Среќни сме што ги имаме Ива и Давид, знаат што работат мама и татко и ни се голема поддршка: Искрено со Иван Кузмановски, тв презентер на вести

Иван Кузмановски веќе неколку години е препознатливо лице на Сител Телевизија како новинар, презентер и уредник на вестите.

Новинарството му била љубов уште кога бил дете, па така денес го работи тоа што отсекогаш го сакал. Тој веќе 11 години е во брак со Кристина и имаат две деца. Ретко зборува за приватниот живот, но за Женски магазин си ја отвори душата и раскажа како му поминува секојдневието, каков е како татко, како ги воспитува Ива и Давид и дали добро се снаоѓа во кујната.

ЖМ: Кои се маните, а кои недостатоците на новинарската работа?

- Новинарството е моја љубов од дете и не би можел да зборувам критички за мојата професија. Сигурно дека има и маани и недостатоци, но веројатно е така со секоја професија. Според мене со добра организација и љубов кон професијата дури и напорната работа станува лесна. Незаменливо е чувството кога ќе постигнете успех и ќе влијаете за позитивни промени. 

ЖМ: Презентер или репортер?

- Репортер! Уживам кога сум на терен, тоа ме исполнува и тоа сум јас. Ниту едно студио на светот не може да го замени известувањето од терен. Јас мојата кариера ја градев преку известување во живо за големи европски, регионални и настани дома. Сум известувал и за регионални медиуми за случувањата во нашата земја и тоа не би го заменил со ништо.

ЖМ: Каква е твојата реакција или чувство кога треба да се соопштат лоши вести на телевизија?

- И ние новинарите сме само обични луѓе, па така емоциите влијааат и врз нас. Иако ќе слушнете дека со текот на годините се е навика сепак тоа не е така. Колку и да се обидувате да го потиснете стресот и емоциите, тие се тука. Притисокот е уште поголем кога треба да се изберат соодветни зборови за да не повредите, да не навредите некого и да не предизвикате страв и паника кај гледачите. Како и во многу други области така и во ова доцниме со стандардите кои се почитуваат во светот. Сум ја имал среќата да се едуцирам на универзитет во САД и да работам во телевизија во САД па бев сведок како големите медиумски редакции вложуваат во стручна работа со новинари кои известуваат за кастрофи, несреќи или воени конфликти откако ќе се вратат од терен. Тоа е навистина потребно.

ЖМ: Ти се случило ли да имаш гаф и кој бил?

- Секако. Па зарем постои некој што нема направено грешка? Се случува многу често, но се надевам дека не е толку страшно за да се забележи. Кога толку многу зборувате, нормално е и да погрешите. Ми се случува да погрешам име и презиме,  да погрешам бројќи, не се сеќавам на нешто многу страшно.

ЖМ: Бидејќи вестите одат во живо, си имал ли ситуација додека презентираш вести да добиеш нагон на кивање или кашлање. Како реагираш во тие ситуации?

- Најчесто таков нагон добивам пред да ме вклучат во живо и често се шегувам со колегите да не ме вклучуваат. Кога сум во програма знам да ја прекинам најавата за да не кивнам... а за кашлање ми се случило да морам да се искашлам и во програма.

ЖМ:Како ти почнува утрото кога знаеш дека тој ден ти си презентер на вестите?

- Секое утро ми почнува со утринско кафе со сопругата. Тоа е ритуал кој го практикуваме и за нас е многу важна можност да си одвоиме време за да размениме што поминало и какви ни се плановите. По семејството следи работата. Кога ги презентирам вестите на Сител, секогаш ја имам и улогата на уредник. Доаѓам на работа околу 9 часот наутро бидејќи сакам да направам преглед на случувањата и да размислам за настаните во текот на денот додека редакцијата се уште е празна. Ги правам последните проверки пред состанокот со моите колеги и откако редакцијата ќе се наполни сите ги споделуваме идеите за тоа што од случувањата го залужува вниманието на нашите гледачи. Тимската работа е многу важна за успех.

