Горан Бреговиќ и „Леб и сол“ по 47 години повторно на иста сцена: Легендарните мелодии на „Јовано Јованке“ и „Месечина“ одекнуваа од салата на „Јане Сандански“

На само еден ден пред неговиот 74-ти роденден и 50 години од основањето на Легендарната група „Бјело Дугме“, Горан Бреговиќ заедно со оркестарот за „Свадби и погреби“, гудачкиот камерен оркестар, машкиот хор и двете пејачки од Бугарија, направи одлична журка за паметење во салата „Јане Сандански“ во Скопје. 

Тој ги отсвири неговите познати „Месечина“, „Ова е Балкан“ и „Калашњиков“.

Како предгрупа по цели 47 години, на истата сцена настапија легендарните „Леб и сол“ кој беа следени со воодушевување и громогласен аплауз од присутните.

Инаку Брега свиреше песни од неговите два последни албума „Три писма од Сараево“ и „Папокот на светот“.

Тој го напишал албумот „Три писма од Сараево“ за тројца виолинисти, од разни националности со цел да ја покаже нивната различност преку музиката. 

Иако бројот на посетители беше под очекуваната бројка, тоа не ги спречи ниту присутните, ниту музичарите да ја подигнат атмосферата на највисоко ниво, а Брега беше неколку пати враќан на бис.


Елеонора А.

Фото: Вангел Тануровски