Тоше, оди прошетај по некоја куќа, запеј им како што знаеш, ќе ти дадат некое париче, а со него ќе си купиме лепче

На Бадник во Крушево децата стануваат рано и нивните траги во снегот го најавуваат Христовото раѓање. Носат ѕвезда во рацете и тропаат по сите тешки крушевски порти. Домаќините со радост ги дочекуваат малите гласници и ги даруваат со некоја паричка.

Јануари го осамна својот шести ден. Мајка му го бакна во румениот образ и му рече: „Тоше, оди прошетај по некоја куќа, запеј им како што знаеш. Ќе ти дадат некое париче, а со него ние утре ќе си купиме лепче“.

Со години гласот на Тоше одѕвонуваше низ крушевските сокаци, како најмоќна камбана, како прекрасна најава за раѓањето на Исус Христос. Со невидена љубов и распламтен жар ги пееше стиховите на црковната песна „Дева“.

„Зимата кога бевме второодделение, почнавме со Тоше на Божик да го правиме обичајот„Дева”. Шетавме по куќи, пеевме и ни даваа по некое денарче. Се разбира јас бев втор вокал, оти покрај него не се ни слушав! Уште тогаш се наѕираше некој скриен талент, ама ние како деца не обрнувавме многу внимание.“ (Андреј Николоски, братучед на Тоше)

Благата нарав и срамежливоста ја наследи од мајка си Домника. Упорноста и достоинството од таткото Никола. Со годините почна да го открива и талентот за цртање, доминантен кај лозата Проески.

„Еден ден, кога беше второ одделение, се врати од училиште и го извади блокот. Сакаше да се пофали што нацртал. На листот, само во еден агол имаше нацртано мало пиперче! Кога мајка ми го праша зошто е толку мало, тој и одговори „Пиперчето е луто и затоа е мало!“. Го гледаше татко ми како ги гравира цртежите на кристалните вазни и велеше дека сака да биде како него.“ (Дора Ристеска, сестра на Тоше).

Извадок од книгата „Ова не е крај“ посветена на животот и делото на Тоше Проески

Автор: Соња Алексоска Неделковска