Сузана Спасовска: Желба ми е Терирем да го отвори прозорецот кон океанот на изворното и духовно пеење на православната црква

Ако на крајот од годината се сумираат резултатите од успехот во професијата, тогаш за фолк дивата Сузана Спасовска 2023 е една од најплодните во нејзината кариера. Вели дека годинава се надминала себеси.

-Покрај многубројните обврски со Танец и настапитеповрзани за проектот со Православни црковни песнопеења "Терирем", го направив и првиот  концерт, од неколкуте што ги планирам, во црковниот Храм Св. Петка во Прилеп. Направив и аудио издание кое веќе во празничнните денови ќе биде достапно за верниците. Во исто време го завршувам етно проектот "Судбо моја" кој ќе ги одушеви сладокусците на модерниот призвук на народната песна – посочува Спасовска.

Добила повеќе понуди за настапна новогодишната ноќ, но нејзин избор ќе биде прослава во кругот на семејството.

-Чувствувам дека и мојата душа бара да се одмори и достојно да ги пречека претстојните празници. А, во Новата 2024 година со нови сили и ако е Божја волја, ќе се насочам кон промоции на новите проекти и концертни настапи – вели дивата и открива кои мигови ја одбележеле годинава што ги одбројува последните денови.

-Ќе ми останат во сеќавање најубавите мигови од дружењето со мојата внука, во слободното време, кога сум сведок на нејзиното растење и развивање. Тие не се повторуваат и се скапоцени за мене. Како еден убав дел од оваа година ќе ги паметам и настапите со проектот "Македонијо во срце те носиме" на продукцијата „Скендеровски“. Освен дружењето и убавата енергија со колегите, не се заборава љубовта и енергијата на возрасната, но и на помладата публика. Таа не полнеше со енергија за верба во иднината на македонскиот народ – посочува Сузана.

За неа љубовта е главната движечка сила во животот. Таа е среќата на овој свет и затоа сакада љуби и да е љубена. Секоја година очекува наредната да е поубава и посреќна.

-Надежта е таа која никогаш несмее да исчезне и затоа се надавем дека Бог ќе не крепи, ќе не помилува и ќе го смири огнот во светот. Ќе ни даде здравје и исполнување на многу замислени желби на сите луѓе. Мојата најголема желба е, "Терирем" приспивната песна што Пресвета Богородица и Приснодева Марија му ја пеела на својот Божествен син и Младенец - Господ Исус Христос, Предвечниот Бог да полета низ целиот свет и да го отвори прозорецот кон огромниот океан на изворното и духовно пеење на Православната црква – завршува Спасовска.

Соња Алексоска Неделковска