БОГОЕВ СЕ ЗАКОЛНА НА ВЕЧНА ЉУБОВ: Свадбата ќе биде во септември

Стефан Богоев денес се заколна на вечна љубов. Судбоносното „ДА“ со неговата избраничка Ивана Анѓеловска го кажаа пред најблиските роднини во црквата Св. Пантелејмон. Избраничката на градоначаникот на општина Карпош се одлучи за сребрена шик креација. 

„Женски Магазин“ стапи во контакт со Богоев. Ни откри дека голема прослава допрва ќе има.

- Денеска се венчавме во црквата Св. Пантелејмон во Карпош и  се регистриравме. Потоа со семејството прославивме во „Ден и ноќ“, исто така во Карпош. Свадбата е закажана во септември - ни изјави Богоев.   

Стефан ја запроси својата долгогодишна девојка Ивана во февруари годинава. За свечениот момент одбра симболичен датум – нејзиниот роденден. Тогаш, за „Женски Магазин“ ја раскажа својата љубовна приказна.

- Се запознавме пред скоро девет години. Пред тоа воопшто не се познававме. Се најдовме во „Клуб Картел“ кој тогаш постоеше. Од првиот момент имаше искра и почнавме интензивно да комуницираме. Почнавме и да се гледаме, беше убаво и да бидам искрен уште оттогаш имав претчувство дека ќе трае. Оттогаш, покрај љубовта станавме и најдобри другари, партнери. Споделуваме сѐ. Ивана ми е и најголема поддршка во кариерата, а и јас во нејзината – ни изјави Богоев.  

На прашањето каква веселба планираат, ни призна дека тој е повеќе за нешто помодерно, наместо за класична свадба.

- Кругот на пријатели ни е релативно млад и затоа сакам да биде „младалачки“ и забавно. Интимно тешко дека ќе биде – на шега ни изјави тогаш.

Неговата сопруга Ивана е дипломиран политиколог, а работи како бренд менаџер во парфимериите „Еликсир“.

Ѓ.С.