ИНТЕРВЈУ ЃОКО ЈОВИЌ: Како дете нижев тутун, не го кријам тоа од фановите

Најважната лекција ја научив од татко ми. Еден ден ме седна и ми кажа: „Сине, јас можеби не сум ти дал богатство, но сум направил сите да зборуваат за тебе само убаво. Сум оставил чисто лице“. Тие зборови ќе ги паметам цел живот, раскажува познатиот пејач кој завчеравечер го претстави новиот албум, симболично насловен „Корени“

Со коктел-забава под отворено небо во еден познат скопски ресторан, Ѓоко Јовиќ официјално го претстави новиот албум „Корени“. Дури осум од песните со етно-поп манири се дело на проверениот авторски тандем Лазар и Магдалена Цветковски. Една нумера е на Миле Наумовски, а текстот го потпишува Марина Лотеска. Два дена по промоцијата, познатиот пејач ја отвори душата за „Женски Магазин“ и искрено проговори за својот пат до успехот. Како што вели, животот не му бил секогаш благонаклонет, но се радува што сега е реализиран човек, среќен татко и сопруг.

Со сопругата Ивана и трите деца

Женски Магазин* Со новиот проект отвораш и ново поглавје во кариерата. Во време кога многу популарни пејачи пласираат етно рефрени за да допрат до поширок аудиториум ти се одлучи фолкот да го замениш со поп. Зошто?

Ѓоко- Кога станува збор за, условно кажано, песните со кои почнав да ја градам својата кариера, на публиката ѝ подарив три албуми за кои, морам да бидам нескромен и да кажам дека беа одлично прифатени од публиката. Оваа објава е всушност една од моите животни желби, да промовирам албум со поп композиции кои мене ми се особено драги. Публиката има свои побарувања, нам ни останува да ги задоволиме потребите, во што се надевам дека успеав. Следејќи го развојот на музиката, сфатив дека е дојден вистинскиот момент за да го реализирам мојот сон. Трендот не знае да чека и мислам дека поп музиката е една од најактуелните во моментов на нашите простори, па затоа се одлучив за промени. Тоа не значи дека ја потценувам народната песна, но ете, тоа беше мојот сон, а соништата заслужуваат да бидат остварени.

Јовиќ со авторите Магдалена и Лазар Цветковски и со колегата Лозаноски


Женски Магазин* Долго време си на естрадата, имаш фанови кои редовно доаѓаат на твоите настапи, но дури сега почна повеќе медиумски да се експонираш. Тоа беше твоја одлука или едноставно не се поклопуваа коцките досега?

Ѓоко- Велат дека си онолку среќен колку што народот те поддржува и почитува, а морам да признаам дека мојата публика има огромно срце и будно ги следи моите настапи. Тоа се главно луѓе кои си ги сакам од душа, а таа љубов и почитта се заемни. Меѓу тие луѓе има и личности кои ми се особено драги и на кои сум им помогнал без да чекам нешто за возврат, бидејќи сметам дека Бог е подготвен да ти помогне и да те сака онолку колку што ти не можеш ни да замислиш. Затоа треба и ние да ги сакаме другите и да им помагаме. Бог постои во сите нас. Ние го вреднуваме и му даваме живот со тоа што ќе помогнеме некому, а тој ќе ни врати со поголема добрина. Бог е љубовта во нас. Сум помагал на луѓе кои немале ништо, сум помагал и на оние кои имаат многу. Не ги делам луѓето по тоа кој колку има. Едноставно ги почитувам оние што ме почитуваат, и секогаш сум тука за нив. Ако Бог е во моето срце, можам и јас да бидам во сечие. Таму каде што е Бог, таму сум и јас. Што се однесува до медиумското експонирање, секогаш сум се рекламирал онолку колку што ми барала и дозволувала мојата работа и моите нови ангажмани и песни. Морам да им се заблагодарам на сите медиумски и новинарски куќи кои со години неуморно стојат рамо до рамо со мене и секогаш се во чекор со моите проекти.

Познатата водителка Лила Стојановска му даде максимална поддршка за овој проект

Женски Магазин* Не си од оние деца на кои родителите им сервираат на тацна туку си морал самиот да се бориш со секојдневните предизвици. Која е животната приказна на Ѓоко Јовиќ?

Ѓоко- Како што знаете, потекнувам од Валандово. Во минатото моите родители се занимавале со земјоделие во кое преовладувал тутунот. И јас сум го работел тоа, знам колку е тешко и затоа ги ценам луѓето кои ја одржуваат во живот таа земјоделска култура. Не се срамам да зборувам за моето минато и секогаш сум подготвен повторно да го работам тоа. Најважната лекција ја научив од татко ми. Еден ден ме седна и ми кажа: „Сине, јас можеби не сум ти дал богатство, но сум направил сите да зборуваат за тебе само убаво. Сум оставил чисто лице“. Тие зборови ќе ги паметам цел живот.

Женски Магазин* Колку сопругата има разбирање за твојата работа? Какви афинитети покажуваат твоите деца?

Ѓоко- Заради школувањето и подобра егзистенција заминав во Скопје, каде што преку навистина трнлив пат успеав да се пробијам и да се изградам како личност. Се оженив и Бог ми подари три прекрасни дечиња и сопруга со неверојатно разбирање, па тука и останав да живеам. Животот не ми беше секогаш благонаклонет, но сега сум успешен човек, среќен татко и сопруг и најсреќен човек на светот. Морам да бидам искрен и да откријам дека Теодора е тотален слухист, исто како и Михаил кој е еден од моите наследници и покажува огромен потенцијал. И Јоан е талентиран, но времето ќе покаже.

Ѓорге Стојанов