Писма до мама и тато

Кога започнав со пишување на колумни, се очекував освен тоа што следеше. Веројатно секогаш е така, не очекувај од никого ништо за да не се изненадиш и за да се сочуваш, едно од постарите правила во сите религии и општества. За се бев подготвена освен за тоа што следеше. Се очекував освен тоа што се случи и се повеќе се случува во мојот инбокс. Повик за помош, емотивна и советодавна од мали деца, тинејџери на 14, 15, 16, 17 … комплетно изгубени во време и простор, под тешки психози од страна на блиски членови на семејството, во тешки депресии и со еден зилион фрустрации за тоа како изгледаат, како се чувствуваат и како живеат, со сите притисоци од нивните родители. Мали души со неповикливи траги на психофизичко насилство што од најблиски, што од општествени структури.

Побогу луѓе каде грешиме?

До сега имав можност два пати да станам мајка. Свесно одбив да не го направам тоа, одбив да не правам компромис на таа тема, единствено и само од една причина, не бев доволно подготвена да на едно ново битие му пренесам доволно љубов, знаење и воспитување и притоа да не го оштетам. Слушам коментари од страна на неиживеани стринки, па ти никогаш нема да си спремна, никој никогаш не е спремен за дете, мораш да родиш, чука биолошки саат. Или ај ма па ти па роди си едно да не останеш сама, кој ќе те гледа кога ќе остареш, за тебе роди го. До таму ли сме? До роди му дете за да не може да мрдне од тебе? Да му праќаш слики од топломер додека е излезен со другарите? Научно докажаа дека дете во раст и развој без прегратка и без внимание и љубов, развива тикови и тоа знае да отиде до степен на аутизам. Дали ги гушкате децата? Дали им кажувате колку ги сакате, најмногу на цел свет и колку тие се вашата безусловна љубов? Додека работев директно со матурантки се изнагледав исфрустрирани деца со нереализирани мајки во позадина, пред мене имало и навреди и понижувања и милион проекции. Запознав еден куп млади девојки за кои дијазепам со виски им е нормално добро утро, а со секс се почнува од 14 години за да се пофали на другарките. Сега инбоксот ми се полни со молби од млади души за да им дадам совет како со себе, што понатаму, како да се справат со личните демони само затоа што говорам јавно и не се плашам од вистината. Знам дека се ставам на ризик да ме распнете по домаќинскине групи, но пред да го сторите тоа, јас сега ќе ви се обратам на сите како ваше дете, прво прочитајте па размислете што се истурате по интернетов, а додека вие го правите тоа, додека дремете по социјални медиуми дали се прашувате каде се вашите деца.

Мамо,

Те сакам, не знам дали има потреба да се објаснувам зошто и како. Ти ме научи да сакам. Љубовта не бара да се објасни, нејзиното присуство е доволно за да ме дефинира како поголема личност и како среќно дете. Ти благодарам што на првите згрешени чекори ме дочекуваше во прегратка, и секогаш со убав збор дека можам јас, да не се предавам, знам да одам. Ти благодарам што не ти беше тешко никогаш да ме гушнеш или бацнеш, а за волја на вистината јас сум едно исклучително емотивно и лигаво створење кое и те како си бара физичко внимание. Ти благодарам што не ти беше тешко да ме учиш да цртам, да ми помагаш да напишам домашна во секој момент, ти благодарам што не ми викаше кога грешев, кога паѓав, кога слушајно ќе скршев нешто без зла намера. Ти благодарам што никогаш не направи да се почувствувам неспособна. Ти благодарам што не ме оставаше други да ме чуваат, иако одев и во градинка и кај бабите, знаев дека си ти тука и дека ќе дојдеш по мене каде и да сум, знаев дека е тоа само повремено додека ти се трудиш да заработиш за нас. Ти благодарам што реши да го поддржиш секој мој избор, секоја моја одлука без осуда, без цензура, горда на секој можен миг затоа што јас сум твоја ќерка. Ти благодарам што ме пушти да одам во момент кога сите велеа дека не сум доволно зрела, ти знаеше дека сум, и дека без разлика на се јас нема да те разочарам тебе. Што ме остави да летам, што ме остави да бидам своја, што секогаш бев твој приоритет. Ме остави да растам и созревам на мој начин, без да ме судиш, без да очекуваш и без да ми се наметнуваш за се она што тебе те боли, и се она што си сакала ти да бидеш а не си успеала. Знаеш, можеби не ми покажа како треба, но ме остави да научам сама и почна да учиш заедно со мене. Ти благодарам што од првиот здив до денес ти ме сакаш заради мене, јас сум плод на твојата голема љубов. Ти благодарам што ме научи како да готвам, како да чистам, како да се негувам и облекувам, како да бидам жена достојна за мојот партнер, како да не се плашам да бидам своеглава и упорна, и што секогаш ја подигнуваше мојата глава нагоре. По цена на твојата. Сега живеј без мене, пушти ме, ти ме направи жена доволна сама за себе, сега е на тебе ред да ми покажеш колку се сакаш и се цениш себе си. Ми даде и ме пушти, повеќе од тоа ниту едно дете не може да посака.

