Хрватите имаат галеби, ние овци и еден овен: Сè уште пасеме

Бев за празников - за Велигден во Хрватска. Четири дена. 

Неретко сум гостин таму, ако не повеќе, барем еднаш годишно. Или најмалку еднаш на две години.

Секое патување кога и каде да одам, си го посветувам на нешто. На некои свои истражувања, на некои свои повисоки цели, на некои лични дострели и достигнувања, на уживања, роденденски прослави, или годишници.

Никогаш не патувам колку ете така, само да се рече дека сум била. Секоја средба, со некоја друга, поинаква средина, сакам да ја посветам на некоја лична повисока цел.

Тоа се подароци, кои сама себе си ги пакувам со убава хартија и панделка и подароци, кои сама си ги отворам, ги разгледувам, ги уживам и потоа си ги складирам во моео лично “подарочно чекмеџе“, како еден внатрешен албум, во кој има безброј спомени од годиниве изминати.

И не само спомени. Туку и откритија, сознанија, вистини…

Многу од тие вистини знаеле да бидат исклучително важни во некои моменти од моето живеење.

Знаете, човек кога ќе се помести од својата “мртва точка“ на живеење, во која рутината умее да му го омлитави умот, може да се сретне со себе од многу поинаков агол.

Таквите откритија, сознанија и вистини се мошне драгоцени за да знаеш ем до кај си стасал, а и ем до кај не си стасал, односно си застанал.

Не мора да биде тоа којзнае колку далечно патување. Иако овие -далечните патувања, умеат баш да “раскринкаат“ некои многу длабоки и “далечни внатрештини“. Понекогаш колку си подалеку од своето познато дома, толку си поблиску до своето непознато дома. Односно до своето длабоко и лично непознато.

Оти далеку ти е тоа што го познаваш, па во такви моменти  мораш и можеш да се потпреш само на своето познато, или непознато сеедно. Ама таму се имаш само себе. 

Но, и патувањето до Водно, или до Катланово, до Маврово, или Велешко Езеро, умее да “чепне“ некои лични приказни. Всушност секое поместување и секоја средба со природата носи некои лични откритија. 

Хрватска !!!

Се прашувам овој пат, дали е можно оваа земја да не “прошиша“ толку многу.

Малтене “исте смо године сви били роѓени, исто су нам текли школски дане, од исте болести смо сви пелцовани и сви смо умрели у истом дану.“  Деведесет и прве.

Нивното јато птици (читај луѓе), летна во сериозни височини, нашето “стадо овци“ (овде можеш да читаш и луѓе и овци-како сакаш), сеуште пасе трева.

Ама пасе таму каде што веќе нема трева. 

Да! Точно, тие имаат галеби, бидејки имаат море, ние имаме овци бидејки ги имаме едни од најубавите пасишта.

Односо имавме овци и имавме пасишта.

Сега веќе немаме ништо ниту овци, ниту пасишта. Немаме ништо.

Односно имаме само “овци“.

ВМРО-ОВСКИ И СДСМ-ОВСКИ.

И ДА, да не ги заборавам ДУИ-ОВСКИТЕ овци.

Иако тие не се овци. Тие се само еден овен.

Знаете дека на едно многубројно стадо овци има само еден овен. И тој служи за расплод.

Исто како кај нас. Ама тој еден овен, бидејки е јалов овен, ни го сотре цело стадо. Ем ни ги е*е да простите сите овци, ем пород никаков.

А овца, како овца, кога ќе и дојде време за парење, таа не препознава јалов од плоден овен. Само се мести, бидејки нагонот е поголем од разумот.

Нагонот на нашите овци да си лапнат и од тоа малку тревичка што е останата е поголем од разумот, дека кога ќе ја допасат и последната тревка, не ќе остане веќе ништо.

Оние пак големи шарпланинци, кои исто така на секое стадо ги има барем три-четири, за да го чуваат стадото од сите страни, си заминаа на други туѓи пасишта.

Ја потрошија и последната капка верност кон својот стопан Македонија и кон своето до скоро најбујно и најрунтаво стадо овци со кое се сладеше речиси цела Југа. Од Вардара, па до Триглава. Иако долго време велеа дека нашиот Кораб е повисок од Словенскиот Триглав, ама дека тоа така морало да биде. И не е ова толку битно, еве нека се точни стоте метри повисоки на Триглав, кои и ден денеска така стојат на Википедија.

Еве, нека ги имаа тие сто метри предност, пред нас во истата трка, која деведесет и прва сите почнавме да ја трчаме од речиси иста стартна целна рамнина, еве нека имаа и три од карти, и уште три од Европска унија и уште три од место положба и уште три од минат труд и уште три од географија и историја…, кај се бе другите еве нека не се четириесет и кусур карти, нека се триесет, нека се и дваесет, колку што Македонија има убавини и со кој што можеше да трча и да плива во овој маратон, бидејќи да не заборавиме дека ние сме светски прваци во маратонско пливање, а не Хрватите кои имаат море. Кај се тие карти а!?

Во истрижаното стадо овци, кому му беше битно, сите млади и преубави јагниња само тие да си ги имаат на своите софри. Да ги заколат, да ги испечат на ражен и да ги изедат, додека мрсно им се цеди по брадата. Ете тоа. Само тоа им беше важно. Ништо друго. 


Колумната може да ја слушате во аудио-верзија во продолжение:

За Женски Магазин, Тања Трајковска

*Ставовите изразени во колумната се лични ставови на авторот и тие не мора нужно да ја одразуваат уредувачката политика на Женски магазин