ЖМ: Колку те промени како личност раѓањето на Ива и Давид?

- Целосно. Откако ја добивме Ива сфатив дека животот има поинакво значење, давам многу поголема вредност на тоа дека освен да се биде успешен треба да се внимава и на сопственото здравје затоа што само така може да им бидете од корист на своите најблиски. Давид е најголемиот гушкач во семјеството и не се буди без голема гушка. Се трудам да уживам во нивното растење, да не бидам многу строг, но знам и да поставам граници.

ЖМ: Работиш јавна професија која бара концентрација и подготовка, работа во смени. Колку беше вклучен во растењето и одгледувањето на твоите деца?

- Со сопругата сме сами. Во Скопје нема ниту баби, ниту дедовци, нема ниту чичо или тета... Нема кој да не замени. Од првиот ден сме поддршка еден на друг и сум среќен што успеваме сами да најдеме решение за се, барем до сега.

ЖМ: Сега Ива и Давид се поголеми. Но како сега успевате да воспоставите баланс помеѓу работата и семејството, бидејќи и твојата сопруга исто така е новинар?

- Сега Ива е големата дадичка. Таа веќе неколку години ни е огромна помош и често знае и сама да се грижи за Давид кога ние заглавуваме на работа. Не изненадила неколку пати и сама се погрижила што ќе јадат, а веќе и сама го носи на фудбал. Среќни сме што имаме вакви деца.  Двајцата знаат што работат мама и тато и ни се голема поддршка.

ЖМ: Колку често им дозволуваш да користат мобилни телефони и таблети?

- Во денешно време мобилните телефони се неопходна алатка. Кога се сами телефонот пред се им служи за комуникација со нас и контрола. Мислам дека неконтролираната употреба може да биде штетна, но уверен сум и сум сведок дека правилната употреба на мобилните (интернетот) може да им биде од голема корист. Се обидувам да го ограничам времето за играње игрички, но се правиме во договор.

ЖМ: Дали имаат умерен пристап и до гледање телевизија?

- Имам пријатели кои до одредена возраст воопшто не им дозволуваа на своите деца да гледаат телевизија. Ги почитувам нивните одлуки, но јас не сум за такво нешто. Можеби голема улога игра и професијата. Јас морам да гледам телевизија, кај нас телевизорот е речиси постојано вклучен и не можам да ги изолирам од тоа. Бевме приморани да земеме и втор телевизор за да можеме да гледаме вести.

ЖМ: Каква им беше реакцијата на Ива и Давид кога почнаа да разбираат и кога тебе и сопругата Кристина ќе ве видеа на телевзија?

- Јас сум на телевизија пред да се родат и двајцата и тоа веројатно беше нешто природно за нив и нормална работа дека тато го има на телевизија. Мојата сопруга, Кристина после породувањето секако се грижеше повеќе околу нив и паузираше со работата на телевизија, но веќе неколку години и таа е уредник и презентер на вестите на Телевизија 24. Кога мама прв пат ја видоа на вести беше изненадување ама и голема радост.

ЖМ: Нема правила за тоа како треба да се одгледуваат децата, но кои се твоите принципи. Има ли работи кои им се дозволени и работи кои не им се?

- Многу, многу разговор и доверба. Со Ива и Давид градиме однос на другари, но до одредена граница. Ги учиме дека вистината е најважна, дека мама и тато треба да знаат се. Кога тргнаа на училиште почнаа и малку потешки обврски, да учиме што е булинг, што е дозволено, а што е забрането, како да реагираат кога ќе бидат навредени... Мислам дека нема универзален рецепт, но според мене нема ништо поважно од разговорот и поминувањето време со своите деца. 

ЖМ: Колку време сте заедно со сопругата, и дали ги имате поделено улогите на „добар“ и „лош“ родител?

