Скопјанката Теа Петерсен има интернационална кариера: Дипломирав на Машински со просек 9.83, но не најдов работа во Македонија – зашто сум женско

Кога ја контактиравме Теа Петерсен (28) дипломиран машински инженер од Скопје, беше на платформа за нафта во Гана. Работи за англиска компанија на позиција Супервизор на инспекцијаи задолжена е за надзор, контрола на квалитетот, прегледување и давање препораки на сите извештаи за опремата под притисок.

Работата е интересна, секој ден нешто ново се случува. Деновите се долги, работиме по 12 часа минимум, за време на цела ротација која трае 28 дена, но затоа имам 28 дена одмор. – вели Теа и дополнува дека работи со луѓе од сите краеви на светот, а со неа е и колешката од студенските денови, Маја Ѓорѓиева, која го води тимот за инспекција.

Презимето Петерсен е од нејзиниот татко, кој е по потекло од Данска, но никогаш семејно не живееле таму. Сепак тој го применил скандинавското вопитување во семејството. Пред 16 години, нејзините родители од Скопје одлучиле да се преселат во куќа во село Морани, за да го избегнат градскиот хаос. Паралелно со учењето, била вклучена и во семејниот бизнис на своите родители – фарма на кокошки и изработка на јуфки.

- Додека бев во средно училиште, случајно со семејството гледавме докуметарна серија на National geographic, во која сe прикажуваше работата на луѓето на платформа за нафта. Голем впечаток ми остави фактот што немаше жени што работат на таа платформа. Тогаш му кажав на татко ми дека еден ден ќе работам на платформа, некаде на море и  ќе покажам дека и жените можат да бидат успешни во таа професија. - открива Петерсен.

- Бев на отворен ден на Машински факултет и ги разгледувавме сите смерови. Најголем впечаток ми остави Хидраулично Инженерство и Менаџмент на Води. Една од причините зашто се одлучив за тој смер беше и фактот што професорите велеа дека е еден од најтешките. Знам дека може звучи нереалистично, но тие што ме знаат, ќе ви кажат дека дадов 100% во секој предмет. Бев заинтересирана и сакав да работам на проекти и им благодарам на професорите што ме вклучија во нив и ми даваа шанса да научам повеќе. – вели Теа.

Најмногу сакала да проектира хидроцентрали. Пред да ги заврши студиите аплицирала за таа работа, тогаш првпат се соочила со реалноста. Нашиот главен град не беше спремен за рушење на стереотипот - дека жена може да е машински инжинер.

- За време на студирањето, за одредени смерови ЕЛЕМ даваше стипендии за 10-те најуспешни студенти во годината. Мислев дека после 4 години стипендирање, можеби ќе имам шанса да се вработам во ЕЛЕМ, или барем да почнам како практикант. Кога отидов да разговарам и да прашам дали има шанса да добијам работа, и што треба да правам, ми рекоа:„Девојче, читај весник и ќе си аплицираш на оглас кога ќе има место.“ Потоа бев на на интервју во друга фирма, каде што ме прашуваа: „Како ќе возиш до работа ако е на одалечено место проектот? Како ќе те гледаат мајсторите, ако девојка им стои над глава? Што ќе правиш ако ти се дупне гума?“ Одговорив смирено и културно: „Мислам дека не е ова место за мене и дека нема потреба да го продолжуваме овој состанок.“ Станав и си отидов, иако бев вознемирена. Ако на почеток и надлежниот ме гледа со такви очи, нема место за мене во таа фирма. Завршив факултет со просек 9.83, но не можев да најдам работа. – вели Петерсен.

Потоа видела оглас за работа во македонска компанија која се занимава со инспекција на цевководи, гасоводи, опрема под притисок. Не ѝ било сосема јасно што ќе прави, но на интевјуто ѝ рекле дека нема да има стандардно работно време во канцеларија, туку дека ќе ја праќаат на проекти во странство, кадешто фирмата добила тендер за работа. Тоа ѝ звучело интересно и привлечно. Набројале држави, а некои од нив не знаела каде се на мапа – Габон, Гана, Ангола, Малабо, Виетнам. Првото работно патување ѝ било во Виетнам. Правеле ултразвучно испитување на цевки во централа за електрична енергија, северно од Ханои, во едно мало градче – Uong Bi.

- Веднаш после Виетнам, ме пратија да одам во Габон, во џунгла. Бевме сместени во камп низ кој проаѓаа слонови, на место што го немаше ни на мапа. Кога слетав таму - што да видам, змии, слонови, мајмуни. А следниот проект ми беше во Бејрут, Либан. Кога се отвори позиција за координатор на инспекција во Гана, сметаа дека би можела да го работам тоа – бев предложена и ме прифатија да работам на тој проект. Почнав со работа на почетокот на 2018 година. Во фирмата тогаш веќе бевме повеќе девојки инспектори, од кои скоро сите од Машински факултет. Но, јас сакав да го исполнам сонот – да одам на платформа. Тоа се случи при крај на 2018 година. Првпат бев пратена на платформата. Чудовиште од брод, огромна машина, страв во коски. Но таму бев, морав да покажам дека можам да се снајдам. - појаснува Теа. 

Почнала да размислува за нов предизвик - изучила за API inspector.  Со тој сертификат ѝ се отвора ново професионално поглавје, прав чекор напред кон функцијата што ја има денес.

- Некако се наредија коцките и набрзо откако положив и ги добив сертификатите, се отвори позиција за надгледување на тимот за инспекција од страна на клиентите за коишто тогаш работевме. Аплицирав и ја добив работата, тоа беше за Јапонска компанија. Морам да наведам дека таа позиција беше за да работам на платформата за нафта, на постојана ротација. Што беше баш dream come true. Да споменам дека и брат ми Нино – работи како инспектор и оди на платформи за нафта и на различни проекти. – ја завршува приказната нашата успешна Македонка.

Супер ми е тоа што добивам цел месец за мене после работа – имам можност да се шетам, да завршувам обврски, да одмарам. Овој начин на живот сосема ми одговара, затоа што мојот партнер, Barry, е од Шкотска. Тој често доаѓа во Скопје и навистина му се допаѓа тука. – вели Теа, која на крај ни откри какво е чувството на плаформата и како се стига до таму.

На плаформата е строго. Има одредено време за состаноци, за јадење и за работа, кое мора да се почитува. Нема секогаш добар интернет, нема продавница, нема одење надвор на бродот без заштитна работничка опрема. Има одредени процедури за работа од кои не смее да се пречекорува, за наша безбедност и за безбедност на колегите. Работата е предизвикувачка затоа што секој ден носи нов проблем кој треба да се реши.

До платфомата се стигнува со хеликоптер од локален град во Гана. Имаме специјален тренинг за летање – во кој се прават различни вежби за како човек може да се спаси доколку хеликоптерот падне во вода. Страшно но возбудливо, тотален адреналински ефект.

За крај би сакала на сите девојки, жени, кои ќе ја прочитаат оваа статија да им кажам дека сѐ е возможно. Со работа и труд може сѐ да се достигне. И да не дозволуваат мислењата на другите, посебно не од луѓе со застарени принципи и големо его, да им влијаат на остварување на сонот.

Соња Алексоска Неделковска