Сѐ додека се држиме во граници на комфор, сѐ дотогаш ќе ни лизнува животот во лажна среќа

Минувајќи се повеќе време надвор на улица, заглавена помеѓу состаноци и средби со клиенти, се повеќе и повеќе забележувам дека совеемената жена која живее сега и овде се почесто бара причина за да биде убава, дотерана и средена. Патиките и вискозата кои и пред короната започнаа да го преовладуваат нашето секојдневие, сега станаа неизоставен дел од нашиот живот, па така дури и поминаа во општествен дрес код. Ако порано беше кежуал петок, сега е цела недела во знакот на првото што ми дојде го облекувам пред да излезам од дома. 

Таа само наметната комфор зона преполна со изговори не доведе до заматено огледало каде и силуетата на женското тело се изгуби и дојде до стадиум на секојдневни обиди за диети без резултати, секој понеделник започнување со вежбање кое никогаш не продолжува и се поголем избор на гардероба која сокрива. Поготово над 35, жената денес како да бара причина за да биде жива, како да не проголтаа секојдневните проблеми кои на секоја свадба или прослава ги маскираме во светки и невкус диктиран од состојби а не желби. 

Нивото на себе прифаќање помина во една лага која секој ден сами на себе си ја кажуваме, а се манифестира во несоодветни хеланки и патичиња (да ја цитирам мајка ми: како за берење пченка) носени на апсолутно несоодветни локации и без никаков интегритет кон нашиот род. Се додека се држиме во граници на комфор, се дотогаш ќе ни лизнува животот во лажна среќа. Вистинската среќа е кога не треба да се убедуваш сама себе дека си согласна со примораните избори кои животот во даден момент ти ги наметнал, туку тогаш кога велиш доста е веќе, станувам и менувам. Добро познатото од утре се претвора од сега, не јадам веќе станува навика, а се дотерувам за себе станува потреба. 

Не ми треба причина за да си купам убави чевли на соодветно висока потпетица кои секојдневно ќе ме искачуваат чекор нагоре на пиедесталот кон сопственото јас. Блузата и панталоните ќе ја пратат линијата на моето тело, а здолништето ќе го носам секој ден без никаков повод со причина сопствена среќа. Тоа што не ми се допаѓа - ќе го променам. Тешко ќе е да, нема да можам преку ноќ, но ќе дадам се од себе и нема да се откажам за да ја реализирам и задржам финалната цел - јас со оние килограми во кои вистински се пронаоѓам и за кои не правам компромис, јас во омилен сет на елек и здолниште во кој ги засенувам сите мои колешки на работа само заради тоа што јас и само јас сум причината да денес изгледам добро. 

Да, ќе имам ден кога нема да сакам ниту пак ќе имам сила да се дотерам, и тој ден тоа ќе го направам дупло подобро за свој инат, за да си докажам сама на себе дека можам се. Победи ги сопствените слабости и зависности и ќе можеш да го освоиш целиот свет. Совршена си, жена си, ти можеш се само кога сакаш.