Д- р Катерина Бошевска, генерална директорка на ЕОС Матрикс Македонија: Да ја пронајдеме среќата во малите нешта и да се радуваме на успесите

Балансирањето помеѓу личното и професионалното, помеѓу семејството и кариерата, како и потребата за пронаоѓање на личен мир се предизвик на денешното време. За овие теми, но и за актуелностите во областа на финансиите, кои се важни за секој од нас, разговараме со д-р Катерина Бошевска, генерална директорка на ЕОС Матрикс Македонија. За неа, денот како да има повеќе од 24 часа, па со нас ја споделува нејзината формула за балансирање помеѓу професионалниот развој и магијата на малите нешта кои го прават човек среќен и исполнет, како и онаа другата магија- новогодишната...

ЖМ: Каде е денес местото на македонската жена во нашето општество? Вие сте токму таа која ги крши сереотипите и секоја ваша акција резултира со успех! Од каде енергијата? 

Ви благодарам за комплиментот. Мојот став во поглед на жената кај нас е непроменет веќе извесно време. Жената во нашето општество е почитувана и вреднувана. Можности за успех и кариера постојат, прашање е колку е жената подготвена, односно колку е силна и решителна да оди по тој пат.

Позицијата на жените во земјава се менува и унапредува низ годините, особено доколку се гледа низ призмата на претприемништвото и бизнисот. Се разбира, постои потреба за натамошно унапредување на родовата еднаквост бидејќи тоа е стремеж кој треба да постои постојано и не завршува само со една или две генерации. Ние сме мала земја и мораме да го користиме целокупниот потенцијал за економски развој, иновации, а тоа значи целосна вклученост и на мажите и на жените која може да ни донесе значајни економски придобивки. Важно е сите да имаат подеднаква можност да се развиваат во областа за која се стручни и доколку дозволиме да доминира професионализмот тоа ќе донесе резултати и успеси во сите области.

ЖМ: „Finance Talks by EOS“е иницијатива на EOS Matrix и претставува платформа која на повеќе начини се обидува да ги приближи европските трендови и практики поблиску до финансискиот сектор во регионот. Дали и на кој начин се приближија до нас или веќе се дојдени?

„Finance Talks“ претставува иницијатива за обединување на светот од областа на финансиите кој ги вклучува банките, небанкарските институции, регулаторите, како и носителите на одлуки. Иницијативата има за цел да создаде платформа која е корисна за финансиските институции за размена на искуства, но и за следење на трендовите и регулативата на ЕУ. Јакнењето на партнерството и размената на искуства и знаења се исклучително корисни, а истовремено тоа е сигурен модел кој овозможува подобро планирање и успешно справување со предизвиците. „Finance Talks“ е насочен кон создавање предуслови за поголем развој во финансискиот сектор, со интенција за поттикнување на поголем економски развој. Како резултат на оваа соработка во рамките на „Finance Talks“ може да се забележи дека изминатиот период исти проблеми се актуелни и во регионот и во Европа, а тоа е високата стапка на инфлација и енергетската криза која ги погоди граѓаните и од Европа и во регионот. Во делот на регулативата прилично добро ги следиме трендовите и регулативите на ЕУ, но сепак се потребни доуредувања и прецизирања. Можам со сигурност да кажам дека она што кај нас недостасува е финансиска едукација на граѓаните. Забележуваме значаен напредок кога станува збор за дигитализацијата на платежните услуги што е овозможено со измените на Законот за платежни услуги кои претставуваат новина и олеснување во платниот систем. Исто така, дигиталната трансформација и на самите банки го промени начинот на кој размислуваат потрошувачите, но неопходна е едукација на граѓаните за придобивките и можностите од дигитализацијата на платежните услуги. Би сакала да истакнам дека она што во наредниот период ќе биде особено важно за корпоративниот, но и за банкарскиот сектор, е имплементирање на алатките и механизмите за зелена транзиција, како и едукација на корпоративниот сектор, особено на младите претприемачи за можностите за зелено кредитирање. Народната банка веќе донесе Стратегија за управување со ризици предизвикани од климатските промени што покажува дека ние сме во тек со глобалните трендови. Очекувам дека во наредниот период ова ќе биде актуелна тема бидејќи ризиците предизвикани од климатските промени не можат да ја одминат домашната економија и ќе мора да се креираат ефективни механизми кои ќе ја зајакнат отпорноста на домашниот пазар.

