Сакам да им купувам подароци на дечињата од Детско село кои растат во куќата каде што пораснав: Претпразнично со Цеце Николова

Водителката и новинарката Цеце Николова годината која изминува ќе ја памети по многу порази, но и победи, а за Новата верува дека ќе биде посебна и најубава за неа

Таа е секогаш искрена и гласно говори за животните предизвици со кои се соочува, како болеста алопеција, но и секогаш со гордост раскажува за жената што ја одгледала во СОС Детско село, мајка Наташа која има посебно место во нејзиното срце. 

За професијата, но и за приватноста, како и за празничната еуфорија, може да читате во редовите подолу.

* Дали Ве фаќа новогодишна еуфорија или предновогодишен стрес?

- Предновогодишна еуфорија ме фаќа уште на 1-ви ноември (се смее). Го обожавам овој период од годината, кога сѐ (треба да) светка, насекаде се слушаат новогодишни, божиќни песни и кога буквално сѐ наоколу е во духот на претстојните празници.

* Колку Ви значат новогодишните празници? Дали го накитивте домот и дали уживате во китењето?

- Ја сакам новогодишната еуфорија, која најчесто сама си ја создавам. И не сакам никој да ми го крши новогодишниот филм што го имам уште од дете. Инаку, оваа година ставив дома само сијалички, бидејќи од неодамна семејството ми се зголеми, па сега веќе не живеам сама, туку со Симба, мојот мачор-принц. Уште кога го најдов и одлучив да го чувам, се помирив со тоа дека годинава ќе скокнам китење елка, хахаха. За догодина се надевам ќе се научиме дека „тоа не треба да се пипа“.

* По што ќе ја паметите 2023 година?

- Во 2023 година ми се случија многу порази, од кои научив скапи животни лекции. Но, некаде пред крајот на годината, ми се случи остварување на мојот најголем сон - се вработив во Утринската на Канал 5 телевизија, „Здраво Македонијо“ како водител и, на среќата ѝ нема крај! Така што, 2023 година ми покажа дека можеш да го освоиш врвот и кога си на дно!

* Што очекувате во Новата 2024 година?

- 2024 верувам дека ќе биде моја година. Не очекувам ништо од неа, сама ќе си ја направам посебна и најубава!

* Како ја прославувавте Нова година во периодот од детството додека бевте во СОС детско село. Би издвоиле ли посебно некој дочек?

- Дочекот на Нова година во Детско село е нешто што му го посакувам на секое дете што расте без родители и родителска грижа. Неверојатно украсена куќа, полна маса со безброј видови на слатки, многу пакетчиња под елката и новогодишни песни пуштени на најгласно. Многу гушки, смешки и очи полни радост.

* Дали верувате во Дедо Мраз? Дали знаете да придонесете хуманитарно и да бидете Дедо Мраз за некои дечиња?

- Сакам да им купувам подароци на дечињата од Детско село кои растат во куќата кадешто јас пораснав. Куќа „Буба Мара“, со истата, непроменета згрижувачка повеќе од 20 години, мојата мајка Наташа. Во моментов таа се грижи за 5 дечиња, кои ги сакам најмногу на свет! 

* Што сакате да добиете на подарок оваа година, а што пак ќе подарите на најбликите?

- Не сакам подарок, сакам само сите сакани да ми останат на број, 2024 никој да не ми земе! А што ќе им подарам, нешто што вреди 5 пари, а знам дека ќе им се допадне и, најважно - ќе им остане!

* Ваша Новогодишна порака.

- Излезете од комфор зона и почнете да правите работи што ве прават среќни. Ни недостасуваат среќни луѓе! Смејте се и сакајте!


*Д. Караташова Илиоска