Ана Бунтеска: Сенка

Има ноќи кога телово го напуштам,


се гледам себе одозгора,


си го гледам трупот како се превртува во сон,


шкрипи со забите, немирен е,


испушта звуци, небаре некој за вратот го држи.



Седам така до себе некое време,


ми доаѓа да се погалам, да се утешам,


да си ја избришам потта од челото,


да си ја поднаместам косата која ми го покрива лицето


и да си шепнам на уво “се’ ќе биде во ред”.



И некако ме фаќа тага за себе,


за телото што лежи, а е уморно,


за умот кој е несвесен, а страда од дамнешни гревови,


дури и приспивна би си запеала,


но знам дека ништо не допира зад кошмарот.



Потоа излегувам надвор, најчесто преку ѕидот,


магливо и воздушесто се провлекувам низ него,


ја мирисам месечината и го пијам дождот,


лутам низ влажните улици,


роварам низ мислите на осамените минувачи.



Ги собирам во себе туѓите солзи и викотници,


сиот јад, несреќни мисли и распаднати љубови,


дланките ми се крвави, полни со нечии убиени соништа


и сакам да врескам, до небото да се слушнам,


да одмине овој бес и горчина насобрана со векови.



Се враќам...се враќам секогаш во мугрите,


за нијанса потажна од претходната ноќ,


се враќам со бол во градите и ноздрви полни смрт,


токму навреме кога почнувам да се будам,


токму навреме за да не се изгубам неповратно.


За Женски Магазин, Ана Бунтеска