Нит раце ми се скршени, нит Бог во мене е убиен

Знаете, и друг пат сум ви кажала дека, телевизија не глeдам.

Речиси и да ја исфрлив од употреба, откако неколку пати се почувствував многу лошо гледајќи ги и слушајќи ги вестите, контактните емисии, политичките дебати… За сериите не сакам ни збор да кажам.

Зборувам за нашите телевизии, за кој што еве поради минимум колегијалност ќе речам дека има „зрнце“ исклучоци. Сѐ уште има по некоја светла точка.

Ниту продавам басма, ниту пак зборувам од позиција на некој што добил отказ.

Атанас Кировски ми го врачи лично, пред отприлика пет-шест години.

Дојде така на „пет минути“ во Телма, напрај р’шум за тие „пет минути“ и си отиде.

Ни кај е сега, ни што прај, никој не знаеме, или барем јас не знам.

Не ми е битно. Битно ми е сега, од позиција на овие поминати пет-шест години, дека всушност подобра услуга не можел да ми направи.

Секако дека така сега мислам, иако тогаш кога се случи тоа, ич не мислев.

Нормално дека ми идеше да пукнам. Нормално дека останав без работа, нормално дека не знаев кај се наоѓам и нормално дека ми идеше на „куцо магаре да го качам“. И него и сите тие таму, што му дозволија така да се понаша и да си прај што сака. Ко е да е на татко му атарот. Да не речам прчијата.

И нормално дека ми ја доведе во прашање триесет годишната работа на телевизија. Не само пред гледачкиот аудиториум, туку и пред мене самата. Самата јас да се прашувам дали воопшто вредело тоа што сум го работела толку години, или пак врска немало, штом некој така може да те „шутне“ преку ноќ.

Иако дома ми викаа „не е така, немој да мислиш така, добра си“… “ Заеби.

Ти со ноќи мислиш, се превртуваш, се прашуваш кај си згрешил, што си згрешил…

Тие на кој им се случило вакво нешто, многу добро знаат за што зборувам.

Ама сега не мислам, бидејќи за овие неколку години всушност ми се случија можеби најубавите работи на професионално поле. Да останев на телевизија, ќе требаше и јас да правам нешто што „началството“, или раководството ќе го бараше од мене. За бројки, за гледаност, за глупости… Нема везе дали е добро, или лошо, битно е да имаш гледаност. А за да имаш треба да изиграваш „глупи август“.

И затоа велам, боље нешто од отказот на Саки, животот одамна не ми приредил. Буквално животот да ти приреди нешто што мислиш дека е катастрофа, а после некое време да мислиш дека, ако ти сам не си повлекол потез, еве животот те дарува со една од оние награди за животно дело.

Прво, што си ја отворив цвеќарницата, која е најубавото нешто, што можев себе си да си го направам. Мака ми е што на помлади години не сум го сторила ова, ама веројатно сега било вистинското време. На помлади години, веројатно не би знаела да го почитувам и да го сакам сево ова, како што сега тоа го правам.

Почнав да пишувам колумни, еве веќе четврта година, секој четврток.

Сѐ што имам да си кажам, тука ми е мегдан.

Нит ми викаат „ова може-она не може“. Милина. Луѓе да ти е мерак да работиш со нив.

Стои таму под мојве колумни дека „ставовите изразени во колумната, се лични ставови на авторот и тие не мора нужно да ја одразуваат уредувачката политика на Женски магазин“. И!? Чиста работа.

И волкот сит и овците на број.

Бидејќи, нит ме плаќа некој да викам власта е добра, нит па да викам не чини, нити па обратно.

Спонзор немам за да пишувам за него, па тој да ми вика „ова може, она не може“. Абе раат. 

Туристичка агенција ме плаќа да правам репортажи за нив. Ама и тука комплетното авторство е под „моја капа“. И тоа се саглам луѓе со кој исто така е милина да се работи. Цела фамилија се такви. А овие репортажи се прават не само за нивна добробит, туку за добробит и за оние кои не можат да си дозволат да патуваат, а секако и за добробит на сите останати агенции во Македонија. Е затоа ги сакам и почитувам. И гинам за нив. А за тоа колку мислам и како мислам да ги спомнам, или да не ги спомнам, јас си одлучувам. По критериуми по кој сум учена до седум години.

Еднаш коа украдов пари од семејната фиока, за да купам сликички за албум, татко ми свика заседание.

На тоа заседание гласно и јасно се даде до знаење дека секој оној кој ќе украде, ќе излаже, ќе насамари некој друг за тоа, или ќе го прави сево ова со цел да оствари нечесна материјална корист, рацете ќе му бидат скршени. И Бога во него ќе се убие.

Тогаш тоа „Бога ќе убијам во тебе“, не знаев што значи, ама сега знам.

Рацете не ми се искршени, нит па Бога во мене е убиен. Затоа и верувам во Божја правда. Господ забава, ама не забрава-викаше баба ми.

Е сега, муабетот ми е дека нема тука многу пари. Јас со овие работи што ги работам, можам евентуално кола на кредит да земам. И вака овде онде по некое парталче од Зара, Манго…да платам по некој ручек овде, онде, да тркнам на некои пет-шест дена до негде и тоа да не е маж ми ќе биде т’нка работа…

Да бе срце маж имам. Ептен ми се погоди.

Ама има нешто што исто така ме научија до седум години.

А тоа дека нема пораат нешто од тоа ракијата да си ја пиеш на раат. А не, кога ќе заѕвони некој да мислиш дека дошле да те апсат за нешто.

Така ѝ рече татко ми на мајка ми кога, таа сакаше да пушти уште две метра, од дозволената маркица за градење.

Татко ми тогаш ѝ рече „ја ракија сакам на раат да си пијам“.

Кој сфати-сфати. Кој не знае за што зборувам, тој не знае што значи „раат ракија“.

Мислам дека повеќето од нас сѐ уште знаат, но оние другите, кои не знаат, е тие ни го загорчуваат животот.

За таквите како нив, го напишав ова.

А и за сите оние кои секојден ме прашуваат на улица, „зошто веќе не работам на телевизија“. 


За Женски Магазин, Тања Трајковска

*Ставовите изразени во колумната се лични ставови на авторот и тие не мора нужно да ја одразуваат уредувачката политика на Женски магазин

Колумната можете да ја слушнете во аудио верзијата подолу: