Заеби козата удри по комишијата

Ида ми е пријателка од засекогаш мислам, едина лавица што успеа да се избори со сите мои психози на две нозе, да ме сака, и до ден денешен да ми се доверува за се'. Инаку тату артист и мултимедијален уметник, ми вели пред некој ден, абре човече само мажи ми закажуваат тетовирање, жениве нигде ги нема. И реков, Ида брате до родот е, во последниве неколку години се калемиме на зло, завист и љубомора.

Уплав ме фаќа кога забележувам колку се повеќе генерациски девојчињава се деформираат на карта БИЧ ПЛИЗ етика. Се е дозволено, па дури и цревата од внатре да си ги изедат затоа што не е по нивно. Една размазена генерација комплетно неспособна за разумна комуникација што освен со навреди со друго не знае, исполнета со јасно видливи и од нив оправдани фрустрации владее по социјалниве медиуми и завзема замав нашироко само и единствено заради нашата исконска идеологија попаметниот попушта а по можност и молчи. Недоволно едуцирани, некои од нив воопшто, се обидуваат да згазат се пред себе со нагузена дупета и напучени усници, без осет за тоа колку само сами на себе си штетат, колку гнијат и трулат одвнатре. Научени на немање, бидејќи нели политичариве во последниве 30 години се едногласно решени да не сотрат како нација, растени во половна сиромаштија со седостапност на информации од шесторазредни медиуми по нетов, таа генерација сега расте и се развива под изговор дека се што е тукашно не чини, се што не е по нивно не чини, се што не им е лесно достапно е невредно. Па така од амбиција најголемата е да си отворат салон за убавина, да станат инста дизајнерки или инфлуенсерки, или да се појават во спот на локален рапер, а момчињава да се сликаат со бемвето на некој локален чика Куре.

Ај со ваш јазик, ало бре мишеви шта сте се усрали?!!!

Кој ви тоа рече дека вака се прави и дека со тоа што удирате по се она што до вчера ви било дома најблиско ќе си најдете мир и среќа. Ај малку да уклучиме памет заедно, еве со ваши примери ќе ви докажам дека не сте во право.

Се борите за права, а не знаете кои права ги заслужувате. Се залагате за суб култура, а не сте запознаени со вашата домашна и основна, таа заради која вие сте овде. Ги величате афроамериканците, американскиот начин на слобода и гангстеризам, локална турбофолкерска естетика на 90ти во кои добар дел од вас едвај цицале, а се што ви е дома, се она што вас ве создало и направило го газите, понижувате и давате се од себе да го уништите. Бијонси е таква каква што е заради величање на афро културата на нејзин начин, заради почитта која ја има кон нејзините корени и големата африканска мајка. Тупак е се уште најголема рап легенда заради револуцијата која ја крена со неговата музика и раскажа колку неговиот народ е угнетуван, колку тој лично е напаѓан и се што има поминато во животот. И попатно сегде ги има и кокаините и курвите и пиштолите у реду је, од ваша сум, ајде сите ќе бидеме несфатениот Скарфејс на општествово. Ама дајте бре уклучете мозоци, подадете си рака еден на друг, една на друга и создадете вистинска културна или суб културна револуција која ќе ви донесе вистински права за соодветно неподмитено обрзование, квалитетно здраство, можност да до 30 години си купиш сопствен стан без да чекаш мајка ти или татко ти да ти го препишат. Дали знаете за што се борите бе деца, дали знаете кого мразите и кого плукате по тик ток и по инста сториња. Имате ли малку активна сива маса за да ни покажете дека не сте вреќи полни со завист за туѓата среќа, туку сте здрави едински, со амбиции доволно големи што се плашиш да ги кажеш на глас ама имаш муда да се бориш за нив, млади луѓе гладни за живот, искуства, емоции, создавање на спомени ама дома, овде, без потреба за бегство. Вие сте вашата иднина, ние ќе испоцркаме, џабе ни држите лутина за се, не сме ние криви за вашите избори, сами сте виновни. Никогаш не послушав никој освен себе, секогаш одев со глава во зид против наметнатото, од секогаш знам дека секој жив човек заслужува исто, истата среќа, истата љубов, сите сме исти без разлика од каде сме. Но, ако не го почитуваме тоа што ни е дома, ако не се поддржиме ние овде сите заедно, џабе ни е. Живеете со главите во телефон, одите по јахти само за да се сликате, сакате скапи коли само за да ве лајкуваат, се натегнувате во брендови само за да ве зборат. Живеете за другите, а за себе ќе умрете. Што ако утре не се разбудиш, кој ќе ти ги брои лајковие? Што направи денес што те направи среќен, сто пати сум ве прашала ова. Ако туѓата несреќа за тебе е среќа, тогаш си легитимно оштетен, тука не ти се мешам, тоа е виша и психијатриска сила. Ама за сите вас други, дали сте свесни дека време тече оп стоп, и додека ги бркате нереализираните идеали на вашите родители, ќе потонете во вашите срушени соништа и ќе завршите бетер од вашите најголеми стравови. Имај амбиција за повеќе од инста старлета, повеќе од газда, те молам. Со малку повеќе труд не сте свесни колку врати се отвараат. Ако си од скршено семејство, не значи дека и твоето ќе е исто, ако те повредувале како мал, не значи дека ти треба да го правиш истото. Ако твоите родители оделе по лесниот пат, ти зачекори по трње бе, докажи им дека можеш подобро од нив, ама не мерено во банкноти, да ти олеснам, за брзо време ќе ги снема и нема да се бројат. Светов се менува, редно време е овој пат да го фатиме текот на револуцијата, да не заглавуваме во турско по стоти пат, и наместо еден против друг, овој пат еден покрај друг да го добиеме сето она што го заслужуваме како народ на една држава. Не си ти ни Југославија, ни Јужна Америка, ниту пак Русија, имаш свој идентитет, имаш историја, имаш минато и иднина, имаш своја глава. Извини од мене за тоа што не ти покажавме како треба, и нас не голтна таа проклета транзиција па наместо да живееме се научивме да животариме со наведнати глави, покорно пред системот. И нам покажи ни како треба, смени го кодот, смени го генот на локална само омраза, докажи ни дека овде има иднина и дека иднината си ти, заедно си сите нас!

Јас сум Ивана Кнез, комшија елај си слободно, ќе ти сварам турско со локумче и ќе ти покажам како се тоа калеше челикот.

Намасте.