Слава ти Славе: Човекот кој го отвори моето патеписно перо

25-ти Февруари оваа 24-та година. Ден кој ми започна сосем исто како и секој друг. Се будам вообичаено половина час пред да заѕвони саатот. Утрата ми се многу важни во последниве неколку години. Ниту сакам, ниту можам веќе, ко порано да брзам, да истрчам разулавена надвор и да го грабам денот. Ниту сакам, ниту можам. Сакам раат кафе да испијам, да подраздигам малку куќа, да послушам музика, да си го премерам и умот и срцето и мислите и душата, пред да му се поклонам на денот.

Таков беше и тој ден. Секој ден ми е таков. Утрото никому не го давам. Се стокмив, си се намирив со сите ритуални потрепштини и ќинисав на дуќан.

Не поминаа два три саата и стасува порака на вибер.

Андреј- Аурора. (син му на Славе)

Истата секунда, уште пред да отворам и прочитам што пишува, ми подрипна срцето и ми се наводенија очите.

Знаев што ќе прочитам.

Знаев, бидејќи знаев дека Славе е болен. Се разболе без најава, без предупредување, без „резервација“.

Реши да тргне на своето вечно патување речиси од денес за утре. Не знам и некогаш нема да знам дали тој знаел и дали си го спакувал куферот без никому да каже, или пак и нему апансас му се случи „последниот повик за лет во вечноста“.

Знам само дека не бев подготвена за такво нешто.

Некои луѓе имаат големи места во нашите животи.

Го знаеме тоа и свесни сме за тоа.

Моја среќа, што и за живот му го имав кажано тоа. Колку го сакам и колку е значаен во мојот живот.

Славе е човекот кој ги отвори моите патувачки порти. Славе е човекот кој го отвори моето патеписно перо. Славе е човекот кој тоа ми го откри мене и на моите тогашни претпоставени во телевизија „Телма“, овој мој дар, за кој јас само насетував дека постои во мене, а тој го виде, го препозна и им рече „Сакам таа да ги прави репортажите за Аурора“. Сакам таа да биде новото лице на „Патуваме-сонуваме со Аурора“.

Така почна таа приказна. Имав неполни 30 години.

Од тој момент, почна вистинската смисла на мојот живот.

Еднаш во едно мое интервју, еден исто така голем човек Владимир Богоевски (капитенот на Југословенската репрезентација во одбојка и еден од најголемите спортисти на тогашна Југославија) ми рече- „секое дете, секој човек е надарен за нешто, за спорт, за уметност, за … битно е само да има среќа во неговиот живот да се појави неговиот „животен наречник“ и да му го открие она за што, тој е роден и предодреден“.

Ете толку беше голем и важен Славе во мојот живот.

И ете толку многу ми е жал поради неговото заминување. И никогаш нема да престане да ми биде жал. И никогаш нема да престане да ми недостасува.

Славе е мојот „животен наречник“, кој добрите самовили решиле да ми го дадат на дар.

Бескрајно сум благодарна поради ова.

Откако ја голтнав сета таа голема болка, поради веста која ја добив, откако ги испив сите солзи кои ми го наврнаа и лицето и душата и срцето, скокнав и седнав да напишам „посмртен говор“.

Никогаш, ама никогаш порано ниту сум добила ваков нагон, ниту пак сум мислела дека за некого ова ќе го направам. Заминале многу луѓе од мојот живот. И сум ги тажела и плачела.

Но овој пат како еден од тројцата наречници, оние од „треќа вечер“, да ми шепна. Стани и напиши….

Го отворив компјутерот, кој вообичаено го отворам за да напишам колумна, или нова репортажа за „Патуваме-сонуваме со Аурора“.

И….

Почитувани присутни, дозволете ми да прочитам неколку реченици во чест на покојниот Славе Сирачевски.

Моето име е Тања Трајковска, инаку сум долгогодишен близок пријател и на некој начин соработник на господинот Славе Сирачески.

Всушност ја сум само речта на сѐ она што тој го смисли, на сѐ она што тој го создаде и го подржуваше во проектот „Патуваме-Сонуваме со Аурора“.

Цели 30 години. Прво со почитиваниот и покоен Љубе Цветановски, а сега во втората сезона со мене.

Славе, никогаш не мислев дека ќе отворам нов лист на компјутерот на кој што ќе пишувам вакви зборови, наместо нова репортажа, која потоа ти и јас ќе ја гледаме. Пред да ја видат сите други.