ЖМ: Кои се клучните прашања во финансискиот сектор во областа?

Финансискиот сектор изминатиов период беше изложен на значаен притисок предизвикан од инфлацијата, енергетската криза, како и од заострените услови за кредитирање и каматни стапки на кои се изложени и корпоративниот сектор и граѓаните. Можам да кажам дека ова се турбулентни неколку години кои пак отворија можности за иновативни решенија и инструменти во насока на обезбедување на стабилност на домашниот пазар. Ние во ЕОС сме посветени во континуитет да креираме решенија за менаџирање на побарувањата и на корпоративниот сектор и на физичките лица. Во период на криза се покажува дека постоењето на силен секундарен финансиски пазар кој ќе ги намали ризиците од нефункционалните заеми е од исклучителна важност. Секоја криза претставува можност за нови решенија кои ќе бидат во насока и на менувањето на навиките на корисниците, а го отвораат и просторот за едукација на граѓаните и компаниите за управување со финансиите. Сведоци сме и на забрзана трансформација и дигитализација на платежните услуги која е во функција на олеснување на плаќањата, а воедно придонесува и кон зголемена конкурентност, а со тоа и на транспарентност на финансискиот систем. Да заклучам, ризиците од долготрајната криза и инфлацијата сеуште постојат, но сметам дека истите претставуваат можност постојано да се развиваме и да придонесуваме кон ефективно менаџирање на финансиите, како и кон градење на алатки за отпорност на домашниот пазар со цел одржување на неговата стабилност и сигурност.

ЖМ: Како балансирате помеѓу работата и семејството? Вашата работа сепак е осетлива и опсежна, а од друга страна семејството исто така е приоритет... 

Успехот на жената е целосен кога го има семејството до себе кое верува во неа и ја поддржува, кога има разбирање за тоа колку е тешко да се успее, а да се биде во исто време мајка. Балансот е можеби најтешкиот предизвик во денешно време за сите нас. Но балансот исто така треба да се управува. Со добра организација на времето и особено активностите може да се постигнат целите кои ги замислувам за денот. Балансирањето помеѓу приватниот и деловниот живот за жените е поспецифично заради мајчинството. Во период додека се растат децата жената мора да има поддршка и помош за да ја одржи кариерата. Би било илузија да веруваме во спротивното. Предност е што живееме во општество во кое тоа е нормално затоа што е сосема разбирливо жените да работат и да создаваат успешна кариера. Мојот пристап кон ова прашање е едноставен, принципиелен и заснован на вредности. Приоритет е хармонијата во домот, разбирањето и организацијата на семејните активности. Се трудам моите деца да не трпат поради мојата кариера. Тие често ме гледаат како работам во домот или кога патуваме, но најважно е што сум со нив и моето присуство е она што ја прави разликата. Имам две ќерки, Теодора 16 години и Софија 12 години, и верувајте дека во овие возрасти мора да се посвети внимание. Со мојот сопруг Александар, кој е моја огромна поддршка и мотивација, посветуваме многу време на нашите деца, многу зборуваме, укажуваме, подучуваме, корегираме и се надеваме дека сето тоа ќе има некакво влијание врз нивниот понатамошен развој и одлуки кои ќе ги носат.

ЖМ: Како најчесто ги поминувате Новогодишните и Божиќните празници? Дали владее онаа магија која ја имавме порано...

Многу често се случува да патуваме во првите недели од Новата Година, затоа што го сакаме скијањето сите и задолжително сме во некој скијачки центар. Нашиот одмор е активен, но сепак интересен, имаме време и за читање, уживање и дружење, а најважно е што сме заедно како семејство. Тоа ни е особено важно, па затоа нема компромис околу зимскиот и летниот одмор. Тоа е време за нас.

Новогодишните и Божиќните празници за мене се особено значајни, имаат посебна енергија и будат емоции на радост и поврзаност. За мене и моето семејство подготовките околу Новогодишните празници имаат посебно значење, моментот на украсување по домот, особено поставувањето на елката секогаш имале посебно место и уживале посебно планирање на таа активност. Јас лично ја сакам таа магија на овие празници и ги учам моите деца на истото затоа што тоа носи среќа а кога си среќен си успешен во било што да правиш.

ЖМ: Дали ставате подароци под елка и што сакаат најмногу вашите деца?

Елката е најубава на Новогодишното утро. Со подароци под неа. Тоа е една убава традиција која навистина внесува уште поголема магија во нашите домови и носи голема радост и возбуда за децата. Јас ги охрабрувам моите деца да посакуваат подароци за Новата Година, и да веруваат дека ќе ги најдат под елката. Кај нас овие подароци се повеќе симболични, нешто што ни е потребно а го посакуваме, затоа што сакаме да пренесеме порака до нашите деца дека радоста се наоѓа во малите нешта.

ЖМ: Како ви поминува еден работен ден, а потоа како еден семеен ден?

Јас верувам во поговорката Кој рано рани две среќи граби. Функционирам рано, знам да закажам состаноци во 8 часот. Доколку имам потреба за нешто креативно тоа го правам наутро. Знам да пишувам наутро и слично. Правам посебно планирање на што ќе се посветам во текот на денот генерално, но многу сум флексибилна зависно од потребите на моите вработени. Знам да го пренасочам вниманието кон реалните потреби на некој, па да се навратам на моите приоритети подоцна. Мојот ден е многу динамичен, исполнет со многу комуникација. Се трудам да имам редовни средби со нашите клиенти, затоа што верувам во моќта на размена на идеи и комуникацијата како алатка за изнаоѓање на решенија.  Посветувам многу внимание на тоа каква е енергијата во канцеларијата тој ден, каква е мојата енергија, па зависно од тоа се одвива денот.

Семејниот ден е фокусиран на децата и нивните потреби приоритетно. Како тие растат и стануваат независни останува повеќе време за нас, па практикувам добар филм во кино, дружење со пријателите а задолжително на агендата е физичката активност, спортот е составен дел од нашиот живот.

ЖМ: На што ги учите вашите деца? А на кои вредности израснавте вие?

Јас лично растев во средина на силни семејни вредности, каде важноста на домот беше неприкосновена. Растев со девизата дека индивидуалните постигнувања мора да се остварат на база на длабоки знаења со цел да бидат ценети и вреднувани. Затоа за мене учењето беше бунарот во кој тонев со задоволство. Особено значајни вредности во животот стекнав со споротот со кој активно се занимавав во моите средношколски денови. Атлетиката ме научи на самокритичност, постојано преиспитување, мотивираност кон остварување на повеќе.

Како родител, се трудам да ги научам моите деца да си дефинираат вредности во кои ќе веруваат.

Мојата улога како родител е да ги насочам кон вистинските вредности но јас верувам во личниот избор, затоа што само тогаш тоа е вистински прифатено и применето.

Она што е за мене најважно да го постигнам со моите деца е да ги научам да бидат принципиелни, одговорни, посветени, мудри и отворено да зборуваат за своите чувства и размислувања.

Воспитувањето во денешно време е вистински предизвик. Треба да се натпреваруваме и надмудруваме со ТикТокери, Јутјубери и останати влијанија од интернетот. Сепак верувам дека за децата личниот пример на родителите е најсилното влијание, па затоа се трудам да сум со нив постојано.

ЖМ: Како доктор на науки, која е најголемата цел (цели) на еден човек во животот?

Човекот во животот треба да биде исполнет и среќен, да го прави она што го носи до тоа.

Јас во животот се водам според мислата на Конфучие Најди си работа која ја сакаш и цел живот нема да работиш, ќе уживаш.

Континуираното учење, отвореноста, амбициозноста, пронаоѓање на среќата во малите нешта, се цели кон кои треба се стремиме.

На крајот, она што го правиме и оставаме зад нас зборува за тоа што сме постигнале и колку сме успешни.

Да заокружам цитирајќи мисла од Нелсон Мендела како моја порака

Кога ќе успееме да се искачиме на еден висок рид, тогаш разбираме дека можеме и имаме уште многу ридови за искачување

ЖМ: Ваша порака за Новата година за нашите читатели

Новата Година да ни донесе нови можности и нови убави нешта!

Ја честитам Новата година и вам и на вашите читатели и посакувам многу здравје, среќа, лични достигнувања и успеси! 

Небојша Толески