,

Задник како Кардашијан, гради како Адријана Лима: Најбарани естетски операции во Македонија

Трендот за естетски интервенции во Македонија е во нагорна линија. Тоа порано се сметаше за табу-тема, но сега е ИН да се пофалите дека имате направено одреден естетски зафат. Муабетите за нови чевли, чанта или кола, сега во Скопје се заменети со муабетите дали се боцкате со ботокс, колаген или хијалуронска киселина, дали сте ги зголемиле или намалиле градите, дали сте го подигнале задникот, дали сте го затегнале стомакот, дали сте ги зголемиле усните со или без оперативен зафат, дали сте се подмладиле во лицето со крвна плазма или со сопствено масно ткиво. Дали сте поминале поевтино или поскапо, успешно или неуспешно, кај домашен или странски доктор. Дали (не) личите на себе, на холивудски или на бугарски модел.

Зошто потрагата по вечна убавина и совршен изглед сега е подраматична, за „Женски магазин“ откриваат проф. Д-р Смиља Туџарова-Ѓоргова, раководител на Одделот за естетска хирургија на Клиниката за пластична и за реконструктивна хирургија и редовен професор на Медицинскиот факултет во Скопје и д-р Мирјана Јосифовска од Одделот за пластична и реконструктивна хирургија во „Аџибадем-Систина“.

* Дали трендот на естетски операции е во нагорна линија или во опаѓање?

Проф. д-р Туџарова: Во нагорна линија.

Д-р Јосифовска: Трендот за естетски интервенции дефинитивно е во нагорна линија. Тоа порано се сметаше за табу-тема, но сега е ИН да се пофалиш дека имаш направено одреден естетски зафат.

* Кој е тимот кој ги прави операциите во вашата болница?

Проф. д-р Туџарова : Тоа се 22 пластични хирурзи и млади лекари на специјализација.

Д-р Јосифовска: Во нашата болница „Аџибадем-Систина“ на Одделот за пластична и реконструктивна хирургија работиме заедно со д-р Илија Мостров и сме во постојана соработка со надворешни доктори/едукатори од Европа со цел на нашите пациенти да им го понудиме најдоброто.

* Кои естетски операции или третмани се најбарани во вашата болница?

Проф. д-р Туџарова: Аурикулопластика (корекција на уши), ринопластика (пластична операција на нос) ,блефаропластика (затегнување на очните капаци), имплантација на протези, абдоминопластика (обликување на стомакот), липосукција (отстранување масното ткиво од телото со вшмукување), липофилинг (подмладување на лицето и телото со масно ткиво).

Д-р Јосифовска: Иако во последните години голем замав зедоа неинванзивните процедури,како апликација на ботокс и дермални филери, сепак акцент е ставен на оперативни зафати на телото. Како најбарани интервенции во нашата болница можам да ги набројам следните: Зголемување на градите со импланти - Липосукција на телото со BBL (бразилско обликување на задникот) - Tummy tuck процедура (обликување на стомакот ) - Ринопластика - Отопластика (корекција на уши)...

* Кои славни личности се пример за одредена операција или третман?

Проф. д-р Туџарова : Сите глумици и глумци, почнувајќи од Анџелина Џоли и нејзините усни како и моделите од модните писти, на пример Адријана Лима со нејзините гради.

Д-р Јосифовска: Славните личности се на некој начин водилки за инспирација на овие интервенции. Пациентите често ги посочуваат како модели за одреден зафат што тие го имаат направено. Ако морам да посочам некого, тоа сигурно би биле сестрите Кардашијан, кои го подигнаа нивото на побарувачка за оперативен зафат за моделирање на телото со трансфер на сопствени масти и ББЛ.

Нашите жени сакаат гради како оние на Адријана Лима

* Што тре­ба да знае еден па­ци­ент ко­га до­а­ѓа да на­пра­ви естет­ска ко­рек­ци­ја?

Проф. д-р Туџарова: Oперацијата ја прави заради постоечко физичко нагрдување најчесто конгенитално-вродено. Интервенцијата ја прави бидејќи во околината му кажуваат дека не е убав-а. Бидејќи  партнерот постојано зборува за убавина на други лица од опкружувањето. Заради самодоверба, заради полесно вработување...

Д-р Јосифовска: Кога доаѓа пациент за естетска корекција најбитно е да има реални очекувања за исходот на интервенцијата, да е психички спремен, но и да е запознаен со ризикот што го нуди секој оперативен зафат.

* Колку менталната подготовка е важна за естетската операција?

Проф. д-р Туџарова: Пациентите што доаѓаат на Клиника, се едуцирани, и доаѓаат со готова информација. Реалните очекувања, во најголем број, се исти и кај пациентот и кај докторот.

Д-р Јосифовска: Менталната подготовка е една од клучните работи кога станува збор за естетска операција. Со добивање на посакуваниот изглед се зголемуваат самодовербата, задоволството и физичката привлечност. Убавината е суштински дел од идентитетот, личноста и социјалниот успех на жената. Меѓутоа, да не заборавиме дека убавиот изглед не е исто со чувството на убаво. За да изгледаме убаво најпрво треба и да се чувствуваме така.

Д-р Јосифовска: Трендот за естетски интервенции дефинитивно е во нагорна линија


* После колку време постоперативно е видлив резултатот?

