Дарко Лешоски: Отсуство кое е посилно од било чие присуство

Еден поинаков концепт на поетот и сестран уметник Дарко Лешоски специјално за Женски магазин. Преку медиум- видео форма ги растура своите мисли- всушност „чудни“, необични зборови од секој светски јазик кои имаат длабоко значење, а тој се надоврзува на суштината на зборот со одлична нарација, умствена „гимнастика“ и визуелен опис.

DOR – Пoтекло : Романски Јазик. Именка. Дор е во истовреме и копнеж и болка, но и молитва, повик да видите некого или нешто. Недостиг до болест и во истовреме моќна еротска привлечност, отсуство кое е посилно од било чие присуство

МИНА

И како оди приказната веќе никој повеќе мене нема да ми верува

Дека ти  си најљубезното нешто што ми се случило мене во овој малечок живот. 

Ниту дека овој дечко преку кого јас сега тебе ти пишувам.ја знае вистинската 

Тој мисли дека пишува во моментов песна за која мисли дека  мене ми е  посветена, а не дека јас така тебе ти благодарам и ти се обраќам

Тој во моментов мисли дека ми пишува песна и наддава за твојот оклоп по кој снимија филм пуши цигара 

Сумата е смешна, како да ти кажам... и поефтина од просечна половна кола во Македонија. 

Годината е 2024.

Симпатичен ми е. Се смеам. 

Веројатно тоа што треба да те најде те наоѓа. 

Веројатно вистинската среќа е среќата која те наоѓа тебе наместо ти неа да ја бараш, ако ја бараш тоа не е среќа - тоа е веќе работа нели?

Па на крајот и на краиштата  дури и така нека се раскажува нашата приказна. 

Дека ти си ме барал. 

Или дека јас сум те повикала Влад 

Зарем е важно веќе тоа?

Па и дека ти мене си ме зел, зарем тебе некогаш ти беше важно воопшто тоа?

Аман?! 

Кога сите други ми рекоа дека ми е судено да бидам жена, обична жена која ќе има обична љубов, обичен живот и ќе претворам можеби одвреме навреме некоја пустина во ливада или оаза со љубовта моја, ако имам среќа. 

А и таа оаза ќе е обична.

Дека кога ќе откријам дека можам живот да давам и ќе дознаам дека сум полубог за вас мажите за разлика. 

Јас можеби дел од среќата која ја имав со тебе ќе насетам…

О не! 

Не! 

Ти благодарам што ти наместо престол мене ме одбра. 

И ми покажа дека твоето црно. Најтемното место од светот. Подземја. Душата твоја дека  може дом мој да ми е помил од сите небеса. 

Ти благодарам! 

И дека ти можеш светот да го запалиш и задавиш, да ја испиеш крвта на овој свет ти до последната капка,  ама мене ништо да ми се случи да дозволиш ти нема. 

Јас твоја Мина, сега тебе ти благодарам. 

Ти благодарам тебе кој и да е си и што и да си ти Јуда. 

Знам зошто од сребро се плашиш… знам зошто ми ги бацуваш стапалата, знам кој те проколнал. 

Него јас му благодарам! 

Затоа што видов како една љубов како нашата може да го претвори и најтемното, најстуденото царство во најсреќна приказна каде дури и сонцето е одвишок и декор кој не ни треба. 

И што ми шепна дека треба да знам во денови кога сонцето ќе го нема… 

Сонцето во душата моја да не згасне никогаш! 

Дека има некој кој океаните на времето би ги поминал за да биде со некоја. 

А тоа го сака секоја. 

Секоја. 

Ти благодарам.

PS: Твојот оклоп од филмот сѐуште се продава. Овој преку кого ти пишувам се наддава. Се смеам. Ти благодарам што ме научи дека не постои време и Вечноста е само детско игралиште  кога вистински некого ќе ти го засака душата. 

Ќе ме најдеш. 

Сега го пуштам! 

Срцето му чука како потковица од заљубен коњ по калрдма.

Како вената на твојата шака која пулсира по мојов образ: МИ - НА. МИ- НА. 

Крвта ти ме научи дека не знае да лаже 

Ниту може да ти тече тебе душата спроти неа.