Препуштам Бог да ме води: Утринско кафе со Јулија Мациевска

Денот ми започнува со благодарност. Штом ги отворам очите, прво што ми доаѓа на ум, е да погледнам низ прозорецот и да изговорам „Ти благодарам Боже мој“. Некогаш се зaблагодарувам за поконкретни нешта, се зaблагодарувам што се разбудив, што пред мене е уште еден прекрасен ден, што знам дека и во овој ден, Божјата милост ќе ме води и ќе ми го покажува патот.. Но, сосема доволно е и да кажам „Ти благодарам Боже мој“, знам дека Тој што треба да ме чуе, потполно ме разбира и ги знае сите мои мисли, без било што да набројувам. Благодарноста од срце е највозвишената молитва кон Бога, затоа најдобро е така да се започне денот. Потоа започнувам со утринските ритуали во купатило, топло-ладен туш и се обидувам да го продолжам што повеќе времето на ладната вода (се смее). Одлично е, не е баш лесно, но после тоа си фреш. 

Потоа во дневната соба ме дочекуваат моите животни, 3 кучиња и 5 мачки. Е сега е најинтересно. Хор од мјаукање и лаење.. какво кафе, каков чај?? Веднаш мора да се спрема појадок за нив, па откако ќе им угодам и им ги исполнам желбите, можам да си подготвам кафе или чај, понекогаш и едното и другото. Обично ги пијам во друштво со ќерка ми, со внука ми и со нашето животинско царство. Уживам во моите утра, особено кога ќе станам порано, па го гледам изгревот на сонцето, а веќе од рана пролет почнувам и да се сончам пиејќи утринско кафе. Со затоплувањето на времето практикувам утринска јога, надвор на отворено. Прекрасно се чувствувам кога имам време за сите овие работи наутро.

Моите дневни планови и обврски знаат да бидат многу различни. Моите професионални обврски знаат да започнат од рано наутро и да потраат и цел ден. Зависи дали имам закажано тренинзи со клиенти или можеби снимање, дали сум во живо на емисија или пак се договарам за истата. Не планирам баш се’, во глобала знам што е примарно, инаку не излегува секогаш по планот. Затоа препуштам Бог да ме води.

Како сертифициран лајф коуч (тренер за личен раст и развој) и мотиватор, не ми недостасува мотивација. Тоа го истренирав со тек на времето. Најважно од се’ е човек да научи сам да се мотивира, да не чека од друг. Јас знам кон што сум насочена во животот и тоа е мојата најголема мотивација. Мојата мотивација е јас да ги мотивирам луѓето со мојот пример, со моите искуства, добри навики, добри дела, убави едукативни и забавни емисии, со убави песни, со убави пораки... Јас се мотивирам од такви луѓе, од добри мотиватори, спиритуални, духовни луѓе, добри книги, претстави, искрени карактери, насмеани лица. Ме мотивираат моите идеи, кои ги гледам во пракса, или акција која еден ден станува пракса... добра и корисна.

Ме мотивира мојата мисија-спиритуално, духовно будење. Будење на свесноста, будење на Божественото во нас, за да се изразиме во сиот свој креативен потенцијал.

Денот ми завршува со вежбање во теретана или со јога. Ако не извежбам нешто, денот не ми е комплетен, половичен, да не речам пропаднат. Вечерите ги минувам во кругот на семејството, со моите девојки, со ќерка ми и внука ми, со нашите животни.

Филмови се’ поретко гледам, освен нешто што е навистина по мој вкус и тема која ме интересира, ама затоа без книга не заспивам. Обожавам да читам. Задолжително по неколку книги имам до мене и ако за нешто сум сигурна дека ќе правам до крајот на животот, тоа е читањето и вежбањето.

* Јулија Мациевска, пејачка, водителка и тренер за личен развој