Парите се отепувачка: Бил моќен милионер пред да замине на пуст остров

Дејвид Глашин бил многу успешен бизнисмен со милиони на неговата сметка. Имал живот, некои би кажале, од соништата. Неколку години уживал во животот кој му гарантирал материјална сигурност, но во 1987 година се соочил со финансиски бродолом по крахот на берзата.

Тогаш го изгубил поголемиот дел од богатството, а по финансискиот дебакл, се соочил со уште една голема животна промена - го напуштила жената. Тоа било пресудно да се откаже од сите благодети кои ги нуди урбаниот живот и да замине на пуст остров каде живее веќе 22 години.

- Овде сакам да умрам. Ова е мојот рај на земјата. Кога дојдов на островот бев луд за пари. Парите се токсични за луѓето. Поради нив ми се распадна и бракот - објаснува Дејвид во документарецот за неговиот живот.

Иако ужива во овој начин на живот, признава дека му фалат повеќе разговори и дека посакува барем неколку пати во годината да го посетуваат луѓето кои некогаш му биле блиски.

- Морате да мислите позитивно цело време, инаку ќе побудалите. Работите не секогаш се движат во посакуваниот правец - раскажува човекот кој еднаш во годината го напушта островот за да си ги обезбеди потребните намирници за живот.

Вели дека благодарение на овој остров станал подобар човек кој знае да го почитува тоа што навистина е важно во животот. Дејвид има син (21) и ќерка која никогаш не го посетила островот. Преживеал и голема семејна трагедија кога другата ќерка се самоубила пред шест години.  

Неговиот мирен живот сега е доведен во прашање откако австралиските власти одлучија да го иселат од островот. Дејвид не сака остатокот од животот да го помине на друго место, но прашање е дали ќе успее во намерата.