Игри без граници

Ќерка ми почна да оди на курс англиски со физичко присуство, што значеше дека тој саат и кусур ќе го поминувам некаде надвор со кафе додека ја чекам да заврши. Периодот од 70 минути е малку тапа, нит сум за да си одам до дома, нит можам да испазарам оти додека паркирам пред маркет, па купување, па на каса, стресно ми станува трчањето навака-натака. И така, седнувам во полупразно кафуле и вртам безвезе по телефонот, односно си симнав една апликација за играње шах онлајн, при што сфатив дека мозочните вијуги малку ми закржлавеле. Додека се мачев со еден со кој се надмудрувавме чија кралица поскоро ќе оди јабана, зад мене седнуваат две девојки. Отпрво, залауфана во шахот оти имаше шанса да изгубам, бев целосно исклучена од се’ околу мене. На крај, успевам едвај да извлечам реми (не ми се смејте, оти шахот си го земам многу сериозно) и се олабавив, па до мене допре муабетот на девојките. Знам дека е воајерски, ама беше гласно а јас сум само ќора, слухот ми е се’ уште таман. Значи, муабетот беше за љубовни маки, односно модерно кажано за гоустнување. Овој израз го научив од ќерка и за оние кои немаат деца тинејџери, да појаснам дека тоа значи кога во одредена комуникација наеднаш едниот решава да не одговара на пораки (воопшто или одговара после 20 дена кога веќе сте заборавиле и што сте пишале) и тоа без најава. Прилично зезнато, особено ако сте човек кој си сака чисти работи и односи.

Од изнервираниот глас зад мене ми се разјаснува дека девојкава си комуницирала со некој лик кој и’ бил супер, па се виделе на кафе кое преминало во повремени средби, па нешто се мувале и тој почнува да и’ се “понаша”. Отпрво “понашањето” било со ретчење на пораки, па кога ќе се видат (дури и случајно) некогаш бил супер и покажувал интерес, а некојпат бил отсутен и ладен. И нормално, девојчево се нервира дека не знае на што е со него. Седам со тој јаз од сигурно две и кусур децении меѓу мене и гласот зад мене и полека ми доаѓа сознание дека ова се случува во секое животно доба. Си се пронајдов себе во неа и ми се врати истото чувство на збунетост, фрустрација, беспомошност и лутина кое го слушав многу гласно.

Чоек, ако не сакаш да комуницираш, кажи. Најмногу ме нервирале работи кои остануваат да лебдат во воздух, неразјаснети. И можам да разберам кога тоа го прават помладите, некако не им е гајле и не го мислат тоа како некаква си трагедија. И не дека е трагедија дури и на повозрасни години, ама е основен показател на немање почит. Замислете само на свои 40+ да се допишувате со некој, да си најдете заеднички теми, се’ да оди ок и без притисоци или напнување и наеднаш штама. Дури станува и глупаво да прашате што е проблемот или што се случило, оти искуството ви кажува дека освен некој празен изговор за работа и обврски нема да чуете искрен одговор оти му се сменил фокусот на интерес. Па си велите дека и вие имате обврски и трчаници наречени секојдневие, ама во 24 часа се наоѓа 1 минута, но само ако се сака. Она што е сосем јасно е дека секој има легитимно право да престане да биде заинтересиран за вас, нели? Исто е сосем легитимно дека можеби нешто му се случува во животот и дека нема желба за дружба.


Она што не е во ред е начинот на кој тоа се манифестира. Не велам дека сум во право, на крајот од денот можеби никој нема право да бара отчет од никого или да дава отчет за тоа дали сака или не да ве дружи, ама токму заради возраста би требало да се има респект кон туѓото време и чувства. Вака, имате само прашалници за тоа што се случува, а одговор нема. Кога ми се случило “гоустнување”, прво не сум ни приметувала, туку сум си продолжила со комуникација. После ми станувало некако неубаво кога сум добивала одговори кои биле сведени на збор-два, за на крај и јас да престанам да пишувам. Ама чувството на “што е сега ова!?” ми останало да лебди. Сега, со ова искуство и ум малку поинаку се однесувам/преживувам. Престанав да се потресувам или можеби да очекувам дека и другите се како мене, па сакаат да се на чисто.

