Стојановска: На туристите им ја пеам „Македонско девојче“, а Македонија е посакувана дестинација за соло патници, но и семејства

Туристичкиот водич Лиде Стојановска од Кратово веќе една деценија работи со туристите кои доаѓаат во посета на Македонија. Зад себе има стотици реализирани тури. Вели дека со својата работа треба да им ја доближи македонската култура, историја, традиција на најдобар можен начин на гостите и се труди максимално на ова поле, затоа што сака посетителите пак да се вратат или да ја препорачаат земјава на други луѓе.

Говори три странски јазици, а за нашата држава, вели дека сега ја откриваат и туристите од Јужна Америка, што секако е за поздравување.

„Со оглед на тоа што јас зборувам шпански, англиски и француски јазик, можам да кажам дека имаме многу групи од Јужна Америка: Мексико, Аргентина, Колумбија, Уругвај, Бразил... Сепак очекуваме и се надеваме дека бројот на овие туристи оваа година ќе расте повеќе“, рече Стојановска.

Вели дека е многу важно сите градови и села на странците да им ги прикажат на најдобар можен начин.

„Македонија, впрочем и целиот Балкан, во последната деценија стануваат навистина популарна дестинација за посета особено како балканска тура во која се посетуваат поголем дел од балканските земји. Македонија како срцето на Балканот е неизбежен дел од таквите тури. Всушност, не само од групи, Македонија е посакувана дестинација и за соло-патници, парови, семејства... Веќе не е популарно само да се помине одморот на плажа, особено поради фактот што дел од туристите имаат плажа кај нив и се во потрага по нови дестинации кои имаат богато културно-историско и природно богатство. За среќа, бројот на туристи продолжи да расте минатата година. Всушност, најдобрата година за туризам во Македонија и на Балканот беше 2019 година, но речиси сите се согласуваат дека 2022 година ја надмина и 2019 година. Голем број туристи имаме од Шпанија, Јужна Америка, Германија, Полска, Италија и други европски држави, но имаме туристи и од САД, Канада, Малезија,Турција. Според моето видување единствени туристи кои сè уште се немаат вратено целосно се туристите од Кина, Тајван, но сепак и тие почнуваат да се враќаат и се надеваме дека 2023 година ќе биде најуспешна до сега“, рече Стојановска.

Раскажува дека за овие 10 години имало многу анегдоти со странските гости. Дури вели дека понекогаш практикува и да запее некоја од најубавите македонски народни песни за туристите. Целото интервју прочитајте го на Фактор.мк