Што си кога не си експерт!

„An expert is someone who has a prolonged or intense experience through practice and education in a particular field.“ Wikipedia.

Ако по нешто сме познати, тоа е по нашата стручност за сѐ и сешто. Да не речам (а ќе речам), експерти сме ама буквално за сѐ. Деновиве ме прашаа што би сменила ако бев градоначалник! Па баш мене ме најдоа. И можев како од пушка да одговорам дека би го решила проблемот со загадувањето, здравството (особено она кое директно ги засега најмладите) и сообраќајот. Откако малку размислив, сфатив дека според мене ова се трите клучни моменти за да ни функционира градов. Но, притоа не зедов многу фактори предвид. Како се прави тоа, дали буџетот е доволен за моите идеи, дали имаме ресурси итн. Да не должам, сфатив дека единствено што можам да направам ако сум градоначалник, е да се опкружам со луѓе кои си ја знаат работата и да им верувам! Односно, да бидам попрецизна, си ги измерив силите и признав пред себе дека никогаш не би можела да се нафатам на нешто што не го познавам доволно за да можам да стојам зад направеното или ненаправеното.

Примеров го дадов, испровоцирана од нашата експертиза која не само што се протнува на високо ниво, туку стасува и до сите нивоа од нашите животи. Прво ме изненадуваше фактот што еден човек може да биде повеќекратен експерт! Па имавме министри кои шетаа од едно во друго министерство (што му доаѓа нешто слично како: Ако не те бива за кошарка мајкин, ќе пробаме со фудбал!) и кај што ногата им стапна, трева не порасна. И не се чудев толку на оние кои им нудат да се преместуваат лево-десно, туку на таканаречените експерти кои немаа проблем подеднакво достоинствени во своето незнаење да се појавуваат во јавност, да тресат глупости и секако, да земаат плата за тоа. Па после тоа се потсетив дека сме земја со најмногу експерти на метар квадратен и дека она што го гледаме дома, го практикуваме надвор.

Сум имала прилика да бидам присутна на слави и свадби, на кои веднаш се препознава експертот кој знае сѐ за политика, со долгорочни предвидувања кои се сведуваат на црно сценарио дека ќе нѐ поделат и распарчат (ко да не можеме сами тоа да си го сториме), или уште поцрно сценарио дека ќе избие војна во која сите ќе изумреме. Истиот тој експерт знае сѐ, освен како да ја третира сопствената сопруга како човечко битие и децата, кои редовно ги почестува со по некоја заушка.

Експерти кои во саботите и неделите седат по локалните кафеани, играат спортска и се однесуваат каубојски. Денес бев присутна на една таква експертска средба на четворица мажи, во просек од 55 години, кои најфраерски се појавија со тостови во рацете (во кафуле во кое се служи и храна), билтени под мишките и добра волја за да бидат најгласни. Едниот од нив се замуабети со некој што беше надвор од кафулето, притоа држејќи ја вратата отворена (фин човек, сакаше сите воздух да нѐ фати), другиот со мобилниот в рака ми застана над глава за да си доправи муабет (фин човек, не сакаше да им пречи на другарчињата), третиот се залегна на фотељата со нозете качени угоре (фин човек, толку го чувствуваше кафулето како дома што го штедеше келнерот да не го умори, па дури и кафе не нарача). Овие експерти (навидум, ама само навидум локални фраери) фатија да зборуваат за спортска небаре на играчите дома им биле, па знаат кој како е расположен за игра. Штета што не запишав на кои натпревари им беа ливчињата!

Потоа тука се експертите кои се бават со сечии приватни животи. Ах, тие! Секогаш подобро од вас знаат како да си го терате животот. И не, не треба ниту да ги замолите да ви кажат како да постапувате, толку се прекрасни што ќе ве посоветуваат гратис. Тие се обично толку спастрени во својот живот, со идеални семејства и средени односи што дури треба и да им се заблагодарите што своеволно се свртеле кон вас (се разбира дека сум саркастична!). Дотураат бибер и сол онаму каде што им се може, а и им се може кај оние кои се доволно културни за да не ги отераат во мајчината, или во превод, кај оние на кои им е срам од нивниот настап па премолчуваат. Признавам, една од нив бев и јас. Па се изнаслушав што треба да правам со себе, како да воспитувам дете, што да пишувам или да не пишувам, како да размислувам за да ми биде подобро. Тоа траеше до оној миг кога сфатив дека нивната експертиза застанува онаму каде што обично го нарекувам „дур не ми плаќаш сметки дома, немаш право да се мешаш“. Точка.

Па имате експерти во секоја родителска viber група. Лично, имам среќа што во нашата дискусиите се кратки и продуктивни, со брзо решавање на поставените прашања и предизвици. Но, имам пријатели и колеги кои се уште во шок од родители-експерти кои знаат сѐ за тоа како да се организираат децата за некоја активност, па дали треба уште од прво одделение да се носат подароци или пари кај децата итн. И нормално, бидејќи има многу експерти со спротивни ставови, дискусијата е најчесто караница која некогаш се одолговлекува и по полноќ. Решението е во копчето mute, па следниот ден одвојте околу еден час за да прочитате експертско-простачка дискусија полна навреди и расправии.

Знаете...се уморив низ годиниве. Се уморив од туѓата самобендисаност и себепрогласување за експерт на нешто. Се уморив од слушање луѓе кои не дека знаат нешто, туку се само доволно дрски и гласни за да го наметнуваат своето мислење. Се уморив од немањето ни трошка самокритичност во секој сегмент. Ај јас што сум уморна, туку сѐ повеќе гледам млади луѓе кои се уморни од премногу слушање празни зборови без дела. Мелењето и тропањето глупости за одредена тема не ве прави експерти. Напротив, создава грда слика за вас. Никој не е доволно учен за некоја област за да не остави простор да научи нешто ново. Впрочем, на ова мало парче земја, во која живее измачен и осиромашен народ кој гледа да закрпи ден и да преживее со она што ќе го заработи, смешно е да се чукаме во гради дека сме експерти. Да бевме, веројатно ќе живеевме подобро и поквалитетно.

За почеток, бидете луѓе. Добри и чесни. Кога ќе сте/сме тоа, нема ни да ни е важно да сме експерти за било што.

До следниот понеделнички муабет,

За Женски Магазин, Ана Бунтеска


кога земја в уста имаш

сува, распукана и горчлива

нема плунка со која

кал ќе можеш да ја сториш

за полесно да проголташ

да поттурниш

да се прелажеш дека тесто е

без мирис и вкус

кога земјата вкус има

на дождот во неа што се впива

на телата чии меса се распаднале

на солзи пролеани

и крв испуштена

закопани тајни

убиени спомени

отпечатоци од колена

од бес

тага

бол и молитви

во устата земја кога имаш

ја шириш вилицата

ја зјаеш до пукање

и пак не успеваш

сета горчина да ја извадиш

ниту нечистотијата

која меѓу забите ти се пика

та ти иди сите заби да ги извадиш

јазикот да си го откорнеш

со нокти устата да си ја раскрвариш

за да вкусиш железо наместо пораз

и плукаш

душата да можеш ќе си ја исплукаш

од гнас а без глас

ниту плач

оти срцето ко те боли солзи нема

во устата земја кога имаш

како жив закопан си

и полека земјата и телото ти го полни

не дишеш

ниту преташ

и од земјавоземја се претвораш

со надеж

пуста надеж

дека еден ден ќе заврне толку силно

за коренче да пуштиш

да заживееш

да се вивнеш

од земјата угоре

високо

накај облаците

накај сонцето