Утринско кафе со Сашо Мацановски- Трендо: Убава е и тишината која сам ја мезиш

Станувам минимум едно а некогаш и две кафиња пред другите. Поинаку не би можел да функционирам. Ако станам кога племето веќе забрефтало, потоа цел дена нема да можам д се снајдам и да се стигнам себе си. Затоа, лагано, пред нив, да му дадеш шанса на системот да се дигне на раат, да се дефрагментира без пречки од други процеси. Убав е и мирот на нивното спиење, убава е и тишината која сам ја мезиш. Таков секогаш сум бил, никогаш не се снаоѓав со брзање. И како млад Јагуар, палев како стар Голф. Син ми е на мене, ќерката е на Зока. Тие две се дигаат како Епл, ние двајца како Виндоус. Најубаво е кога ќе се стане пред Скопје да се разбуди. Кога со мојот град заедно се фуфкаме „Кај и да е, ќе станат!“ и во тоа име наздравуваме, јас сркајќи црно кафе тој сркајќи го последниот раат на темницата која ефикасно ги скрива неговите мани.


Различни работи. Некогаш тоа е потребата да се укотвам на работа и цел ден да пишувам. Некогаш те мотивира сознанието дека можеш да тргнеш со една намера ама по пат господски да решиш да го смениш планот и ич да не ти чуе. Понекогаш, за да ја напуштиш удобноста на топлиот дом и ризично да влезеш во костец со непредвидлиот свет полн со замки, доволно те мотивира - звукот на штотуку вклучената правосмукалка.


Некогаш најразочарувачка е репетитивноста на секојдневјето. Автоматизмот со кој се извршуваат некои дневни ритуали. Целата онаа операција „будење деца, облекување, гледање на саат, барање кола, носење деца во школо, доаѓање на работа“ за дури таму да ти текне дека не памтиш баш многу детали од сето тоа. Да се уплаши човек од себе и својата способност да ги прави работите без памет.

За среќа, работам нешто што не ми дозволува да ме снема како крај подвижната фабричка лента. Секогаш се тоа нови наслови кои чекаат да бидат смислени, некои нови реченични конструкции, поинакви компилации од стварноста. А и онака сум човек кој сака да го менува темпото, да уфрлува синкопи во извежбаниот ритам на реалноста. На пример да го исклучиш мобилниот телефон на недела дена, колку да не се осеќаш како ти да му негов слуга и оператор. Да се заиграш со децата кога е време за легнување. Или преку ден да ја напуштиш виртуелната стварност со дружење со апла аналогни типови од маало. Да работиш кога сите празнуваат, или да празнуваш кога сите работат. Такви финти ми ја одржуваат слатката илузија дека сум слободен човек. За да бидеш во дослух со себе, понекогаш треба да умееш да се исклучуваш од останатото. Затоа сме офф.


Најубаво во дневна, со сите нив заедно. Секој си е башка будала ама секој секого смее да закача ако му стане досадно. Одвреме-навреме јас привремено се засолнувам во мојата занимална за да свиткам тутун и да потегнам шмрк кафе и ете ме пак кај нив. Сè додека не дојде време за спиење а нам ќе ни дојде потреба да се заиграме.


Филмови да, изгледа бааги. Нетфликси, торенти, сервери од другари, филмови за заспивање, филмови за расонување. Книгите ги оставам за она 2-3 месечно парче летен одмор, кога го читам сето она што си го должам од цела година, кога се потсетувам колку преубави светови пропуштам додека скитам по глупиот интернет.