Најчесто сум си сама свој козметичар: Пред огледало со Јованка Ивановска

Легендарната манекенка со најубави сини очи, сега организаторка на настани и свадби во хотелот „Мериот“, Јованка Ивановска (50), специјално за „Женски магазин“ ги открива своите ритуали за убавина. Вели, никогаш не експериментира и користи проверена козметика и никогаш не отишла во постела пред да ја извади шминката. Кој е нејзиниот омилен парфем и што носи во несесерот, откријте во продолжение.

* Каков е Вашиот дневен козметички ритуал?

- Секое мое утро започнува со класично миење на лицето со обична вода. На тој начин ја освежувам кожата и како таква е спремна за нареден чекор. Нанесувам дневна крема која е соодветна за мојот тип на кожа и секако годините, а потоа следува оној декоративен дел, шминкањето.

* Со какви препарати го негувате лицето?

- Користам препарати кои одговараат на мојот тип на кожа. Никогаш не експериментирам и користам проверена козметика. Доколку некогаш сакам нешто да променам најпрво се служам со тестери како би знаела дали навистина би ми одговарала таа козметика.

Задолжително користам средства за отстранување на шминка. Никогаш во мојот живот не сум отишла во постела пред да ја отстранам шминката. Мислам дека тоа е еден од најбитните фактори за да имате убаво и свежо лице. Потребно е кожата во ноќните часови слободно да дише и да се нахранува со кислород. Секако и нанесувањето на ноќна крема исклучително добро влијае на кожата.

* Посетувате ли козметички салони?

- Не многу често, но секако дека одвреме навреме кога ќе најдам слободно време , го правам тоа. Најчесто сум си сама свој козметичар, често во домашни услови приготвувам свежи маски со кои ја релаксирам и опуштам кожата на лицето.

* Кои производи ги употребувате за нега на коса?

- Со оглед дека косата ја третирам со бои за фарбање, користам препарати кои ја освежуваат и негуваат косата….чести паковања или купки кои ги нанесувам пред миење на косата, силиконски капки за сјај.

* Што сакате да прикриете, а што да истакнете со шминка?

- Со оглед дека сама се шминкам години наназад, сметам дека веќе имам за себе изградено посебен белег во тој правец. Често ги истакнувам очите, за кои другите велат дека ми се препознатлив белег. Шминката може да ве направи многу привлечна и да ве разубави, но секако доколку не ја користите правилно може и да ве нагрди. Но сметам дека дискретната шминка секогаш е мој избор.

* Кои се Вашите омилени козметички производи?

- Ја користам колекцијата на Есте Лаудер…Дневна и ноќна крема и серумот кој исклучително добро  делува на мојата кожа.

* Што носите секогаш во Вашиот несесер?

- Никогаш не излегувам без руменило (кармин)  и моливче  за усни, тие се секогаш на посебно место во мојата чанта. Останатата козметика ја оставам дома.

* Кој е Вашиот омилен парфем?

- „Мадмазел“  на Шанел.

* Како ја одржувате линијата?

- Јадам пред сѐ здрава храна вклучувајки повеќе зеленчук, а помалку намирници од животинско потекло. Не сум некој голем љубител на овошје, но се трудам да внесам по нешто и од него. Повремено одам во теретана каде што покрај физичката активност , малку го прочистувам и духот. Во текот на денот сум во постојано движење што секако придонесува за трошење на калории и одржување на линијата. Инаку и често пешачам во што исклучително многу уживам.

Л. Сабит