Ниски страсти

Македонските ракометари ја продолжија традицијата. Одиме на светско првенство.

Со мир во главата и оган во срцето го започнаа синоќешниот натпревар против репрезентацијата на Фарски острови, кој се одигра во салата Борис Трајковски. Тој оган толку се распали што немаше потреба да скандираме „срце на терен“. Оставија и душа и тело. Искрено, ретки беа тие што размислуваа како селекторот Кире Лазаров, кој по лошата игра пред четири дена на гостински терен и разликата од шест гола, изјави дека има надеж, зашто верува во силата на нашите ракометари. Беше во право. 

Ги совладавме со 8 гола разлика. Синоќа присуствуваме на еден од најстресните натпревари на македонската ракометна репрезентација. Дел од најверните фанови сепак дојдовме да ги бодриме на лице место. Скептиицизмот, разочарувањето на почетокот, постепено прераснуваше во верба и радост, кој на крај резултираше со еуфорично расположение и скандирање.

Тоа е таа психологија на навивањето. Извор на различни интензивни емоции, од многу пријатни, до многу непријатни. Психолозите велат дека основниот механизам кај навивањето е поистоветување или идентификација. Навивачот несвесно поставува знак на еднаквост помеѓу себе и тој за кого навива. Во овој случај не станува збор за клуб, туку за репрезентација на Македонија. Сите, ја доживуваат како дел од себе, од својата личност. Резултатот од натпреварот предизвикува многу интензивни чувства, од среќа па до гнев. Ако репрезентацијата победи навивачот чувствува гордост и задоволство.

Проблемот настанува кога ќе изгуби. Тоа го доживува емотивно како свој личен губитоки реагира со големо разочарување и лоши чувства. Ако порано важело правилото твојот успех е и мој, во тие мигови навивачот размислува дека „твојот неуспех е само твој “. Се дистанцираат и стануваат безскрупозни во коментарите спрема играчите и селекторот, кои претходно им биле предмет на одушевување.

Само пред четири дена по поразот, на Фејсбук се појавија многу коментари, сите со негативна конотација.

„Не треба да се вратат во Македонија, од тикви лубеници не бидуваат, ние немаме ракометари ,туку туристи, дрва едни пеш заслужија да се враќаат, Фараните и на реваншот ќе не поминат како брзи воз...

По победата реториката драстично се смени и може да се сумира само во неколку реченици.

Браво Македонија! Браво за селекторот Кире Лазаров и сите од стручен штаб!Браво за играчите нашите лавови!

Појавата на плукање, навреди, не е од вчера. И не е присутна само на нашиве простори. Но, на таа појава не и место, особено во нашиот најуспешен спорт – ракометот. Критиките се добредојдени. Не треба да си новинар или поранешен ракометар за да процениш што е добра или лоша игра. Да почувствуваш мотивација или индиферентност на теренот и да го напишеш јавно своето размислување.

По поразот од Фарски навивачите не покажаа ни трунка почит кон Кире Лазарпов, човекот кој толку го задолжи нашиот ракомет, го пренесе името Македонија низ целиот свет. Толку навредливи коментари не заслужи. Ниту пак нив ги заслужија младите играчи, кои ќе ја испишуваат новата ракометна историја.

Останува надежта дека спортот може да ги совлада ниските страсти и ваквите навреди да се разретчат. Тешко е да се искоренат.

А најважно од се, е да ги совлада и „навивачките страсти“ зачинети со политика. од типот„ Кире ќе лета како Таче“ или „ Ќе почнеме да менуваме се, па и него“.

Да го издигнеме спортот над политиката. Зашто како навивачи сите сме исти, сите сме едно. Сите сме со иста мисла и желба – победа.

Кире ќе лета, ама со ракометарите на светско првенство. Да веруваме дека ќе продолжат да се борат на теренот со таков оган во градите за Македонија.

Соња Алексоска Неделковска

Фото: РФМ