Господе ако имам епилептичен напад додека сум бремена нека биде додека спијам или лежам за да не ги повредам бебињата: Маја од Скопје за предвреме родените близначиња Ања и Миа

Маја Стојановска Петровиќ е мајка на две предвреме родени женски близначиња. За да ги донесе на овој свет поминала низ тешки искушенија, и во бременоста, а потоа и со проблеми кои настанале по раѓањето на Ања и Миа.

Маја три години се обидувала да остане бремена. Со сопругот ги направиле сите потребни испитувања за да на крај двете бебиња ги добие со ин витро оплодување.

„Ги направивме сите потребни испитувања и за мене и за сопругот. На крај се покажа дека во прашање е машкиот фактор, но ништо спектакуларно за да не можам да забременам. Почнавме со здрава исхрана, за сопругот и посебна терапија … резултатите беа полоши. Пробавме и друга терапија од која резултатите беа уште полоши. Еден, друг уролог, уроловитамини, терапии и се тоа некако беше безнадежно. Отидовме кај Д-р Трајковски во една приватна клиника. Дури и тој се чудеше како не можам да останам бремена“, раскажува Маја, мајка на две близначиња.

По прегледот Маја го започнала процесот со инсеминација, кој постојано се косел со неа. По првата инсеминација, добила Ковид, а по втората имала повреда на коленото.

„Докторот ми ги објасни работите за ин витро, па додека бев дома со шиено колено си зацртав дека сега е време да ги доправам испитувањата коишто ми се потребни, за да ја имам цела документација и да сум на чисто дека се е во ред за да може да почнеме со ин витро. Се беше во ред, ги собравме сите документи ги поднесовме во фондот и за еден месец добивме ваучер за ин витро. Почнавме со ин витро терапијата. Боцкање, секој ден испитувања, проверка на фоликули. На 21 септември ги извадија јајцеклетките, беа вкупно 19. Секој ден од клиниката ми се јавуваше ембриолог да ме информира како се развиваат и како напредуваат“, вели Маја.

Кога дошло време за ин витро, Маја била исплашена, со доза на паника, но и нервоза. Со сопругот си ветиле дека нема премногу да се надеваат, за да не се разочараат, но дека ќе одат до крај.

„Се мислевме колку јајцеклетки да вратиме и на крај додека бевме во сала се договорив со докторот да вратиме две јајцеклетки, една веќе бластоцит и една веќе созреана јајце клетка. Процесот трае 10 – на минути и плус таму лежиш половина час и потоа две недели чекање, вечност“, раскажува Маја.

Во 3 часот попладне ми се јавија од болницата да ми кажат дека сум бремена.

„Стигнаа резултатите од крвта, честитки бремена сте bhg ви е 1600“, биле зборовите кои ги слушнала Маја во телефонски разговор.

Била во шок и во еден момент помислила дека тука и застанал светот и времето. По убавата вест, на Маја и закажале прв преглед за две недели, а во меѓувреме оди кај матичниот гинеколог за да отвори патолошка бременост. Таму ја очекува уште една убава информација.

„Кога отидов сестрата кај матичниот гинеколог кога ги виде резултатите само ми се насмевна и ми рече „браво мајка од прво па близначиња“. Со толку високо bhg во крвта 100% се близнаци. Со сопругот само се насмевнавме бидејќи тој никогаш не сакал близнаци ама кармата го стигна. Кога отидовме на првиот преглед после две недели, само што го пушти ехото одма се покажаа две ембриончиња со срцева реакција … момент кога се е измешано и среќа и радост и време кога се застанува и солзи радосници сами течат“, вели Маја.

Бременоста и била лесна, уредна со нормално утрински мачнини до 4. месец, со редовни контролни прегледи.

„Постоеше цело време доза на страв во мене бидејќи јас од мои 17 ипол години имам епилепсија. Но секако во консултација со мојата докторка невролог, стравот не беше толкав голем, терапијата ми беше покачена бидејќи станува збор за бременост со близнаци“, вели Маја.

Бебињата додека биле во утробата, напредувале одлично. Маја се чувствувала како да носи едно, а не две бебиња. Кога во април била на контрола кај замената на нејзиниот гинеколог, веднаш по прегледот и рекле дека цервиксот и бил отворен 11 mm, што значело ризик за предвремено породување.

Морала две недели да мирува за бебињата малку пораснат за да ја прими првата доза за зреење на белите дробови. Бидејќи кога се работи за близначка бременост се примаат две дози за зреење на белите дробови на бебињата.

