Поранешната новинарка не може да оди против Путин: Кандидатурата на Дунцова одбиена- ја опишаа како луда, храбра

Поранешната телевизиска новинарка Екатерина Дунцова беше спречена да се кандидира против рускиот претседател Владимир Путин на изборите следниот март поради „грешки“ во барањето за кандидатура, објави нејзиниот изборен штаб на платформата „Телеграм“.

Одлуката е донесена само три дена откако 40-годишната Дунцова поднела барање до изборната комисија за да биде пријавена како кандидат. Таа имала намера да се кандидира со програма која вклучувала ставање крај на војната во Украина и ослободување политички затвореници.

На видеото објавено од руски телевизиски канал се гледа состанок на централната изборна комисија, на кој сите членови гласале да не се кандидира Дунцова. Критичарите на Путин ќе го искористат затворањето на изборната кампања на Дунцова како доказ дека тој нема да толерира вистинска опозиција на првите претседателски избори од почетокот на војната во Украина.

Критичарите сметаат дека изборите се лажни процес со само еден можен исход.

Кремљ тврди дека Путин ќе победи бидејќи ужива искрена поддршка од голем дел од општеството, која според анкетите е околу 80 отсто.

Ела Памфилова, шеф на изборната комисија, упати утешни зборови до Дунцова. „Ти си млада жена, се е пред тебе. Секој минус секогаш може да се претвори во плус. Впрочем, секое искуство е искуство“, рече Памфилова.

Кога Дунцова рече дека сака да се кандидира минатиот месец, аналитичарите различно ја опишаа како луда, храбра или дел од планот дизајниран од Кремљ да го натера Путин да изгледа како да има конкуренција.

„Секој разумен човек што го планира овој чекор би се плашел - но стравот не смее да победи“, изјави Дунцова за Ројтерс во интервјуто во ноември.

извор: Н1