Фризерот Мио за Женски Магазин открива: Кои фризури и бои ќе бидат најголем хит летово?

Над 25- годишното искуство и љубовта кон стилизирањето на коса, го направија еден од најбараните фризери во нашиот главен град. Дејан Мијоски или за своите блиски и познаници, препознатлив по прекарот Мио, за Женски Магазин отворено раскажува за својата професија, за новите летни трендови, но и за тоа колку коронавирусот влијае врз неговата работа.

* Веќе 25 години Ваша љубов е фризерството. Како започна Вашата приказна, и колку се промени стилот на Вашата работа од почетоците до сега? Што е најклучно за да се изгради еден препознатлив бренд кај клентите?

- Од кога памтам за себе, природно ми било да се восхитувам на естетика и уметност, па уште во основно училиште сум забележувал фризури, форми и како се движи косата. Слушајќи ги омилените рок и поп бендови, посакував да имам фризура, на пример како Simon Le Bon. Секогаш кога ќе се вратев од фризер, ги приметував сите недостатоци, па бев принуден сам да си правам корекции, како би дошол до посакуваната фризура. Изненадувачки, често успевав или бев блиску. Бидејќи ги приметував недостатоците и кај останатите, веќе во средно школо започнав да ги корегирам фризурите и на најблиските, кои задоволни од шишањето ме охрабруваа дека имам талент.

Иако завршив средно електро училиште, по сугестија на моите родители, од секогаш сум се чувствувал како уметничка душа, па така додека учев за електрични кола, во слободно време шишав, учев за уметноста и сликав масла на платно во домашни услови. Ми беше јасно дека сакам да се занимавам со креативна професија, па природно се случи на свои 22 години да го отворам мојот прв салон. На самиот почеток немав доволно искуство и образование, но охрабрен од блиските се одлучив да почнам професионално да го работам фризерството. Некоја година подоцна заминав во Лондон на едукација во Tony&Guy и Vidal Sassoon, каде се стекнав со искуство и знаења што ми отворија нова перцепција за фризерството. Почнав да се развивам на повисоко ниво и да креирам фризури, да експериментирам со бои, на кои јас бев горд, а клиентите среќни и задоволни. Верувајќи дека косата е самодоверба, изградив свој препознатвлив стил и начин на изведба, почит и однос со клиентите, и со долгогодишна посветеност кон професијата и многу задоволни клиенти, МИО стана добро познат салон кој нуди врвна услуга. Одењето на фризер е посебен момент за секоја еден човек, особено жена, па навистина ми е важно клиентите да се чувстуваат пријатно, и задоволни секој ден кога ќе се погледнат во огледалото. 

* Кои фризури и бои ќе бидат тренд летово?

- Оваа сезона во тренд се фризури со практични форми, лесни за менаџирање и оние кои не бараат многу време за изведба. Посветлите тонови секогаш се добродојдени во летниот период, се разбира ако прилегаат на стилот и физиономијата. Бакарните и потопли тонови пак оддаваат карактеристичен и тренди изглед, особено ако се аплицираат на некоја похрабра форма. Би сакал да им препорачам на сите кои имаат боена коса, задолжително да ја негуваат со соодветна козметика, бидејќи само така ќе биде здрава, убава и подготвена за повторно боење на косата. 

* Дали клентите оставаат на Вас да изберете фризура за нив, или пак доаѓаат со веќе смислена? Како Ви е Вам подраго да работите?   

- Работам со голем број на клиенти, па има и различни ситуации. Секогаш преферирам прво да ја слушнам желбата и замислата на клиентот, па потоа јас да дадам свои сугестии и препораки, бидејќи не секогаш се согласувам со тоа што тие го посакуваат. Верувам дека успешноста во фризерството доаѓа од способноста да разберам што сака клиентот и тоа да го прилагодам на физиономијата и стилот. Уживам во професијата и задоволство ми е да работам со сите клиенти, но најкомфорно се осеќам кога добивам полна доверба од клиентот и кога имам слобода да креирам по моја лична инспирација. 

* Како се справувате со новонастанатата ситуација поради коронавирусот? Дали Вашите клиенти се исплашени и доаѓаат во помал број, или баш напротив? Кои препораки ги почитувате, што сменивте во пристапот на работата?

- Пред повеќе од една година одлучив да го променам пристапот во работењето и во мојот нов салон работам само јас, немам вработени, нудам персонализирана услуга која ја извршувам самостојно од почетокот до крајот, и секогаш има само по еден клиент во еден термин.  Ваквата промена беше одлично прифатена од клиентите бидејќи им се допадна што добиваат свој личен и приватен простор, и можност сите фази од изведбата на фризурата да ги работам јас. Ваквиот начин на работа е всушност идеален за новонастанатата ситуација со Ковид-19. Мојот нов начин на работа ми дозволи со мала адаптација да сум подготвен да продолжам да работам во безбедни услови. Промените кои ги воведов по настанување на кризата е носењето на заштитна маска, закажувам со поголем простор како би се намалила средба помеѓу клиентите, и правам постојана дезинфекција на просторот. Кризата се чувстува во голем број дејности, и јас чувстувам намален обем на работа, но со прилагодување и заштита продолжувам да ги нудам моите професионални фризерски услуги. 

Даница Караташова