Интервју со Бисера Чадловска: Јас сум најгорда мајка на моето прекрасно девојче

Повеќе од 20 години, со својата диригентска палка, таа е заштитен знак на многу концерти и оперски претстави. Бисера Чадловска е уникатна и по својот успех како диригент и по својата појава. На сцената е секогаш елегантна како што налага приликата, а приватно вели дека ѝ е поудобно во спортска облека. Освен во својата работа, таа е вљубена во својата ќерка за која вели дека ѝ е најголемата гордост. Концертот за Василица што ќе се одржи утре и задутре е почетен повод за разговорот со Бисера.  

*Годинава на Василичарскиoт концерт, на програмата се оперски арии, зошто по серијата концерти на популарна музика се одлучивте за таква програма?

-Оваа година, по подолго време, дирекцијата на операта се одлучи за Василичарски концерт со оперски арии, Целта беше да се навратиме на првичните Василичарски концерти од пред од прилика триесетина години. Мислам дека промена од време на време добро ни доаѓа на сите, па така оваа година се одлучивме за потрадиционален пристап за разлика од минатите години.


*Кои арии ќе бидат изведени?

-Ќе бидат изведени популарни оперски арии од оперите „Турандот“, „Тоска“, „Лакме“, „Риголето“, „Набуко“...

*Очекувате ли голем интерес токму поради тоа што нудите разлилчна програма годинава, а не станува за популарна музика?

-Очекуваме интерес за концертот, токму поради промената на тематиката, можеби ќе биде тоа малку поинаква публика, онаа е љубител на класичното, на традиционалното. Сепак не смееме да го занемариме и тој дел од публиката на Василичарските концерти, Од разговори со доста луѓе, знам дека таа публика е многубројна. 


*Кој Василичарски концерт го паметите како најдраг досега, и имате ли интересна анегдота која нема да ја заборивите од претходните концерти?

-Најдраг ми беше концертот во 2020 година. Тоа беше концерт со малку поинаква идеја и пристап. Мојата идеја беше да се врзат песните една со друга и да нема прекин меѓу нив, туку концертот да тече во еден здив. Беше многу интересно и навистина многу се посветивме на тој концерт. Неговиот успех беше неминовен, мислам дека беше еден од најуспешните Василичарски концерти. А кога се анегдотите во прашање, ги има навистина премногу, не само на овие концерти. Ни се случуваат многу работи во текот на концертот, кои публиката не може да ги забележа, но учесниците и после долго време се присетуваат на нив. На пример на еден концерт го измешав редоследот на партитурите, по грешка земав друга партитура од таа што беше на ред и кога дадов знак за почеток, почнаа да свират сосема друга песна од таа која ја имав пред себе. Морав да застанам и да почнам од почеток, на публиката и се насмеав и и дадов до знаење дека погрешив. Беше симпатична грешка, публиката се смееше во салонот.


*На кој дел од вашата кариера и приватен успех сте најгорда? 

Горда сум на сите мои претстави и концерти. Скоро сите поединечно ги паметам, и оние најдобрите исто колку и помалку добрите. Веќе 20 години сум на сцената и сум горда на се’ што до сега постигнав. Се радувам што стекнав реноме на искусен диригент со голем репертоар зад себе. Приватно сум најгорда мајка на моето прекрасно девојче, таа е мојата најголема љубов. 


Милица Џаровска

Фото: Александар Томовски