Александра Јанева: „Никогаш не би простила виртуелно неверство, тоа се случува само таму каде има недостиг на љубов и доверба“

Неверството во брак е една од најчестите причини за развод или раскинување на врските. Под неверство не се подразбира само она физичкото, туку во него се вбројуваат и емотивното неверство, допишувањето на социјалните мрежи со трета личност, флертот... 

Современата технологија денес нуди широк спектар на комуникација па дури и современи методи, каде разговорите или испратените пораки траат само неколку секунди, а потоа автоматски се бришат, по што е тешко да се докаже дека партнерот комуницира со една или повеќе личности паралелно.

Според податоците од центрите за социјална работа – Интернет прељубата е се почеста причина за развод. Во последните десет години, изневерувањето на брачниот другар вклучувајки го и витруелното неверство е една од петте најчести причини за прекинување на заедничкиот живот.

Од друга страна, како одговор на сајбер неверството - употребата на модерната технологија - најсовремените електронски уреди со цел да се открие таквото однесување,  е сè попопуларна.

Виртуелното изневерување преку страниците за запознавање, Инстаграм и Фејсбук е се почесто но и распострането помеѓу помладите генерации кои се вешти во коритењето на современите уреди.

Експертите проценуваат дека причините за виртуелното „патување“ во врската се досадата, разочарувањето, неисполнетите очекувања и недоволна храброст да се прекине веќе постоечкиот однос и тн.

Иако на почетокот изгледа дека сите имаат сè под контрола - чувството за умерена комуникација, велат, брзо се губи.

Порано неверството се откриваше со трага од кармин на јаката од кошулата или мирис на непознат парфем - денес се е поинаку. Благодарение на модерната технологија, велат детективите, виртуелните измами може да се разоткријат лесно и брзо - со инсталирање специјален софтвер во компјутерот и мобилниот телефон на партнерот.

Сепак, сакале или не достапноста на секакви содржини со само „еден клик“ на мобилниот телефон можат да направат големи проблеми, само еден лајк на некоја провокативна фотографија од страна на партнерот може да претставува сериозна закана за врската и бракот. Секако, има и од оние кои се имуни на тие „кликови“ па не дозволуваат тие мали моменти на приватност на нивниот партнер да им ја „уништат“ среќата.

Сепак за едно се сите сложни, дека за врска и брак на денешно време треба да имаш голема храброст, нималку страв и црвсто да веруваш во љубовта на партнерот.

Токму затоа на оваа тема одлучивме да поразговараме со пејачката Алесандра Јанева која неодамна му кажа „да“ на своето момче Иван. Со оглед на тоа дека и двајцата се активни корисници на социјалните мрежи, ја прашавме дали го смета интернетотот како потенцијална закана за врската?

- Не сметам дека е директна закана за врската, особено не таму каде што има здрава комуникација. Но, дека отвора простор за повеќе сомнежи и недоразбирања отколку комуникацијата во живо, во тоа верувам. И не само во партнерските врски, туку и во пријателски, професионални итн. Многу пати ми било погрешно протолкувано тоа што сум го напишала, или пак не сум вратила на порака на некого, па ми се налутиле. :)

Ж.М. Што подразбираш под виртуелно неверство и кое твоето мислење на оваа тема?

- Виртуелно неверство за мене е допишување со некој или додворување некому преку пораки/коментари; испраќање провокативни/разголени фотографии или видеа некому, кога сте во врска или во брак.

Ж.М. Дали би простила виртуелно неверство?

Не.

Ж.М. Дали сметаш дека девојките кои често постираат разголени фотографии на социјалните мрежи се потенцијална закана за крај на една врска/брак ?

- Можат да бидат потенцијална закана за крај на оние врски кои и онака веројатно ќе завршеле и без да постои таа со разголената фотка. Таму веќе сигурно постои недостаток на љубов, доверба, разбирање и почит еден кон друг. 

Ж.М. Кое е твоето мислење, што треба да поседува една жена за да го задржи мажот покрај себе?

- Сите ние сме различни и различно функционираме во нашите партнерски односи, но од она што досега сум го почувствувала на своја кожа сметам дека комуникацијата е клучна! Многу љубови згаснале поради лоша комуникација. Бидете искрени, зборувајте за се со отворени карти. Важно е да му дадете до знаење на вашиот избраник дека го сослушувате и го почитувате неговиот став, иако не мора да се согласувате секогаш со истиот. Да му оставите простор, да биде сам или со пријатели, а не постојано да го минувате времето заедно. Да му покажувате нежност, внимание, секојдневно. И меѓу поважните работи е да се посакувате и да учите како да ја разгорувате страста, се повеќе секој ден.

Ж.М. По веридбата и периодот за себе, со што следно ќе не изненадиш?

- Многу нови песни. Периодот ми се случуваат многу позитивни и убави работи и знам дека ќе послужат како инспирација и мотив за создавање добра музика.

Елеонора А.