Утринско Франк кафе со Дарко Панчев: Без жените светот би бил никаков

Првото утринско кафе го пијам најчесто во нашето кафуле „9“ и со различни луѓе кои вообичаено доаѓаат на кафе во „9-ка“.  Ако Маја не е на работа од сабајле во МОБ , тогаш заедно со неа го пијам кафето. Искрено, не сум некој голем кафеџија и тоа го гледам повеќе како навика. 

Моите дневни обврски, зависат од моменталната ситуација. Во моментов сум во „Вардар“ и обично наутро сум таму на работа, а потоа ако треба и помагам на Маја околу децата, а гледаме ако можеме да бидеме сите заедно на ручек. Попладне одмор и приквечер можеби малку прошетка или некое дружење, во зависност од работата. 

Вечерта ми е омилен дел, затоа што сум најчесто со фамилијата. Но, знаете фудбалот е таков да морате да сте 24 часа со него, и нема правила за тоа кога си или не си слободен.  Секако, сакам добра книга, понекогаш и со филозовска тематика од добри автори, а за филмови сум секогаш спремен. Секогаш ме релаксираат американски класици со познати глумци, и тоа е она што може да ме привлече да изгледам филм. Инаку, ретко гледам ако нема такви. 

Голем поздрав до сите жени, читателки на Женски магазин, и би сакал да им кажам дека без нив светот би бил никаков и безличен.