„Истиот ден вечерта во спиење добив напад на епилепсија од што е плашев најмногу и секогаш се молев и си викав „Господе ако имам напад додека сум бремена нека биде додека спијам или лежам за не паднам да ги повредам бебињата“. Сопругот ме освести, повикаа брза помош ме однесоа на ГАК каде што ме приклучија на ЦТГ и видоа дека јас имам контракции цело време. Ме задржаа, ме следеа за да можам утрото да го примам вториот дел од инекциите за зреење на белите дробови. Ми зедоа крв за да видат која крвна група сум и чекав. На 19. април, 2023 година во 12 часот попладне стигна крвната група. Ме качија во сала поради епилепсијата со целосна анестезија ме успаа. Во 13.28 часот стигна Ања, тешка 44 см и тешка 1 кг 540 гр и само две минути подоцна стигна мојот мал херој, Миа долга 42 см и тешка 1 кг и 280 гр“, раскажува Маја.

Тука почнува агонијата за Маја бидејќи не можела да ги видам во наредните скоро 30 часа. Била сместена во соба со уште една родилка која пак во своите раце го држела своето бебе, а Маја вели „јас бев со празни раце“. Ања и Миа успеала да ги види дури следниот ден.

„Бев пресреќна што си ги видов за прв пат бебињата. Двојајчани мои близначки, едно плаво, едно црно по целото лице врзано. Ања дишеше самостојно и можев да и го видам ликот, но Миа беше цела врзана и со маска за дишење. Радост неизмерна и тага да ги гушнам“, емотивно раскажува Маја.

Здравствената состојба на Ања била стабилна, дишела самостојно од првиот ден, додека пак состојбата на Миа била загрижувачка. Дишела со кислородна поддршка и добила жолтица. Телесната тежина се намалила до 1 килограм.

„По 5 дена во болница ме пуштија дома и кога дојде сопругот не однесоа кај бебињата да ги видиме и тогаш ме облеа среќа кога за прв пат и двете самостојно дишеа ја поминаа жолтицата и конечно и го видов ликот на Миа. Од тој ден кога ме пуштија секој вторник и четврток одевме на ГАК во претходно закажан термин по 10-15 минути да ги видиме нашите „буби“. Дојдов дома и чекав сами да дојде вторник или четврток да трчам да ги видам и секој ден чекав да дојде 16 часот за да се јавам да ме информираат за нивната состојба. Еден ден при посета, прв пат го држев моето бебе во раце. Ја држев Миа во раце, точно беше голема колку да ја собере во двете раце споени. Беше малечка, кревка и штом ја зедов веднаш се смири и престана да плаче, но затоа јас плачев од среќа бидејќи после скоро 20 дена го допрев моето бебе, држев мое бебе во рацете“, вели Маја.

Ања прва ја зеле од болница, но Миа останала. По точно 30 дена поминати во инкубатор време било и таа да си дојде дома во мајчината прегратка.

„Конечно дома, конечно сите заедно. Бевме среќни но пред нас голем предизвик“, вели Маја.

По доаѓањето дома Миа имала проблем со пиење млеко, па по препраќањето од ГАК на Детска клиника за бебето со сонда може да пие млеко, со наодите од ГАК наишла на информација која не знаела.

„Читајќи ја отпусната-листа наидов на некои работи кои не беа кажани на ГАК во врска со Миа, а кои подоцна ни ги потврди неврологот, а ми ги објасни детално и нашиот педијатар. Миа била 3 пати реанимирана и имала крвавење во мозочето. Среќа мојот мал борец успеа да се избори со сè и да диши самостојно и крвавењето од мозочето и се повлекло“, раскажува мајката на две близначиња.

Имињата веднаш ги одбрале со сопругот, сакале кратки, па се одлучиле двете девојчиња да се викаат Ања и Миа. Иако се близначки Маја вели дека се сосема различни.

„Ања и Миа сега имаат 7 месеци, коригирани 5 бидејќи се родени точно во 32 гестациска недела. Супер напредуваат и се сосема различни. Една русокоса со сини очи, што повеќе сака да спие и да си лежи, додека другата Миа – змивче, пргаво, 100 на саат, да се смее, да не биди со „пеење“, инает што дури на неполни 4 месеци, извади 2 запчиња. Скроз се различни“, вели Маја.

Мајките кои се соочуваат со сличен проблем како таа, вели дека треба да бидат истрајни и да одат до крај.

Околу домашните обврски со двете бебиња и помага и сопругот, двете баби но и двете внуки Сара и Илина.

Габриела Додевска Глигоровска