На синоќешниот концерт во Крушево: Пеејќи ги песните на Тоше ветивме дека ќе бидеме подобри луѓе

5 октомври е аманет, ветување, спомен. Спомен на едно незаборавно време, за сите нас кои беа во публиката на тој прекрасен настан– концертот на Тоше Проески на Градски стадион.

 Крушево повторно го исполни ветувањето дека секоја година токму на овој ден ќе ечат неговите незаборавни песни од илјадници грла. Аманет за сите сегашни и идни генерации, за достојно чување и негување на неговата прекрасна личност и на сите негови незаборавни дела.

Синоќа пред платото на Спомен куќата на Тоше неговите сограѓани сплотени со музичките пријатели од Балканот ги пееја неговите песни.

Настанот започна со „Инвиктус Бенд“,Велко Николоски и Александра Трајческа, кои ги изведоа „Те познавам“,„Hardest Thing„ „Малечка“,„Среќна ли си ти“ и „Рани на усните“ во придружба на Камерен оркестар од Битола.

Во вториот блок се преставија - Зоран Илиев („По тебе“ и „Усни на усни“)

Мите Стоилков и Александра Јанева кои го отпеаа дуетот „Волим осмех твој“.

На сцената се појавија и Димитар Андоновски( „Громови на душа“ и „Ако одам во Битола“) Славица Ангелова и Никола Зацески кои во дует ја изведоа „Немир.“

Бојан Маровиќ и годинава беше дел од настанот. Негов избор беа песните „Тајно моја“ и „Још увјек сањам да смо заједно“

Фрајле од Србија ги отпеаа „Јовано Јованке“ и „Во коси да ти спијам“.

Емоциите беа неизоставен дел од концертот.

-Синоќа го славевме делото на Тоше. Наша цел беше да ветиме пред сите негови песни дека ќе бидеме како него, дека ќе помагаме, дека ќе сакаме, дека ќе простуваме, дека ќе бидеме подобри луѓе. Каков што беше тој – ни изјави Стерули Штерјовски, дел од организацијата и голем пријател на Тоше.

Пред настанот делегација предводена од градоначалникот на Крушево Томе Христовски го посети вечното живеалиште на Тоше.

Водител на програмата беше Ирена Споировска. Настанот во организација на Спомен куќата Тодор Проески,  го снимаше македонската телевизија.

С.А.Н