Викенд интермецо: Како настанал хитот „Што до тогаш“?

Рубриката „Викенд интермецо“ е серијал преку кој уживате во македонските хитови, но и дознавате како истите настанале. Изборот го прави Ѓорге Стојанов.

„ШТО ДО ТОГАШ“ (ДАНИ ДИМИТРОВСКА)

Промоцијата на овој рефрен се случи во 2007 година. Текстот и музиката се на Весна Малинова Бабамова која сè уште е најблиската соработничка на Дани. Аранжманот е на Дарко Тасев, а продукцијата е работена во Канада, дело на Давор Јордановски. Спотот за оваа тема беше еден од најемитуваните таа година на регионалниот музички канал „Ем Ти Ви Адриа“. Во едно интервју популарната пејачка раскажа дека во било која фаза од нејзината кариера би снимила песна каква што е „Што до тогаш“ без воопшто да размислува. - Ако внимателно ја слушате, во целиот хаос од брз ритам, дурски позитивни акорди, весели стихови и насмеан глас, ќе откриете длабоко меланхолична зрела порака која ја опишува суштината на животот – изјави таа.