(Љ)убост

И се случи нова книга, за мене многу посебна и драга. Се создаде книга поезија во која љубовта и убоста се испреплетија, па со Марко создадовме кованица која е наша порака до секој од вас/секој од нас. Во ова време кое е повеќе невреме, во овој свет во кој фраерлукот е поважен од честа и чесноста, во услови кога повеќе се цени материјалното од духовното, се обидовме да одиме чекор понапред и да си/ви дадеме надеж оти сепак без љубов не нé бива. Колку и да звучи ова како изветвена фраза, клише или можеби само наивност, убедена сум дека ништо, ама баш ништо нема поголема моќ да нé смени на поарно од присуството на љубовта. А љубовта? Неа ја има секаде и насекаде, токму каде и да се завртите. Со Марко ја наоѓавме љубовта во секое ќоше на Македонија, во она што е на небото и над него, на земјата и под неа. Токму затоа нашата книга е поклонување пред љубовта која ја видовме на повеќе и посуштински нивоа, отколку класично фокусирање на неа од машко-женски аспект.

И кога сме веќе кај родовиот момент, да ви кажам дека отсекогаш сум сакала да напишам нешто (еве и поезија нека е) што ќе е дијалог меѓу машкото и женското видување/поимање на нештата. Идејата ми стоеше во умов можеби една деценија, но некако како да немав сила или немав со кого да ја реализирам замислата...а веројатно и јас не бев доволно зрела. Едноставно, како да не беше време за еден таков обид, а искуството ме има научено дека сé се случува токму тогаш кога треба и на начин кој е најдобар или најефикасен. Минатата година почнавме со поетски читања заедно со Иван и Марко, кои станаа некаков наш ритуал кај Шоте (кој се надевам дека ќе си го задржиме) и покрај нив, малку од малку го надминав мојот страв од јавни настапи. И една спарна летна вечер, додека се координиравме кој, што и како ќе чита во еден момент му спомнав на Марко за идејата. Го знаете моментот на “јазикот побрз од умот?”, ептен непланирано и баш онака колку да се најдеме во муабет, или што би се рекло, го кажав скоро несвесно. “АЈДЕ”- ете толку беше репликата на Марко. Само така, АЈДЕ. Без двојба, без “ама чекај, ама како, ама зошто”, без скептичност, но и без еуфорија. Тоа АЈДЕ беше смирено, зрело и полно доверба.

Од она што го знам за себе, можам со сигурност да кажам дека сум полна со идеи (од кои има некои апла интересни, но и такви од кои ќе ве заболи глава и ќе си речете “не е женава арна во умот”), ама Ахилова пета ми е дека знам да бидам инертна (си признавам). Не дека сум мрза, туку дур кинисам, мора со туркање. За разлика од мене, а за моја среќа Марко е човек кој кога ќе науми нешто, не седи мадро додека не го реализира науменото. И што е најинтересно, не само што ме прочита дека сум ко фиќо на угорница, туку ич не ме рецна кога почнав јас со моите “1000 зошто, 1000 затоа”.

И почнавме. Првите ден-два некако полека, малку несигурно додека си го опипувавме пулсот на другиот (тоа повеќе мојата инертност замеша прсти тука). Можеби олеснителна околност беше тоа дека сме и двајцата со сличен сензибилитет во пишувањето, а можеби и дека неговиот ентузијазам (кој на моменти ме оставаше подзината, па си велев “од кај му на чоеков толку елан”) ме понесе и мене. И за чудо, книгата беше готова за три недели. Да, да...за само три недели се роди (Љ)убост, која ми потврди неколку работи.

Прво, дека она што го зборував во минатата колумна за “луѓе-ветар во грб”, е жива вистина. Дека кога ќе најдете партнер (во нашиот случај со Марко, пријателско-пишувачки) добивате крила за кои не сте ни биле некогаш свесни дека сте си ги држеле силно врзани на грбот. Ми се потврди она што го знаев потсвесно, дека оние кои ве туркаат напред да се истражите себеси и да извадите од себе нешто ново, да си ги чувате во фолдерот вечни пријателства. Нема ништо поубаво, ниту помоќно од однос во кој нема конкуренција, туку взаемна поддршка и помош. Чудо е како во таквите релации чувствувате како растете однатре, како човек.

Второ, поимањето на љубовта со сета нејзина сила и убост сите ја чувствуваме исто, и мажи и жени. Сполај му на Универзумот (за Марко е Бог) што неговата муза и љубов низ животот (читајте, животна сопатничка) е непресушна и што извади од него топлина и посветеност која беше поттик за песните да ни бидат грнче и капаче. Да знаете една работа, ниту еден уметник кој е во врска или брак не може да се даде себеси целосно во она што го прави, ако тоа не е со 100% поддршка од партнерот. Ние самците сме друга приказна, но заедништвото и те како се чувствува во создавањето и знае да е проблем ако партнерот нема разбирање. Да си ги сакате и чувате партнерите кои знаат како да ве поттурнат напред и кои имаат слух за вашата исконска потреба да создавате. Не мора да е тоа пишување, нека е и сликање, изработка на накит, сеедно. Креативните процеси знаат да бидат напорни, не само за оние кои ги создаваат туку и за блиските. Сите кои имаме таква некоја уметничка жичка знаеме да сме поприлично тапа, некогаш и да сме тешки за разбирање, дури и за себе.

