Такво е детето

Такво е детето!!, викаше баба ми.

Ама!!, …, нема ама, такво е детето.

Едноставно такво е детето.

Ќе се спомнеше нешто за синот, (порано најчесто за синовите се спомнуваше, многу поретко за ќерките, мислам дека и денеска е така, мислам дека така и ќе остане), на Ѓуро, Петко, Јанко, Станко, дека бил ваков, или онаков, или дека вака било, така било и баба ми ќе речеше “такво е детето“.

Овој бегал од школо, оној имал единици, оној другион ги тепал децата у школо, друг крадел цреши, и мавал со пачки по стари госпоѓи… Ц,ц,ц…

Такво е дететооо, пак ќе речеше.

Ама… Треба појше ќутек, појше казни, појше муабети, појше ова-појше она…

Тикви со расол треба. Такво е детето!

Разбирате ли!?

Од пострашните приказни, имаше и такви дека овој ја тепал мајка му, дека оној се дрогирал, некој друг се коцкал, овој шутирал и убивал мачки по улица, тие другите два-тројца заедно фатиле некое девојче па го малтретирале… И така….

Разно разни приказни имаше во мое време од овој тип. И не само во мое време и во времето пред мене, и во времето на мајка ми и во времето, пред нејзиното време… на баба ми, на прабаба ми… Секогаш имало и секогаш ќе има. Од време на време, туку ќе ми раскажеа по некоја таква, страшна приказна од “нивните времеиња“.

Тогаш немавме интернет, па не знаевме дека Ѓуро од кај и да е, зел секира и ги убил мајка му и татко му, или дека со нож ги сотрел на спиење баба му и дедо му…, дека овој со пушка си го убил брат му, а оној другион, зел бензин, па им ја запалил куќата на родителите на жена му, или дека им ги отрул сите кози, кокошки, крави и овци…

Не знаевме.

Сега знаеме. Се‘!

И освен што баба ми ќе речеше “такво е детето“, имаше и уште едно од тие нејзините “чек да брцнам во чекмеџево“, мудрости. Па ќе речеше “не знаеш, не се ни случило“.

Е затоа си мислиме ние дека порано немало.

Имало, ама не сме знаеле.

И сега “ама“…, или оф леле…

Абе нема ама и нема оф леле.

Такви нешта отсекогаш имало и освен ако не биле со “фалинка“ родени, за сите други можело да се рече просто “такво е детето“.

… ете, од иста мајка, од исти татко едното чурук, другото злато.

Исто им дале и на едното и на другото. Исти гени имаат и едното и другото.

Ама тоа ти е. Едното е на криво насадено, а другото е како што  треба буцнато.

Исто полевани, исто кастрени, исто хранети и прихранувани. Нит кај едниот имало појше коров, нит кај другиот. Нит едниот појше Сонце го греело, нит другиот. Ниту пак во близина на едниов имало ружи насадено, а кај другиов трње, па да речеш…

Не, не, не…! Се исто, ама ете тоа ти е. Дете ти е мачка у вреќа.

Има бре деца, од родители криминалци, од родители наркомани, од родители, што не се трезнат по цел ден, од секакви битанги и бараби, па од нив “никнујат“ луѓе-најлуѓе.

Има деца од домови, на улица оставени, во болница оставени, фрлени кај баби, или тетки, без да знаат цел живот кој им се мајки и татковци, па ене ги, да ти е мерак и милина да ги гледаш и слушаш. Од саглам-посаглам. И школи завршија и фамилии створија и деца изведоа на пат. И дамка една во животот немаат.

А имаш ти и од нај-нај фамилии, те адвокатска лоза, те докторска фела, море директори, професори, уметници…, па децана чурук им излегоа. Кој наркоман, кој коцкар, кој пијаница.

А и обратно. И кај едните и кај другите има и вакви и онакви деца и овакви и онакви родители.

Скоро и да нема правило.

Џабе ти е!, ако е детето накриво насадено, не го оправаш. 

Та ќе седнат сега стручни имови и ќе бараат клетка во клетката. Шие ми га Ѓуро.

Џабе везеш. Шасија ти е тоа. Број на шасија. Сфаќаш ли!?

Па сега да ме седнат, на вака на трезно, на реализирано, на остварено, на начукани пет банки на плеќиве, па ќе ми најдат траума од тоа татко ми еднаш ќутук пијан кога се врати, и мајка ми кога фати да си ги пакува алиштата и да не м’кне кај баба ми.

Да не си мислите дека една ваква приказна имам во животот. Што лични, што од роднини, што од комшии…Нејќете да знаете.

Нит јас сакам вашите да ги знам.

Еден саглам нема да излезе ако не седнат на астал, стручен тим да не секцира. Пола, да не речам сите по клиники ќе треба да не‘ праќаат.

И!? Што!?

Нема ни “и“, ни “што“, ни “ама“, ни ништо.

Такво е детето.

И то ти е.


Колумната може да ја слушате во аудио-верзија во продолжение:

За Женски Магазин, Тања Трајковска

*Ставовите изразени во колумната се лични ставови на авторот и тие не мора нужно да ја одразуваат уредувачката политика на Женски магазин