Македонците се најголемите патриоти што сум ги запознала: Сипхокази од Јужноафриканската Република за бракот со Дарко

Македонците се најголемите патриоти што сум ги запознала, вели Сипхокази Трпкоски од Јужноафриканската Република.

Таа има 34 години и веќе неколку години живее во Македонија, во хармоничен брак со 38 годишниот фитнес инструктор Дарко Трпкоски од Скопје.

Се запознале на работа на брод, имале врска на далечина, а од 2015 се во официјален брак. Среќни родители се на осуммесечниот Микаел.


„Се запознавме додека работевме на крстаречките бродови на Карибите. Мојата сопруга е од Јужноафриканската Република и нејзиното име Сипхокази Трпкоски. Ние нашата врска ја започнавме во 2015 и се венчавме во Јужноафриканската Република наредната година. Нашата врска на почетокот беше на далечина - мојата сопруга во Јужна Африка, а јас во Македонија додека се обидувавме да ги средиме визите и каде ќе се сместиме. Во 2018 решивме да дојдеме да живееме во Македонија и овде сме се до денес“, ни го раскажува Дарко почетокот на оваа несекојдневна љубовна приказна.

Сипхокази по професија е физиотерапевт, а заедно со Дарко се дигитални креатори на Јутјуб Каналот наречен „The Trpkoski Fam“.

„Сипхокази започна со блогот на Јутујб кога се преселивме во Македонија. Целта ни беше да се документира нејзиното искуство, да се покаже Македонската култура и слично, па после го преименувавме во Фамилијарен канал каде што многу луѓе почнаа да уживаат гледајки нѐ заедно. Сакаме да растеме и да покажеме повеќе од Македонија и Јужна Африка, да им помогнеме на луѓето да научат повеќе за интернационалните врски преку нашето искуство кое што го споделуваме на Каналот“.

Како што споменавме, Дарко и Сипхокази се родители на 8 месечно бебе. За малиот Микаел Тхандо Трпкоски се грижат сами околу обврските, а за нив тоа е интересно и прекрасно искуство, на моменти и тешко.

Сипхокази никогаш не претпоставувала дека судбината ќе ја донесе да живее во Македонија. Почетокот ѝ бил тежок поради јазичната бариеа како и расистичките моменти, но семејството на сопругот одлично ја прифатило.

„Никогаш не сум ни помислила дека ќе живеам во Македонија, никогаш не било во мој план. Родителите на мојот сопруг и пријателите ме прифатија одлично од првиот момент кога се сретнавме.


Беше многу тешко за мене на почетокот, јазичната бариера беше предизвик за мене, првите расистички моменти беа екстремно тешки. Ми беше потребно година и пол за целосно да се прилагодам на средината во земјата. Запознав неколку прекрасни луѓе и имам прекрасни сеќавања кои ќе ги негувам засекогаш“, ни раскажа Сипхокази .

Она што нејзе најмногу и се допаѓа во Македонија е безбедноста.

Вели дека се чувствува сигурно кога навечер ќе шета во паркови без да се грижи за безбедноста.

„Ми се допаѓа како е безгрижно и сигурно се чуствувам во Македонија споредбено со мојата земја Јужна Африка. Обожавам да шетам по паркови, да се шетам слободно навечер без да се грижам многу за мојата безбедност“, вели таа.

Што мисли за Македонците, за македонската храна и култура, традиции и обичаи...

„Македонците се најголемите патриоти што сум ги запознала, тие се многу страсни за она во што веруваат. Македонците се исто така многу гостопримливи и љубезни. Да, обожавам и уживам во храната како мекици, кисело млеко, тавче гравче, кашкавалот посебно од оној од Маврово и ракијата.

Следам нешто од традицијата и културните практики. Најмногу тоа што ни се допаѓа и нè поврзува со Дарко. Ние правиме или кажано правиме спој од двете - Македонската и мојата култура во нашиот заеднички живот.

Сипхокази ни кажа и дека од Јужна Африка најмногу ѝ недостасува храната и производите кои ѝ требаат за негување на нејзината специфична коса.


Ирена Ставрова