- Со сопругата се запознавме од првиот ден кога се запишавме на факултетот за новинарство или речиси веќе 20 години. Бевме колеги, станавме блиски другари, а подоцна се роди и љубовта. Во брак сме полни 11 години.  Некако поминувањето низ овие фази во животот мислам дека многу ни помогна во брачниот живот. Знаеме кој што сака, кој како реагира, кога треба еден на друг да бидеме поддршка, кога треба да премолчиме...важен е балансот и почитта. Кристина тврди дека јас сум тој чиј збор го слушаат кога треба Ива и Давид да добијат некоја задача. Ќе кажам дека се умни и ретко не ставаат во ситуација да бидеме „лоши“.

ЖМ: Кој е построг, а кој попоустлив? 

- Дефинитвно јас сум построг, но во исто време знам да бидам и тој кој најмногу исполнува желби.

ЖМ: Како родител што мислиш за користењето на социјални мрежи од мала возраст кај децата?

- Противник сум на социјалните мрежи и не ми се допаѓа кога ќе видам профили на многу мали деца. Давид нема профил на ниту една социјална мрежа, а на Ива годинава и дозволивме да отвори целосно контролиран профил од наша страна за полесна комуникација со братучетките во странство.

ЖМ: Кој е најдобриот совет кој досега си им го дал на твоте деца?

- Да веруваат во себе.

ЖМ: Што е она што досега го научи како лекција од децата?

- Секојдневно учам нови и нови работи од моите деца. Често сум изненаден од тоа колку многу може да се научи од децата и колку во денешно време се напредни нивните размислувања и однесување. Децата сепак не учат на најважната лекција, и ни покажуваат што е тоа вистинска и безусловна љубов.

ЖМ: Како најчесто го поминуваш слободното време во кругот на семејството?

- Секое слободно време гледаме да го искористиме некаде на прошетка. Имаме многу пријатели и роднини низ државата и може да не видат во речиси секој град. Јас имам двајца браќа, Кристина има две сестри и сите живееме во различен град. Уживаме во убавините на Македонија без разлика дали е град, планина или езеро.

ЖМ: Што сакаат Ива и Давид да бидат кога ќе пораснат. Покажуваат ли афинитети за нешто?

- Првиот одговор на Давид е фудбалер. Сега е во таа фаза и многу го сака фудбалот така што нема друг избор. Ива оди на кошарка, а сака да биде хирург кога ќе порасне. И двајцата знаат како да се однесуваат пред камера. Ива е дел од хорот на Златно Славејче и честопати има настапи и сама патува во странство. Годинава на Златно Славејче ќе настапи како солист, а нејзината песничка пренесува супер порака -  „Баш е супер да си дете“. Засега не се определиле за новинарство, ама нека се живи и здрави се уште е рано за толку големи одлуки.

ЖМ: Колку со сопругата сте си поддршка еден со друг?

- Најголема.Таа е мојата поддршка за се, тука е и кога ќе погрешам и знае како да ме расположи кога не сум задоволен од сработеното, но и јас секогаш знам како да и дадам поддршка, иако ме бидува и за конструктивна критика.

ЖМ: Се случува ли Иван да влезе во кујна и да ја замени сопругата и да подготви ручек?

- Уживам во готвењето, тоа ме релаксира. Кога сум слободен секогаш јас сум тој го прави семејниот ручек. Ми велат дека имам златни раце, не знам дали навистина е така или е само изговор за тоа кој да ги наполни чиниите.

ЖМ: Колку често знаеш да ја изненадиш сопругата, без разлика дали е подарок, ручек, исперена, испеглана облека, исчистена куќа?

- Многу сакам кога ќе се израдува на подарокот. Вели дека до сега не сум погрешил. Никогаш не се враќам од странство без подарок за сопругата и децата, не сум пропуштил важен датум, ама знам и без повод и причина да ја изненадам. 

Габриела Додевска Глигоровска