„Имав 17 вонтелесни оплодувања пред да забременам, никогаш не помислив дека ќе имам шест деца“: Кралицата на Малезија шокира со признанието за борбата за потомство

Кралицата Азиза од Малезија неодамна откри дека била подложена на ин витро оплодување дури 16 пати, пред конечно да успее да забремени по 17-тиот третман со ИВФ. Таа прозборе и за емотивните последици од борбата за потомството.

„Имав 16 рунди на ин витро оплодување, а дури 17 успеа, така што никогаш не помислив дека ќе имам уште пет деца, вклучително и близнаци“, изјави таа неодамна за Телеграф, зборувајќи за Фондацијата за плодност Тунку Азиза, која ја основа во 2004 година.

„Мојата фондација спонзорира третман за парови со низок и среден приход. Знам колку чини и низ каква емотивна борба поминуваат луѓето вклучени во лекување на неплодност. Одите на лекување, доаѓате дома и можете само да плачете“, истакнала 61- годишната Азиза, која се омажила за кралот Абудал од Малезија во 1986 година.

Инаку, Азиза и Абдул заедно имаат четири сина и две ќерки, а нивниот најстар син Амир Насер (36) всушност е посвоен. Парот го доби првото дете во 1990 година, но момчето се роди мртво, а кралицата дури во 1995 година го роди синот и престолонаследник Хасанал Ибрахим.

„Мора да сум единствената кралица на светот која имала четири бремености благодарение на ин витро оплодувањето. Решив да имам своја фондација за плодност бидејќи сакав да им помогнам на сите оние несреќни парови кои не можат да имаат деца поради одредени здравствени проблеми. Знам колку е тешко кога немаш дете и како е да ја носиш таа стигма и како е кога жените постојано се виновни за тоа, иако овој проблем се однесува на двајцата партнери“, раскажала таа еднаш.

Сите деца на кралската двојка се школувале во Англија во престижни приватни училишта и универзитети. 

„Сакам сите да работат, да бидат изложени на реалниот живот, да видат како им е на другите луѓе“, изјави таа во интервју за британските медиуми.

Покрај фондацијата и хуманитарната работа, кралицата на Малезија се занимава и со кулинарски уметности, па може да се пофали дека е авторка на три книги со традиционални малезиски рецепти, кои ги има собрано низ целата земја.