Преговараме за настап на Пласидо Доминго: Интервју со Виктор Илиески, директор на Филхармонија

Класичната музика веќе не се смета за здодевна и некомерцијална, судејќи по тоа дека концертите кои се одржуваат речиси секој четврток во Филхармонија будат сѐ поголем интерес кај домашната публика. За новогодишните, а особено за детските концерти секогаш се бара билет плус, а ова особено го радува директорот на Филхармонија, Виктор Илиески.

Трите турнеи на оркерстарот, во Шпанија, во Кина и во Ерусалим, како и гостувањето во Казахстан, се дел од работите на кои во изминатиов период е горд Илиески, како и на  концертниот клавир Steinway кој стана дел од нивното семејство. Во интервјуто за „Женски магазин“ тој открива дел од новите потенцијални гости-ѕвезди во Филхармонија, и раскажува за неостварените желби во својот музички дом. 

* Можете ли да ни најавите некој нов гостин-солист или концерт кој се' уште не е на официјалната програма на Филхарминија, а сте во преговори да гостува во Скопје?

- Имаме преговори со Пласидо Доминго за настап со филхармоничарите. Ја чекаме конкретната одлука на министерството за култура, со колкав буџет ќе располагаме во 2020 година, зависно од тоа и ќе донесме одлука.

* Интересна беше идејата за концертот Brunch&Brass, денскиот брас концерт минатата година. Дали некогашните матине забави Ве инспирираа да го организирате?

- Факт е дека насекаде во развиените европски и светски метрополи се организираат пладневни концерти. Многу ми е драго што идејата за концертот Brunch&Brass помина одлично. Салата беше полна, публиката уживаше во претпладневното кафе во нашето фоаје пред прекрасниот концерт, кој што беше реализиран со 12 брас инструменталисти, предводени од диригентот и тубист унгарецот Роланд Сетпали.

* На што сте најгорд во овој период откако сте директор на Филхармонијата?

- Горд сум на добиената донација на нашата институција на концертен клавир Steinway од градежната компанија Страбаг, среќен сум за перфектно организираните и реализирани 4 турнеи и од сите успеси од претставувањата на институцијата и државата надвор.

Најгорд сум што оркестарот на Филхармонијата кој во 2020 одина за прв пат од своето постоење ќе брои повеќе од 100 вработени уметници, благодарение на поддршката на министерството за култура и мининстерството за финансии. Како паралела, кога станав член на оркестарот (во 2000 година) имаше 70 -тина вработени музичари.

* Едни од најпосетените се детските концерти, се побива ли со овој факт мислењето дека класичната музика е здодевна за децата и не може да им го задржи вниманието?

- Интересен е податокот за детските концерти дека со самото објавување на терминот се распродаваат за 2 до 3 дена. За нашата институцијата детските, семејните концерти ни се најдраги, најважни. Неопходно е да се изгради потенцијална публика која ќе има навика и потреба да доаѓа на концертите на Филхармонијата. Поради тоа ги прилагодуваме концертите за публиката.

* Каде сѐ гостуваше оркестарот на Филхармонија во изминатиов период и кои нови гостувања ги очекуваат?

- Успеавме да реализираме 3 турнеи и 1 гостување на целиот симфониски оркестар. Првата турнеја беше реализирана во Шпанија со 2 концерти. Следуваше кинеската турнеја 7 концерти во 7 градови во Кина (од сверниот дел до јужниот дел на Кина). 2019 година ја заокруживме со прекрасната Израелска турнеја во Ерусалим, Ход Ашарон и Ришон Лезион (Тел Авив). Оваа турнеја ми е посебно драга.

Имавме гостување во Белград заедно со Феми Кути и неговиот бенд, концерт на отворено на Калемегдан. Посебно ми е драга турнејата со камерниот оркестар во Казахстан, организирана во Алмати и Астана (денешен Нур Султан).

* Ваша лична неостварена желба-замисла за концерт на некој светски познат музичар во Филхармонија?

- Концерт на отворено на Филхармонијата со Ана Нетребко.

* Присуствувате ли на сите концерти и каква музика Вие приватно сакате да слушате?

- Како прв меѓу еднаквите ги следам сите збиднувања во објектот. Од сезоната 2017/2018 година ние реализираме 2 паралелни годишни програми. Едната е редовната програма во големата сала со премиерните симфониски концерти речиси секој четврток, а другата програма е во малата сала со реализација на камерните концерти.

Присутен сум и на сите концерти организирани од продукциите, настаните од амбасадите. Присутноста и посветеноста во нашиот музички дом е неопходна.

* Освен работата, што најмногу Ве исполнува и Ве прави среќен? 

- Слободното време со моето семејство ме прави најисполнет и најсреќен. Секој поминат миг со ќеркичката Ана (4) и синчето Димитар (2 и пол) не' прави најсреќните родители со сопругата Елена. Двајцата имаат огромна позитивна енергија, неуморни се во секој дел од денот.

Најмногу уживаме во годишните одмори со нив, во родното Крушево и блиските дестинации во летниот период.

Милица Џаровска