Утринско кафе со Даница Ивановска-Лепојевиќ: Кафето го чувам за момент на здивнување

Во последниов период, со сите обврски и случувања, денот ми почнува бурно. Станувам рано и, во зависност од распоредот, првото време за себе е веднаш, сама, или откако ќе ја однесам ќерка ми во креативниот центар во кој оди. Не сум од оние кои не знаат да се разбудат без кафе, па може да е или кафе или чај. Но кафето, искрено, го чувам за моментите на здивнување, на запирање – дома, или надвор во некое кафуле, кога им се посветувам на своите мисли, стихови, планови. Тогаш излегуваат најубавите нешта од мене. 

Ме мотивираат различни нешта за различни активности. Најчесто, тоа се две нешта – лутината поради неправда кон некого и воодушевеноста од нечие трансформирачко искуство, вклучително и мое. Па така за работата со бремените жени и доилките во Женскиот центар во Астарта ме поттикнуваат како убавата родилна приказна, така и трауматичните искуства кои ги имале родилките и доилките. За работата на програмата за Интегрална јога на Астарта најсилно ме придвижува искрениот интерес на практикантите за запознавањето и надминувањето на сопствените граници и откривањето на сопственто автентично место во светот. Но исто така и неправедното симплифицирање на духовноста на ниво на фитнес. За поезијата која ја создавам тригерот е во поклопувањето, конгруентноста на надворешниот сетинг и внатрешната, мојата реалност, местото каде тие се сретнуваат. Различни нешта.

Додека е уште утро се обидувам да ги завршам активностите кои бараат инспирација и поголем ментален ангажман. Тоа во периодов вклучува програми за часовите и работилниците за јога, на пример за „Астарта интензив“, претстојниот јога викенд во природа. Понатаму актуелни ми се едукациите за бремени жени – за психолошката состојба на бремената и породената жена, за процесите на породувањето и доењето. Сега тука се и постпромотивните активности за мојата нова поетска збирка „Пребивалишта“. Потоа најчесто следи советување за доење на Фејсбук или на телефон, состаноци и административни задачи. Вечерта е резервирана за најголемиот дел од практичната работа, реализирање на сето она што е планирано претходно – часовите за јога, предавањата, работилниците. 

Голем дел од мојата работа се случува навечер и често кога ќе се вратам дома ќеркичката веќе спиe. Па така, со сопругот се обидуваме што е можно повеќе слободни вечери да поминеме заедно ние тројца. Успевам, од врме на време, да најдам моменти и за некоја пијачка или прошетка со блиските луѓе. Денот ми завршува најчесто во разговор со сопругот, довршување на некоја активност, планирање за следниот ден. Има време и за лична јогиска пракса, понирање во себе, медитативен дел и потоа, доцна во ноќта, сон со многу соништа.

Да, секако, и книга и филм. Повеќе сакам да читам, сепак – ги сакам кратките прозни форми, романите настанати како резултат на поинакви истражувачки и експериментални процеси („Приказна за суштината на времето“ на Рут Озеки е пример кој веќе подолго време ми е актуелен), текстови од различни духовни традиции. Четива прочитани за личен или професионален интерес – супер е што за мене тоа е едно и исто. Филмовите и сериите ја следат истата оваа линија. За мене тие се можност за впечатливо искуство за кратко време кое може да ти го промени светогледот за цел живот. А ако не тоа, барем да те насмее доволно за да ги растера „облаците“ и заморот што, за секојдневното продолжување, е подеднакво важно.

Даница Ивановска Лепојевиќ, поетеса, психолог, наставник по јога