Проф. д-р Туџарова: Веднаш (уши) во зависност од типот на операција или после 2 месеца (нос) или после 6 месеци (стомак).

Д-р Јосифовска: Резултатот на оперативниот зафат е видлив веднаш, меѓутоа потребен е период на постоперативно закрепнување од неколку недели за да се воочифиналниот изглед.

На што треба да се внимава по секоја операција или третман?

Проф. д-р Туџарова: Изложување на сонце, физичка активност после 6 недели, а дотогаш само пешачење.

Д-р Јосифовска: За одржување на постоперативниот резултат, потребно е придржување на балансирана исхрана, одредена физичка активност, односно водење здрав животен стил.

Проф. д-р Туџарова: Доаѓаат пациенти за да се информираат и заминуваат неоперирани со голема желба да соберат средства и да дојдат пак


* Дали кога ќе почнете со естетски операции и третмани, тоа значи постојано обновување или освежување на истите?

Проф. д-р Туџарова: Не, секако зависи кој вид на естетска корекција се прави .

Д-р Јосифовска: Постои одредена „слика на совршенство“ што секој од нас ја има во сопствената глава. Кога се почнува со естетски зафати честопати таа слика предизвикува завист од други понатамошни третмани и операции. Докажано е дека поголемиот дел од луѓето кои се зависници од пластичнахирургија исто така страдаат од појава на BDD (Body dysmorphic disorder). Тоа претставува ретка состојба која се карактеризира со постојани и наметливи преокупации со замислени или мали дефекти на нечиј изглед. Сериозноста на нарушувањето варира, предизвикува вистинска емоционална болка и може да има катастрофално влијание врз нивните животи. Затоа е многу битно да се препознае на време. Ние ги советуваме нашите пациенти да ги сакаат своето тело и својот изглед и им помагаме да воочат кои состојби можат да ги променат самите, а што е индикација за естетски оперативен зафат.

* Ко­ја е најс­пе­ци­фич­на­та естетска опе­ра­ци­ја што би­ла на­пра­ве­на во вашите болници?

Проф. д-р Туџарова : На Клиниката за пластична и за реконструктивна хирургија- промена на пол од маж во жена и од жена во маж, но на клиниката засега го решаваме само горниот дел од телото.

Д-р Јосифовска: Во нашата болница се изведуваат голем број естетски оперативни зафати, а како поспецифични можам да ги посочам Total Body Lift кај пациенти кои изгубиле повеќе од 50 кг и Trans gender операција, која за првпат беше изведена во нашата болница. Пред три години во „Аџибадем Систина“  се изведе навистина комплексна операција која траеше пет часа. 33-годишен маж од Македонија го промени полот во жена. Интервенцијата ја изведе тим од врвни уролози по генитално-реконструктивна хирургија.

* Дали ваши пациенти се граѓани од Македонија или и од странство?

Проф. д-р Туџарова: Од Македонија, но и од Данска, Австралија, Германија, Швајцарија..

Д-р Јосифовска: Пациентите што доаѓаат во нашата болница се од Македонија, но имаме и доста странски државјани. Големото искуство и убавите резултати ни донесоа многу пациенти и од соседството. Во нашата болница доаѓаат пациенти од Косово, Албанија, Србија и Црна Гора. 

* Дали интересот е поголем од бројот на интервенциите со оглед на тоа што тие скапи за просечниот македонски џеп?

Проф. д-р Туџарова: Да. Доаѓаат пациенти за да се информираат и заминуваат неоперирани со голема желба да соберат средства и да дојдат пак.

Д-р Јосифовска: Доколку порано естетските интервенции се сметаа за луксуз, сега веќе се подостапни за сите. Секоја сака да изгледа убаво и младо. Можам да кажам дека интересот е подеднакво голем кај жените и кај  мажите. Нашата болница им овозможува на пациентите  услови интервенциите да ги плаќаат на рати без камати. Мислам дека ова е одлична можност што ја нудиме со банката со која соработуваме. 

* Дали убавината е во очите на тој што гледа, или станува единствен императив во светот за напредување во професијата, особено во шоу-бизнисот?

Проф. д-р Туџарова: Убавината е за секого, но не секој може да си ја приушти.

Д-р Јосифовска: Самото општество заедно со медиумите постојано наметнуваат еден изглед на совршенство, како идеал што треба да се постигне. Личностите кои се занимаваат со шоу-бизнисот се повеќе афектирани од овој аспект бидејќи тоа се очекува од нив. Битката за „вечна младост“ и понатаму трае и постојано се врти во круг со идеалот за убавина што секој сака да  го постигне. Морам да нагласам дека акцентот е ставен на женската популација.  Со текот на годините за мажот е нормално да има брчки или седа коса, тоа дури се смета и за привлечно, но жената е таа од која секогаш се очекува да биде средена, негувана и да изгледа убаво. Тој императив за таа убавина постои со векови и допрва го зема својот замав. Како што спомнав, ние ги советуваме нашите пациенти да го сакаат своето тело и да се задоволни со својот изглед. Само со постигнување на тој баланс на внатрешна убавина со надворешен изглед, за кој ние сме тука да помогнеме, жената/личноста може да ја постигне таа благосостојба на задоволство од самата себе, односно во очите на тој што гледа.

Лејла Сабит