Трето, не бегајте од нови идеи. Бегајте од луѓе кои не само што немаат визија за било што, туку и ја поткопуваат вашата. Бегајте од луѓе кои со сомнеж ќе гледаат на она што сакате да го направите, оти на секој почеток и самите се сомневаме во себе. На сиот тој притисок кој и онака го имате со “дали ќе можам”, “дали ќе знам како”, најмалку што ви треба се прорекувањата дека нема да успеете или дека “ај бе, шо ти фали вака....не таласај”. Ма немој? Да бранувате и да си бирате сродни на вас луѓе, па да видите каква сила има цунамито од убости за кое ве убедувале дека нема да го биде. Знаете, секогаш велам дека ако не можеш да направиш некој да тргне напред, не му стои на патот. Некојпат не е дека не можете напред, туку дека има некој кој ве влече назад.

Четврто, ми се забетонира тоа што го чувствував од првиот момент кога почнав да постирам песни на социјални мрежи...суетата само уназадува, завидливоста ја убива креативноста, скромноста е благослов, а самобендисаноста е клетва. Никој од нас не е вечен, но вечни се нашите дела и постапки. Ѕвезди има само на небото, а ние луѓето сме исти. Некои ја имаат моќта да го напишат она што сите го чувствуваме, некои да го насликаат внатрешниот свет кој го имаме сите, некои да ја извадат песната надвор од секој од нас. Но, она што ни е на сите заедничко е дека сите крвариме на ист начин и сите се залекуваме на ист начин. Не правете идол од никого, оти во суштина имаме исти убости и исти грдости во себе.

Затоа, (Љ)убост е заедничко дело, наше и ваше.

И да привршувам, оти овој муабет ќе нема крај. Промоцијата е намерно одбрана да биде утре, на 7-ми мај. Некако му доаѓа помеѓу Велигден и именденот на Марко, а воедно е и датум кој беше почеток на вториот живот на татко ми пред дваесет и кусур години.

Да сте ми живи и здрави, ви подарувам нова песна во која се содржат насловите на сите песни од (Љ)убост, токму онака како што се напишани во книгата.

За љубов и со убост да ни/ви е.

До следниот понеделнички муабет,

За Женски Магазин, Ана Бунтеска

ЉУБОВ да се роди како извор

РЕКА да потече од милост

СПОМЕНИ еден грст убости да се прелеваат

ЛУЗНИ да зацелат и да не болат

ЧОВЕК од среќа да замириса

ЈОРГОВАН чиниш в душа има

ДЕН да бликне нов

БРЧКИ од грижи да избрише

ТАГА да остане во минатото

ПЕСНА да одекне во срцето

ДЕТЕ да станеш повторно

МИР да насадиш околу себе

СТРАВ да набркаш

СОЛЗА радосница око да ти навлажни

ЧАСОВНИК да ти ги брои насмевките

БЛАГОСЛОВ како мед од уста да ти потече

КОЖА да ти се измазни од надеж

СТАРОСТ со детска смеа да дочекаш

ПОГЛЕД полн иднина да ти е

САМОТИЈА лековита да имаш

СРЕЌА да ти никне како цвет в градина

ПРИЧИНА за копнеж да не бараш

БУРА кога во живот ќе ти надојде

ПРЕГРАТКИ небо да ти исчисти

ЅУНИЦА патот да ти го светне

ГЛАД да ти пресуши

ПРОСТУВАЊЕ да дадеш и побараш

ОЧИ в очи со луѓе да се пулиш

ПРИКАЗНА да стокмиш за чесните

КРАДЕЦ на туѓото да не бидиш

ПЛАНИНА некому да симнеш од плеќи

РАЗУМ и ум да си секому

ДРВО на чоештина да посадиш

ВРЕМЕ за најблиските секојпат да имаш

АМАНЕТ да им оставиш на најмилите

НОЌИ со светлина на ден да заменат

ОБЛАК со сончев зрак да растераат

ПОЧЕТОЦИ да бараат после секој крај

БУНАР непресушен за меден збор да се

МИГОВИ убај во вечност да создадат

СУША во умовите да немаат

БУДЕЊЕ на заспаните да бидат

СОН да сонат за ново утро

СНЕГУЛКИ да постелат за земја сува

ПТИЦА во кафез да не заробат

БОГАТСТВО да знаат оти само едно е

ДУША со душа кога ќе се најде

МИНАТО гајле да не берат

СТОП да кажат за поганлакот

СОЕДИНУВАЊЕ со себе да имаат

ПАТ  животен сами да не врват  

ЖИВОТ полн достоинство да дишат

СМРТ да не ги плаши

ОДНАТРЕ победа да слават

РОЖБА  да си чуваат како зеница

ЛИСТ нов да завртат тогаш кога треба

БУКВА мајчина да не заборават 

НАДЕЖ секојпат напред да ги носи

АБЕР за нова (Љ)УБОСТ да донесат