Теа Таировиќ за ЖЕНСКИ МАГАЗИН: „Навистина не знам што се случува со денешните мажи... емотивно сум неисполнета„

Со 100 милиони прегледи само за една песна на Јутјуб, таа се вбројува меѓу најголемите пејачи и во регионот и на Балканот, па и пошироко. Само за споредба, една Џенифер Лопез на нејзините песни кои ги прикачува на истиот канал има исто толку прегледи како Теа.

Да, Теа Таировиќ руши рекорди. Публиката најмногу ја знае по песната „Хајде“ со која и го достигна врвот, а потоа се редеа многу хитови и албуми. Ја нарекуваат кралица на бакшишот бидејќи кога оди да пее на приватни веселби, се шпекулира дека „ѝ лепат„ и по 30 илјади евра за пеење од само половна час. Колку и да е оспорувана незината музика (ја сметаат за турбо фолк) незиниот успех не може да се оспори.

Неодамна направи огромен концерт на белградски „Ташмајдан„ и приреди вистински спектакл за гледачите и фановите, а сега ќе ја имаме во Скопје со истото такво спектакуларно шоу. За да се пробие на сцената не ѝ беше баш лесно, но ете успеа!

Женски магазин ѝ направи интервју во живо, признаваме дека изгледа убаво и пред се, многу е културна, ја нема онаа позната дрскост на некои балкански ѕвезди и беше искрена во се што ја прашавме.

- Општо е познато дека ги сакам македонските песни, а за концертот ја подготвувам мојата омилена песна на еден од најголемите естрадни уметници досега, кој за жал веќе не е жив - Тоше Проески. Една негова песна ќе се најде на мојот репертоар. Тешко е на пробите. Никој не може да пее како Тоше. Емотивно ми е многу тешко да го изведам, дури и сега на проби. Се надевам дека ќе успеам до концертот - откри Теа.

Вели дека е многу приврзана за публиката во Македонија. Најпрво, дека луѓето секогаш ја пречекуваат овде...

- Знаете како ме пречекуваат, како да сум нивен роднина, нешто такво (се смее)! Тоа навистина може да се види и почувствува, а некои мои почетоци беа, меѓу другото, тука, во Охрид и навистина се сеќавам на секој детал. Кога и да помислам на Македонија, тоа се навистина убави спомени – ни рече Теа.

„Само за једну ноќ“ е песната која исто така ја вивна во височините, а така се вика и нејзиниот слоган. Па ја прашавме што би правела во Скопје ако е на една ноќ, ама да не пее и не работи?

- Се и сешто би правела...

Ж.М. Дали некогаш сте изглегле во Скопје, дали знаете каков е ноќниот живот кај нас?

- Не, не сум, јас не сакам да излегувам... не сум баш во можност јавно да се опивам и се друго, но сакам вака со својата екипа приватно да уживам во музика. Еднаш бевме на поминување во Скопје во еден хотел и имаше некоја свадба, ние непоканети влеговме таму, сега, замислете некој пејач ви доаѓа на свадба непоканет... но спеак премногу убаво си поминавме. Така што памтам добри забави во Скопје.

Ж.М. Кој Ве научи да сте толку културна и присебна и воопшто да не се однесувате како ѕвезда, иако судејќи според постигнатиот успех на музичката сцена и тоа како сте?

- Ви благодарам многу. Па родителите ме воспитуваа. Мојата мајка кога бев мала, кога и да сме биле на гости и треба да си заминеме дома, ќе ме прашаше дали им кажа „пријатно“, велам незнам... и ќе се вратевме да кажам „довидување“.

Ж.М. Дали и Вие така би ги воспитувале своите деца еден ден?

- Да, би сакала и јас да ги воспитувам моите деца како што мене ме учеа моите родители.

Ж.М. Велите дека немате среќа во партнерските односи и дека сте емотивно неисполнета, а притоа изгледате навистина убаво. Што мислите, во што е проблемот, дали можеби се крие во тоа што мажите се плашат да ви пријдат?

- Кој денес од нешто се плаши ако сака да биде со тебе... Јас навистина не знам што е со денешните мажи искрено да ви кажам. Јас веќе не сум паметна и што повеќе стареам сфаќам дека помалку знам.

Ж.М.  Дали мислите дека треба нешто да се смени во односот и размислувањето на денешните мажи, за да почнат да приоѓаат на убавите и успешните жени?

- Па треба, ама треба да се промениме можеби и ние. Јас не можам да кажам јас сум совршена, се е лошо само јас сум добра и поради тоа немам партнер... Не, веројатно и јас треба нешто да променам.

Ж.М. Колку време поминувате вежбајќи и дали практикувате посебна исхрана за да ја задржите оваа идеална линија?

- Јас генерално секогаш изгледам исто. Немам некои големи осцилации во тежината. Кога се подготвувам за концетри сите тие подготовки ми се како тренинг. Секој ден имам проби со танчарите и тоа е она што ме одржува. Инаку немам некоја посебна исхана по која се раководам, барем не за сега. Иако не е добро да јадам еднаш дневно, ама за сега е таков периодот па затоа и нема што да се „фати“ за мене.


Небојша Толески / Елеонора А.

Фото: Инстаграм