Оваа жена го освои Скопје-Бог ја обдарил со сите можни убавини

Викендов што помина на Скопје му се случи Кенди Далфер. Саксофон дамата Кенди Далфер.

Кенди е еден светски лик, еден маестрален музичар. Една жена која располага со серија, вонсериски атрибути и квалитети. И тоа по сите основи.

Прво!, изгледа волшебно. Навистина е прекрасна.

Бог ја обдарил со сите можни убавини, што една жена ја прават посебна и впечатлива. Не можете да ја одминете, а да не ја забележите. Таа е од оние жени, кои се издвојуваат. Во секоја прилика.

Има!, ако можам така да речам доминантна, убавина, во однос на околината. Тоа е дури и еден вид авторитетна убавина. Кога ваква жена ќе застане пред вас, имате чувство дека треба дополнително да се вложите, за да ѝ покажете наклоност. Некако како природно ваквите жени да го заслужуваат тоа. Незавино дали разговарате со неа, дали ја слушате додека свири, или пак само случајно сте се нашле со неа во иста просторија. Ваквите жени шират поинаква содржина, шират понаков вкус вибрации, кои ја брануваат сета атмосфера во просторот во кои тие се наоѓаат.

Второ!, кога ваква убава жена е свесна за својата убавина и кога со неа располага, во служба на, не само уметничка креација, туку во служба на создавање амбиент, во кој сите што ја гледаат и слушаат  ќе уживаат, тогаш е тоа вистинска мајсторија.

Сакам да речам, нејзината убавина, не е “гола и боса“, па истата таа убавина да се руши, како куќа без цврсти темели, туку само со убава фасада, туку оваа убавина на Кенди е суптилно оплененета и потсетува на оние куќи, кои личат на мали замоци и кои ја имаат задржано класичната, вонвременска архитектура, со која што успеваат авторитетно да доминираат во сиот модерен и нов архитектонски стил и свет.

Ете таква е Кенди. Потсетува на старинска класична куќа покрај море, на која не и можат ништо ниту брановите, ниту ветрот, ниту забот на времето.

Ги сакам средбите со вакви луѓе, особено со вакви жени, кои ја живеат природната дарба со која се почестени и одбрани да му “служат“ на светот.

Велам “служат“, бидејки ДА!, ваквите личности се многу свесни дека нивната природна елегантна и убава аура, треба освен за себе, да ја стават и во служба на светот.

А се чини Кенди Далфер, многу добро го знае ова. И многу добро на себе си својствен начин владее со ова.

Бев во втор ред и имав ретка прилика од толку мало растојание да ја гледам и да го анализирам сево ова. Пред сѐ да уживам во амбиентот што таа маестрално го создаде во сабота навечер. Во Скопје.

Секој нејзин чекор, секое движење, секој нејзин покрет беше токму таков. Во служба на уживањето на сите нас кои бевме таму таа вечер.

Тоа се такви моќи, кој ја имаат таа снага да повлечат во својот магичен свет цела толпа народ. Но!, исклучиво во светли цели. Сакам да кажам за добробит.

Наспроти она другото. Кога некои луѓе се исто така надарени со моќ да повлекуваат маси, но поради мрачни цели.

Е Кенди е од оние другите. Мислам дека таквите луѓе, како неа, успеваат да го компензираат негативниот магнетизам.

И дека таквите луѓе, му го даваат токму тој тоналитет на животот, за кој сѐ уште вреди да се чекори низ овој чуден и за мене помалку неприфатлив модерен ритам.

Не заслужува Кенди да се најде во оваа прилика во исти текст со какви било споредби од моментните мрачни аспекти на животот. Затоа и не сакам да “паралелизирам“. 

Сметајќи дека се подразбира што сакам да кажам.

Имам уште еден аспект кој сакам да го опишам.

Нејзината љубовна игра со саксофонот. Боже каква уметничка еротика беше ова.

Секое нејзино движење, заедно со саксофонот беше како слика на платно. Без ниту еден погрешен потег. Дури и тоа што хаљината и беше релативно покуса, па сите ние кои бевме во првите редови, имавме средба како со ремек делата на Ботичели.

Толку беше сето ова оплеменето со една нејзина толку слободна, а истовремено возвишена уметничка и мошне одмерена креација, што уживав, а истовремено жалев за секоја одмината секунда од концертот.

Таа беше лелеава, весела, складна, исклучително слободна, а истовремено суптилно воздржана во секое свое движење. Беше како напиток, кој сакате да го испиете до последна капка.

Како слика, која можете само еднаш да ја видите во животот, бидејки ова се реално неповторливи моменти.

Едно само не знам! Дали публиката беше воздржана и скаменета, поради тоа што останаа сите збунети пред нејзиното музицирање, заедно со бендот, можеби пред нејзините разиграни лесни движења, или пак пред нејзиниот чудесен сексипилен шарм, или пак бевме сите помалку стегнати, бидејќи за да учествуваш равноправно во ваково уметничко доживувавање, треба во себе и ти да ја носиш таа разиграност и отвореност на духот, која подразбира пред сѐ голема верба во животот. И да не ти е гајле, што ќе рече тој до тебе, ако станеш да играш и да пееш заедно со неа.

Ми беше малку криво, што сите ние како публика не го дофативме заедно со неа овој момент. Но велам Кенди во саботата во Скопје, беше уживање и доживување за сите сетила. Па дури и пред публика која беше воздржана и стегната.

Но велам, сетоа тоа можеби беше поради нејзината волшебност, со која нѐ маѓепса сите.

Ти благодарам за ова возвишено доживување, тебе сакс лејди Кенди Дајфер.


За Женски Магазин, Тања Трајковска

*Ставовите изразени во колумната се лични ставови на авторот и тие не мора нужно да ја одразуваат уредувачката политика на Женски магазин

Колумната може да ја слушате во аудио-верзија во продолжение: