Прва Нова година на Викторија Јаначковиќ како мајка: Никита е дел од сложувалката која ми била потребна и навистина успеав во животот

Годината што минува Викторија Јаначковиќ, стоматолог по професија, а на јавноста позната и како манекенка и модел, ѝ го донесе најголемиот подарок – ќерката Никита. Вели дека немала среќа да наиде на еден Македонец со кого ќе има компатибилност во многу сфери, потребни за еден складен партнерски однос, затоа што не ѝ треба лажна фигура на маж. Кога решила да стане мајка со татко донор, први ја поддржале родителите. 

За неа Никита е нешто најдобро што ѝ се случило во животот и сега ги разбира сите мајки на светот. За Новогодишната ноќ ќе бидат во едно многу убаво романтично рурално место во Србија.

ЖМ: Да се слуша внатрешниот глас, без оптоварување што ќе речат другите е одлика на зрела, интелегентна и храбра жена. Вие тоа го потврдивтево 2023 година, станавте мајка на прекрасна ќерка, со помош на татко донор. Како во прв миг реагираа најблиските за вашата одлука?

- Имам пријател писател, кој вика: „Да ми било гајле што ќе каже селото, јас трактор ќе си купев“. Не мислам секако на Скопје како локација или Париз или каде било, дека е село, мислам на општествени норми кои се применуваат само на одредени единки и изречени со цел за да се навредат нечии одлуки, од било каков карактер, приватно или професионално. Моите родители се едни прекрасни луѓе, лекари по професија, кои вложувале многу во мене како човек, за да можам денеска да функционирам во еден окрутен и полу болен свет. Настинат свет. Се надевам дека како општество ќе оздравиме во тој поглед. Први ме поддржаа и први кажаа, единствена паметна одлука која си ја донела без да даваш уште некоја шанса на некој мал небитен и јаден човек да те повреди со своите широки ко „тераса” погледи на светот и животот. Вкоренетото, традиционалното, поставување на формирањето на семејството е длабоко присутно во сите слоеви, од интелектуалци до помалку учени луѓе во Македонија. Тоа не е невообичаено во една Шведска, каде таткото презема обврски во домаќинството, кои за македноскиот маж се неприфатливи.Тоа стравично ми пречи. И секако, немав среќа да наидам на еден Македонец со кого ќе имам компатибилност во многу сфери потребни за еден складен партнерски однос, затоа што мене не ми треба лажна фигура на маж позади кој ќе ги кријам своите фрустрации. Такво глуматање не е својствено за мене. А во Шведска ме мрзи да одам (ха, ха, ха). Можеби мојата екстровертност, непосредност и отвореност ги иритира и ги заплашува мажите во Македонија до тој степен, да не се гледаат себе паралено со мене, не можат да ме „изхендлаат“, а тоа е за мене кукавичлук и знак на несигурност. Затоа мажите се склони кон тивки мирни и навидум скромни жени, што пак не ми се допаѓа. Јас сум толку обична како жена, а мажот овде ме доживува како нешто што би го вознемирувало во заедничкото партнерство. Едноставно речено, немав среќа да сретнам сродна душа. Секако дека е подобро детето да расте со двајца родители, но асинхронијата меѓу партнерите многу длабоко ќе се рефлектира на тоа дете. Кај нас многу често се случува да формираат семејство и за две години го прекинуваат или продолжуваат да живеат секој на свој начин, а остануваат поради лични интереси, а детето како сунѓер тоа го впива. Зарем тоа дете ќе биде посигурно и ќе чекори похрабро од моето дете? Сигурна сум дека не.

ЖМ:Марија Шерифовиќ годинава стана мајка со помош на татко донор и сурогат мајка. Според реакциите на социјалните мрежи се наметна поразителниот впечаток дека на дел од жените на ова поднебје им недостасува едукација во тој сегмент. Каков е впечатокот од вашето искуство?

- Нема никогаш да сфатам зошто некој само поради тоа што е славна и јавна личност се следи постојано нејзиниот или неговиот приватен живот? Затоа Марија и молчеше 2 години додека ги обавуваше неопходните работи за да се случи тоа. И тие живеат, дишат и имаат исти потреби како и овие „јакички на тастатура”. Конкретно за Марија, би ги прашала сите тие, дали пред сѐ знаат за овие термини што се користат, да се основа еден нов живот? Поим немаат. Дали ги знаат причините поради кој некој се одлучува на такво нешто? Поим немаат. Затоа, седете доле, добивте единица по час на емпатија, човечност и неосудување. Одвратно ми е и гнасно да читам коментари на некои недоделкани, прости и недоволно едуцирани и мажи и жени. И пак се појавуваат „јакичи на тастатура” и почнуваат да се расфрлуваат со семејните вредности, Библијата која ја злоупотребуваат, куцкајќи така на нет за Марија, Лидија или не знам која, додека „Митето” седи во кафана со осум другари и им се жали како работите не се како порано со женичката му. Опрајте се. Мене воопшто не ме интересира кој што и како мисли кога носам лични одлуки. Затоа и ги носам сама, ги известувам најблиските и сѐ после тоа е вакум. Од социјален аспект, бирам истомисленици со кои ќе испијам повеќе од едно кафе. А неистомислениците во повеќето случаеви не ги слушам, бидејќи да убедувам некого во нешто кој зборува за туѓи животи, прво не е мое ниво, стил и тоа ми е трошење на енергија, а и воглавно се плашат што ќе им вратам. Тие не го ни допиваат кафето со мене. И нека не ми се доближуваат. Досадни се и прозаични. А да, и да не ги заборавиме оние кои не дишеле воздух до мене, а кои најмногу знаат до најситни детали за мојот живот. Знаат тие „како сум успеала во животот”.

ЖМ: Можете ли да си кажете себеси: „Во годината што минува сѐ сторив како што замислив дека е најдобро за мене и не жалам за ништо?

- Никита е нешто најдобро што ми се случило во животот. Таа беше тој дел од сложвуалката која ми била потребна. Покрај сѐ што направив, сега навистина успеав во животот. Ова се сака, ова се дише, ова се љуби, ова е чудо. Сега ги разбирам, сите мајки на светот. Верувајте во себе, бесплатно е.

ЖМ: Што помисливте кога првпат ја зедовте ќерката во раце?

- Воопшто го немав тоа чувство на т.н магија која ја спомнуваат при земање дете во раце. Детето го зема педијатар веднаш, го доближува до вас и се следат болничите процедури. Не знам зошто, но имав патолошки страв од породување. Но, кога сериозно ја земав во раце, само кажав ова е мое и ќе направам сѐ да биде најсреќна на свет. И Никита е едно многу весело бебе, кое се гали, ги гали другите, дава и не очекува да ѝ се даде. Каприциозна е токму кога треба, и тоа многу ми се допаѓа. Сега за сега, мојата ќерка не е космонаут на 11 месеци, не сложува и расчленува просто проширени математички задачи, не зборува 12 збора и не говори 5 странски јазици, но е среќно дете. Не сакам баш во ништо да ја форсирам. Така да, мајки забавете. Оставете ги нека бидат бебиња, лигави плачливи и разгалени, има време кога животот ќе им ги симне розевите очила. Нејзина рутина е да слуша реченица секое сабајле - НИЕ СЕ САКАМЕ.

ЖМ: Се прилагодивте ли веднаш на новиот начин на живот? Колку тој ви се промени? 

Многу школски се однесував. Бев девет месеци на породилно и ни ден повеќе. Ми е напорно и ми е најубаво на свет. Не се жалам. Освен ако можам некако да најдам начин да поспијам. Како што вика еден мој пријател: „Така е само првите 30 години, после е полесно со децата”.

ЖМ: Како ви изгледа едно секојдневие? Кој најчесто ви помага?

- Станувам доста рано, но никогаш не сум ни била некоја спанка. Доза на гушкање пред работа е нешто што ми е најубаво со Никита. Одам на работа, давам сѐ од себе за својот тим и трчам накај дома да изпазарам сѐ што треба и да се вратам да се гушкаме со керќа ми. Во меѓувреме крадеме моменти за шетање кога е најмалку загадено. Тоа ми пречи многу. А потоа легнувам со исчекување на новата доза на љубов во следниот прекрасен ден. Кога станува збор за помош, жена за која најчесто станувам исправена кога говорам, е мојата мајка. Благодарам најмногу на цел свет, што ми помага.

ЖМ: Интересни се реакциите на бебињата кога за првпат ќе видат елка или играчка Дедо Мраз. Како реагираше вашата ќерка?

- Мислам дека наjтажна бев кога сфатив дека Дедо Мраз не постои. Дека нашите најблиски се кријат позади таа играрија. Никита си игра со Дедо Мраз и ги обожува украсите и светилките на елката. Малите деца знаат да се плашат од брада, па ја учев дека секој наш пријател маж кој има брада дека е Дедо Мраз. Сега кога ќе види човек со брада покажува со рачиња.

ЖМ: Каде ќе ја прославите новогодишната ноќ?

- Во едно многу убаво романтично рурално место во Србија.

ЖМ: Оставате впечаток на учтива, мирна и сталожена личност. Тоа се вродени особини или стекнати со текот на времето?

- Аууу како сум успеала да достигнам таков впечаток. Хахахах. Учтива сум и со фамилијарно педигре, меѓутоа импусливна сум, предиректна, ранлива. Стекнав искуство да станам имуна на одредени напади, професионални или приватни, и научив дека луѓето не можеш да ги менуваш ако тие не сакаат. Меѓутоа умеам бескрупулозно да ја кажам вистината дури и да бидам дрска. Но, интересно, луѓето таква ме прифакаат и ме сакаат. И јас ги сакам нив.

ЖМ: Што би смениле да можете да го вратите времето?

- Цитирам: „Мојот пат е моја молитва.“ Не газам преку никого и одамна веќе слушам како е светот окрутен. „Внимавај не можеш таква меѓу луѓето.” Се насмевнувам, бидејќи знам дека секогаш има некој кој ќе ме препознае. Некој кој има исто или слично срце. Срце во боја на востание.

ЖМ: Какви се вашите планови во Новата година? Што ќе ви биде приоритет?

- Да бидам здрава, како и моите најблиски, за да можам да го поминувам секој момент со Никита во убава атмосфера.

Соња Алексоска Неделковска