Мразам шопинг, фановите ми купуваат облека: Интервју со Дејвид Гарет

Го нарекуваат Паганини меѓу поп-рок ѕвездите и Џими Хендрикс меѓу виолинистите. Со неговата претходна турнеја продаде повеќе од 400.000 билети во 20 земји. Свирејќи преработки од класични дела до најголемите рок класици, германскиот виолинист Дејвид Гарет како дел од турнејата на најголемите хитови, на мапата го има и Скопје. 

Гарет ќе одржи концерт во А1 Арената (Борис Трајковски) на 25 септември во организација на „Прагма“ продукција. Жените го обожаваат, мажите му се восхитуваат, а тој за себеси вели дека ужива во најобичните работи и најмногу мрази шопинг. Добитникот на 24 златни и 16 платинести награди кој зад себе има 22 албуми со преработки, од дела на Моцарт до хитови на „Металика“, за Женски магазин искрено зборува за својот живот и работа. 

* Кога одлучивте дека токму виолината ќе биде Вашиот инструмент?

- Не паметам точно кога ја донесов таа одлука. Започнав многу рано, и сигурно таму имало нешто што ме конектирало со тој инструмент, но навистина не го паметам моментот, бидејќи бев сѐ уште многу млад. Кога решив да се запишам на Универзитетот Џулијард, тоа беше моментот кога одлучив: Ова е нешто на што сакам да си го потрошам животот.

* Како ја правите Вашата плеј-листа. Дали тие песни се Вашите омилени или ја одбирате музиката што луѓето ја сакаат?

- Песните што јас ги снимам и ги свирам се песни што сакам да ги слушам самиот, но има многу музика што не е за виолината, или барем не сѐ уште. Но, јас во основа секогаш одам со мој персонален вкус, бидејќи на крајот јас ќе ги свирам песните на турнеја која може да трае и две години. Се разбира, ги одбирам песните што ги сакам.

По колку часа на ден вежбавте виолина порано, колку имате време за вежбање сега?

- Исто е како во спортот, ако не вежбаш губиш мускулна маса. Па, за виолинист треба да вежбаш секој ден, околу два до три часа за да ја продолжиш висината на твоето ниво. Во минатото некогаш ќе претерав и вежбав осум, девет или десет часа, но не го правам веќе тоа бидејќи не е добро да си го преморувате телото. Квалитетното вежбање по два до три часа  на ден е многу подобро од повеќе часови со помала концентрација.

* Дали некогаш сте слушнале за македонската традиционална музика и ритам?

- Не, сѐ уште не. Знам дека сте држава која многу ја сака музиката. На 25 септември за првпат доаѓам кај вас и сѐ уште ги истражувам културата, државата и луѓето, и навистина се радувам за овој концерт.

* Можете ли споделите со нас некоја смешна анегдота што Ви се случила на турнеја?

- Има една смешна анегдота. Обично правам тонска проба, важни се за квалитетот на звукот. Но, еднаш кога бевме во Јужна Америка не бев во можност да направам тонска проба поради набиениот распоред и не успеав да ја видам сцената пред концертот. За време на шоуто, не го видов звучникот бидејќи беше црн, исто како и сцената. Паднав на него додека свирев. Најсмешно е што продолжив да свирам лежејќи, додека не се вратив на сцената. Тоа беше смешен момент.

* Жените го сакаат Вашиот неформален стил на облекување и имиџ. Дали е Ваша идеја да изгледате така на сцената или консултирате стилист?

- Јас всушност сакам да носам удобна облека, и затоа немам стилист, хахаха. Јас само си земам што прво ќе ми дојде до рака од плакарот. Дури не одам ни во шопинг. Навистина сум среќен што моите фанови знаат дека не го сакам шопингот, па ми испраќаат маици и тоа е главно она што го имам во мојот плакар. Моите фанови се најдобри ! Го знаат мојот вкус и она што сакам да го носам. Навистина ги ценам тие подароци и многу сум благодарен и почестен. Во чест на моите фанови, ги носам тие маици на сцената.

* Кажете ми нешто повеќе за Вас приватно. Што Ве прави среќен кога не работите?

- О, само обични работи: Да имам релаксиран ден, да одам на прошетка, да поминувам време со семејството и со пријателите. Ме прави среќен спортот, гледањето „Нетфликс“, уживањето во животот, и секако, слушањето музика.

* Колку обично трае една Ваша турнеја?

- Секоја турнеја е различна, некогаш си на пат со месеци, некогаш еден ипол месец, некогаш само една недела, некогаш по два дена, па пауза, па нови две недели. Целата турнеја обично трае една година, некогаш две или три години, во зависност од тоа во колку земји и во колку континенти патуваме.

* Што најмногу Ви недостасува кога сте на турнеја?

- Пријателите и семејството се разбора, и мојот кревет. Сите знаат дека кога сте отсутен од дома, дури и кога одите на одмор, убаво е чувството да се вратите дома. Секоја турнеја за мене е многу забавна и уживам во неа, но неповтроливо е чувството кога по долго време ќе влезам во мојот стан.

* Која е најубавата работа во Вашата професија?

- Најубавото нешто е што ги правам луѓето среќни. Моја привилегија е што успевам да ги оттргнам луѓето од нивните животи и проблеми на два ипол часа, што ги правам да им е убаво, им носам насмевки, правам да ги изразат своите емоции. Се трудам да созададам средина во која луѓето ќе бидат она што се во тие два ипол часа додека им свирам. Тоа е благословот кој го имам.

Милица Џаровска