се бори против пандемијата.


Трогателна потпора на хрватската метропола стасала и од Сараево. Вчера, градското собрание осамна осветлено со сина боја и со симболично испишаната порака „Сараево го сака Загреб“.

Сите овие иницијативи можеби не можат многу да променат во состојба на зголемена анксиозност, но смирувачко е сознанието дека не сме сами во времето на големи и тешки предизвици.