Концерт на Ареа: Е, тоа е вистинска љубов

Првиот од двата најавени концерти на Ареа се одржа вчера во Филхармонија, во преполна сала со фанови од различни генерации, кои бендот со изборот на песни ги потсети на сите фази од својата 30 годишно патување.

Но, овојпат во поинаква атмосфера – со акустичен пакет. Концертот ќе остане запаметен по новиот стилски пристап кон музиката на популарниот рок состав, како и по неверојатната атмосфера која се чувствуваше во салата. Иако публиката е навикната на громогласни рифови, синоќа се препушти на потполно нов бран на добро познатите ноти и стихови на Ареа. Повеќе од два часа низ несекојдневна интеракција со публиката и со мудро избрана сет листа Филхармонија се „лулаше“ во ритамот на љубовта. За овој акустичен пакет се погрижија уште четири девојки членки на Филхармонија – две на виолина и две на виолончело.

Првите звуци на настанот го обележаа темите „Чувај ме ти“ и „Те спомнувам“ од последниот албум „Љубов“ издаден 2022, кој музички се надоврзува на претходните албуми на составот и е потврда дека се во чекор со времето.

Следуваа „Дали можеш“ и „Биди мој“, со комплетно изменети аранжмани-акустични за оваа пригода и сосема поразлични од тоа што го слушала публиката, која ги наградуваше со бурен аплауз и овации по секоја изведена песна.

Пред изведбата на „Френфекција на љубовта“, текстописец и вокал на бендот Ружица Милошеска Брчиоска и се обрати на публиката објаснувајќи ја суштината на темата.

- Љубовта е духовна димензија, а не материјална. Можеш да сакаш и во далечина. Таа е во срцето-рече таа и по првите тактови на песната публиката запеа во еден глас со неа. Разиграна и расположена уште еднаш потврди што е вистинска љубов, кон бендот, кон нивниот труд, нивната музика. Која е заемна и возвратена.

Крајот им припадна на „Одведи ме“ и „Колку ми значиш“. Публиката ги врати на бис кој заврши со „Сите мои слики“, химната на Ареа.

Како придружен вокал на концертот на Ареа беше Елена, ќерката на Ружица и Ивица, која беше на висина на нејзината задача.

Ружица и нејзиниот сопруг Ивица Брчиоски заедно стекнаа слава, но и заедно останаа потполно поинакви и сосема свои, истовремено патувајќи и живеејќи со уметноста изминативе 30 години, создавајќи 7 студиски изданија и многу хитови. И синоќа со останатите членови на бендот ја потврдија сета своја раскош, вокална и музичка. Напуштајќи ја Филхармонија една млада девојка им се обрати на другарките со зборовите: „Фантастично. Ружица е царица. Сакам да одам и утре на концерт“.

Констатација која можеше да се забележи и на задоволните лица кои се упатуваа кон својот дом.

Вториот концерт ќе се одржи вечерва во организација на „Фреш јунион“.

С.А.Н

Фото: Вангел Тануровски