Македонија ни даде инспирација за убава музика: Интернационалниот состав „Барселона џипси Балкан оркестар“ кој ја препеа „Море сокол пие“

На социјалните мрежи стана вирална изведбата на Barcelona Gipsy balKan Orchestra, со македонската народна песна „Море сокол пие“ во емисијата на познатиот српски новинар Зоран Кесиќ.

Бендот кој е интернационален, и обожава македонска народна музика, на 11 декември ќе одржи концерт во Филхармонија. За Женски магазин, членовите на бендот  ја раскажаа целата приказна на овој оригинален музички состав.

- Ние сме реално социјален пресек на мултиетнички и мултикултурен град како Барселона. Во истиот момент од нашите индивидуални кариери, бевме привлечени од балканската музика и се запознавме на џем сесии од тој стил во клубовите на каталонската престолнина. Моментално во бендот имаме луѓе од Грција, Шпанија, Украина, Србија, Италија и Франција“, ни рекоа од оркестарот.

Потоа, ја искоментиравме популарноста на изведбата на „Море сокол пие“, и нивната љубов кон македонската народна музика.

„Море сокол пие“ е песна која ја снимивме на нашиот последен албум, а на нашиот репертоар секогаш има многу македонски песни, со оглед на тоа што Македонија има музика која со својата милозвучност нè освои и нас и целиот свет. Многу истражуваме и поминуваме многу време испробувајќи различни песни од Балканот. Кога песната е поставена и гледаме дека сме додале нешто ново, таа влегува во репертоарот што го изведуваме на концерти. Неправилните ритми одамна престанаа да нè мачат. Тие се како столбот на јазикот што го учиш со години и го совладуваш чекор по чекор“.

За 10 години постоење, „Barcelona Gipsy balKan Orchestra“ настапиле во повеќе од 35 земји во светот. Балканот е една од нивните главни дестинации, која ги исполнува со гордост, имајќи предвид дека таму е срцето на музиката што ја свират.Музичарите од симпатичниот состав, се присетија на една од многуте анегдоти кои им се случиле во текот на кариерата:

- Има многу анегдоти, тешко е да се запаметат. Тие секогаш се поврзани со луѓето што ги среќаваме, во добро или во лошо. Од блиски средби со цариници на граничните премини на Балканот до луѓе кои на некој убав начин оставија вечна трага кај нас.

Една вечер, на враќање од турнејата, застанавме на бензинска пумпа во Франција, каде во тој момент слушнавме бенд од Австралија кој свири и балканска музика, а се познававме само преку Интернет. Тоа беше уживање кое траеше до раните утрински часови“, велат музичарите и додаваат дека едвај чекаат да свират во Скопје.

- Со големо нетрпение го очекуваме нашиот прв настап во главниот град на земјата што ни даде толку многу музички идеи, а репертоарот е составен од песни кои го опфаќаат целиот Балкан, а можеби ќе има и музички изненадувања“, завршуваат  „Barcelona Gipsy balKan Orchestra“.

Милица Џаровска