Ана Бунтеска и Марко Виденовиќ ја промовираа „(Љ)убост“: Создадоа книга со поезија во која љубовта и убоста се испреплетија

Со интерпретација на дел од стиховите, во придружба на музика, вчеравечер во еден скопски бар се одржа промоција на книгата „(Љ)убост“ од поетесата Ана Бунтеска и музичарот и поет Марко Виденовиќ. 

На промоцијата беа прочитани неколку песни, а потоа Ана и Марко се потпишуваа на заедничкото прекрасно дело.


Ана и Марко им се заблагодарија на сите кои дојдоа да ги поддржат.

И се случи нова книга, за мене многу посебна и драга. Се создаде книга поезија во која љубовта и убоста се испреплетија, па со Марко создадовме кованица која е наша порака до секој од вас/секој од нас. Во ова време кое е повеќе невреме, во овој свет во кој фраерлукот е поважен од честа и чесноста, во услови кога повеќе се цени материјалното од духовното, се обидовме да одиме чекор понапред и да си/ви дадеме надеж оти сепак без љубов не нé бива. Колку и да звучи ова како изветвена фраза, клише или можеби само наивност, убедена сум дека ништо, ама баш ништо нема поголема моќ да нé смени на поарно од присуството на љубовта. А љубовта? Неа ја има секаде и насекаде, токму каде и да се завртите. Со Марко ја наоѓавме љубовта во секое ќоше на Македонија, во она што е на небото и над него, на земјата и под неа. Токму затоа нашата книга е поклонување пред љубовта која ја видовме на повеќе и посуштински нивоа, отколку класично фокусирање на неа од машко-женски аспект.“ - напиша Ана во колумната посветена токму на „(Љ)убост“ .



 ФОТО: Вангел Тануровски