Игрите без граници со однесување топло-ладно лично ми се многу исцрпувачки. Топло-ладно признавам ако е само колач, а останатото чим го приметам се повлекувам. Немам време да се занимавам и замарам со тоа да мозгам дали некому му е нешто или не. Впрочем, секој од нас си има и жолти минути, бубачки, ПМС или го фаќа депресија. Она на што внимавам е да не оставам на луѓето чувство на некаква горчина, оти знам колку не сакам јас така да се чувствувам. Кај луѓето кои се како мене, или јас како нив желбата за ваквите игри без граници е сведена на минимум. Нит се правам недостижна, нит сакам некој да ми се однесува така. Нит почнувам разговор ако не сум заинтересирана, нит сакам некој на сила да ми муабети. Но, ако веќе навлезам во муабет и имам потреба или желба да се тргнам, си кажувам отворено. Зошто? Затоа што не сакам да создавам слика за себе дека сум многу битна или дека само јас работам, трчам, имам обврски. Не сакам да правам некому да му е неубаво од тој пусти “seen” или да го ставам човекот во ситуација да ме прашува по неколку пати што ми е.

И додека траеше муабетот зад мене, сфатив дека сите тие игрици кои сум мислела дека се одраз на она младост-лудост, се всушност его кое нема години. Колку поголемо его, толку тие игри стануваат поинтензивни со годините. Да се величам себе и да си придавам на важност дека сум нешто посебно, а притоа тоа да е изнудено од моето его е малку бљак. Ми дојде да и’ се свртам на девојката и да и’ кажам да почне и таа исто да се однесува како него. Да, да....просто е неверојатно колку тоа станува тригер кај луѓето со големо его. Првиот миг кога ќе престанете да им обрнувате внимание, повторно се лепат за вас. И не, не е затоа што наеднаш сте станале интересни или попривлечни, истите сте си цело време. Разликата е во тоа дека егото не им поднесува да го изгубите интересот за нив. Нејсе, мојот нагон да “подучам” како ќе го врати вниманието на егоцентричниот мажјак беше само его-одговор и дополнително зацапување во играта во која победата е пирова.

Ако треба уште на почетокот да играм игри, ќе треба да го правам тоа цело време. А како што реков погоре, едвај за шахов извадив реми. Затоа, не фала...ќе ја прескокнам играта без оглед колку си интересен, згоден, духовит. Ако треба да правам цела стратегија за тоа како да те анимирам, а притоа да не сум своја...не, фала.

Што се случуваше понатаму, не знам. Ми дојде времето за да одам да го соберам детето од англиски. Знам само дека кога влезе Нина во кола, ја прашав “што мислиш за гоустнување?”, на што добив одговор “дете, тоа е такво шит однесување”. И доволно ми беше (патем речено....да, ме вика дете, тоа е сега најново). Не играјте игри со луѓето и не дозволувајте да ве навлечат на терен на кој само ќе си ја истрошите силата. Налет пеперутки во стомак ако после ве боли желудникот од мака или фрустрација. Бидете си чисти и пред себе и пред оние со кои комуницирате. А ако веќе сакате да играте, играјте шах. Ем е добар за нерви, ем за трпение и концентрација.

Да сте ми живи и здрави.

До следниот понеделнички муабет,

За Женски Магазин, Ана Бунтеска

Не ми е мене гајле
За жените со кои си бил
Ниту пак гајле берам
За оние на кои сега им се смешкаш
И ич не те мислам
Дал по цели ноќи писма им везиш
Или дал тие ококорени по тебе се
Не ми е гајле
И пет пари не давам
Дал поубај од мене се
И тела совршени дал имаат
Дал накитени ти шетаат
Ил на високи потпетици тропкаат
Мене драги мој минатото твое
Колку ланскиот снег ми значи
А и дал џебот полн пари ти е
Ниту пак облеката ти ја мислам
Дал скапо те чини
И каква етикета има
Мене гајле ми е
Зад градите што ти чука
И во глата шо ти се раѓа
И берам гајле душата за што ти пати
И дал лоши мисли имаш
Или ти цутат убајни
Мене пиле ми тежи
Дал денот во смеа ќе ти мини
И дали ко ќе вдишиш
Љубов знајш да издишиш
Гајле берам дал она шо ти давам
Можиш со чест да го примиш
И со внимание да го погалиш
Дал прва мисла во денот сум ти
И ко заспиваш дал умот кај мене ти оди
Не ми е грижата за она што вчера било
Ниту за она што утре ќе биди
Дур си тука
И дур тука сум
До тебе
До себе
До нас
Денес пиле...денес