Не мисев дека тоа ќе се случи барем во некое догледно време. Не, не поради фактот, или сознанието дека животот не е, сам по себе непредвидлив и дека никој од нас не знае кога му отчукуваат последните ѕвона.

Туку затоа што за тебе не мислев така Славе. Не мислев така.

И не само јас. Секој кој што те познавал, па макар и само на еден ден, знае колку животен живот имаше во тебе. Ти Славе всушност беше олицетворение на идејата за тоа како треба да се живее животот.

Ти беше човек, кој секој свој сон сакаше да го претвориш во јаве. И знаеше како да го претвориш секој свој сон во јаве. Во нова приказна, во ново патување. Во нова дестинација. И умееше да го правиш тоа. Најдобро.

Препреките за тебе никогаш не биле причина за да се откажеш. Никогаш.

Многу добро се сеќавам на приказните, кој ти ми ги раскажуваше Славе. Да, го паметам секој твој збор, за тоа што и како е најважно кога сакаш да создадеш нешто. Кога сакаш да успееш во нешто.

Постојано ми велеше „Тања честа и чесноста се едниот и другиот образ на приказната. И ништо друго. Честа и чесноста.“

Упорноста се подразбира, трудот исто така, желбата, работата, работата со денови и ноќи. Одлучноста одговороста. Сето тоа велеше дека се подразбира. Но дека честа и чесноста се и сонот и јавето на секоја приказна.

Твојата одлучност Славе и твојата храброст за донесување одлуки беше единствена. Само ти знаеше како да дигнеш стотици чартери по сезона и тогаш кога никој друг немаше храброст за тоа.

Само ти Славе, одважно, смирено, точно и прецизно знаеше да ставиш печат и потпис на ваквите договори.

Сите знаат дека ти Салве ги постави стандардите на туристичкото работење во Македонија.

Од тебе учеа сите. А ти, ти го даваше своето знаење.

Така како што само големите луѓе и големите мајстори умеат несебично да го дадат сето она што тие го имаат. И заработено и од Бога дадено.

Секој од твоите стотици вработени го знае ова и го носи во себе.

Секој од твојте стотици вработени ќе те носи до крајот на животот во своето срце и во својата душа.

Твојте наследници Славе се горди продолжувачи на сѐ она што ти го создаде. Ти и твојата сопруга Роза.

Уникатните и единствени концепти на „Аурора Берово“ и „Аурора Козјак“. И конечно туристичката агенција „Аурора“, која токму ти, заедно со своето семејство, твојата сопруга Роза, твојот син Андреј и твојата ќерка Аника, заедно со Јана и Влатко ја создадовте златната приказна на македонскиот туризам воопшто.

И затоа денеска Македонија плаче. Не постои Македонец кој не патувал и не сонувал со „Аурора“.

Ти го отвори туристичкото небо во Македонија Славе. Токму ти!

Последна репортажа која ја создадовме заедно беше токму „Позлатена од Сонцето-Македонија“. Тоа беше твоја огромна жела, бидејчи ти Славе, ти си позлатен од Сонцето.

Ти благодарам за секоја приказна, ти благодарам за секое сонување и патување со „Аурора“. Ти благодарам за секој еден збор Славе.

Продолжи да патуваш во вечноста и знај дека твојата светлина ќе ја носи секој еден од нас од чиј што живот си бил дел.

И продолежте со Љубе Цветановски да патувате и да сонувате, таму некаде, а ние овде ќе продолжиме да го правиме тоа, во твоја чест Славе.

Слава ти Славе.

П.С Да, токму „Позлатена од Сонцето-Македонија“, беше последната репортажа, која ја создадовме и изгледавме заедно со мојот „животен наречник“.

Има уште една која е подготвена, но која не стигнавме да ја одгледаме заедно. Малта. Ќе се емитува за некој ден.

И Шпанија, која за некој ден ќе тргнеме да ја снимаме.

Славе, ќе бидат исти како да си тука. Секогаш кога ќе ги направам, ќе ти ги пуштам прво тебе, ти да ги изгледаш и да речеш „Браво Тања, направивме уште едно ремк-дело“.

Направивме Славе ДА, затоа што ти умееш да ги препознаеш и создаваш ремек делата.

Сѐ ќе продолжи исто како да си тука. И „Аурора“ и „Патуваме и Сонуваме со Аурора“.

Патувај мирно и сонувај мирно во вечноста.

Славе…Слава ти!

За Женски Магазин, Тања Трајковска

*Ставовите изразени во колумната се лични ставови на авторот и тие не мора нужно да ја одразуваат уредувачката политика на Женски магазин

Колумната можете да ја слушнете во аудио верзијата подолу