Тато

Кени ме. Тоа е првото нешто на кое се сеќавам со тебе, не можев уште да зборувам како што треба, само што проодував човечки и после секои десет чекори застанував пред тебе со кренати раце и ти викав Кени ме. И ти ме креваше највисоко, кај тебе на ушка седната, за да не чекорам сама, за ти да бидеш мојата снага. Ти благодарам што ме научи како да бидам татина ќерка и не ти беше тешко секаде да ме носиш со тебе, и по риба, и на работа како главен асистент што врзува жички со изолир трака и правеше разлика меѓу крстач и плоснат штрафцигер уште во прво одделение, ти благодарам што ми фаќаше вилински кончиња и ми ги носеше да ме расположат оној пат кога бев мртва болна во Дојран и на 40 степени горев од температура. Ти благодарам што не ми се лутеше кога бегав од часови, ти благодарам што даде се од себе за јас да го имам тоа што го сакам по цена на твој хроничен умор. Ти благодарам што не ти беше тешко да ме учиш разни спортови за кои и те како немав интерес, повеќе топката трчаше по мене отколку јас по неа, но ти никогаш не се откажа. Ти благодарам што се потруди да ни создадеш дом, за нас, за сите празници кои заедно ги поминавме на маса седнати долу, дека таков ни беше стилот на цело семејство. Го паметам првиот Божиќ кога мораше да бидеш на работа и со мама бевме сами, Боже колку ме болеше твоето одсуство, мислев дека целиот свет ќе ми се преврти наопаку и едвај чекав да се вратиш од таа твоја проклета работа. Ти благодарам што го одржа дадениот збор и ме пушти да студирам надвор од земјава и тоа уметност, нешто што ти најмалку сакаше. Но знаеше дека тоа е мое, и дека само така јас ќе сум среќна. Ти благодарам што заедно со мама ми покажавте што значи дом, што значи заедница, колку е полесно кога не си сам и иако немав брат или сестра, никогаш не дозволи да пораснам сама. Почивај во мир сега, добра сум, среќна сум сама со себе. На крајот на денот, тоа беше вашата заедничка цел.

Знаете, има милион и една работа зошто можеме да им бидеме лути и на нашите родители. Во цел тој процес на љубов, се направија еден тон грешки кои често ми ја преполовуваа душата на две, кога татко ми реши да си оди од тоа семејство, тогаш и прв пат почувствував што вистински значи скршено срце. Уште ме боли, до ден денес. Но во име на сета љубов, во име на цело мое детство проткаено со насмевки и среќа, прегратки и заедница, дружење и пикници без телефони, заедничко решавање на проблемите, секоја можна грешка ја простувам. Детето вистински се развива само кога расте во љубов, не ова не е филм на Дизни ова е реалноста која секој од нас може да ја обезбеди за нашите деца по сопствен избор во склоп на сите можни животни компликации. Не затворајте очи пред потребите на вашето дете, вие сте причината зошто тоа е тука. Не ве судам, никој од вас. Барам да се вратите дома, барам да си ги погледнете децата, да ја видите нивната болка, да ги прегрнете и заедно да ги решите сите нивни астрономски големи проблеми додека имаме време за тоа. Ние сме општеството во кое сакаме да живееме. Ние бираме како ќе го создадеме нашиот свет. Јас немам мои деца, не родив. Но како нечие дете имам право да ви кажам што на нам децата ни треба додека растеме. Вашето време.

Јас сум Ивана Кнез, јас заради вас. Не сакам веќе инбокс полн со тага.

Намасте.